Унгарија го преземa ротирачкото претседавање со ЕУ, кое започнува на 1 јули. Тие би можеле да бидат незгодни шест месеци за раководството на ЕУ, со оглед на тоа што унгарскиот премиер Виктор Орбан често беше во судир со Брисел, „разводнувајќи“ ги санкциите на ЕУ кон Русија, спречувајќи воена и финансиска помош за Украина и доведувајќи ги во прашање аспирациите на Киев за членство во ЕУ.
И поради она што властите во Брисел го гледаат како назадување на демократијата, Унгарија, или самонаречената „нелиберална демократија“, е казнета. ЕУ замрзна 6 милијарди евра (6,4 милијарди долари) средства наменети за оваа централна европска земја.
Сепак, и покрај „трнливите“ односи, шестмесечниот мандат на Унгарија како претседател во втората половина на 2024 година можеби и не е толку драматичен и проблематичен како што некои стравуваат.
Ротирачкото претседавање со Советот на Европската Унија, едно од главните тела за одлучување на блокот што го сочинуваат владините министри од земјите-членки, наизменично го има секоја од земјите-членки во период од шест месеци. Според овој аранжман, секоја земја-членка има можност да ја обликува агендата на Советот.
Според неколку извори во Брисел кои имаат познавања за ова прашање, унгарското претседателство нема да предизвика премногу непроспиени ноќи. Ова во голема мера се должи на два фактори: вистинската улога на претседателството и „необичниот“ политички календар.
Намалена улога
Да почнеме со првиот фактор. Претседателствата на Советот на Европската Унија не се тоа што беа. Имаше време кога земјата на која ќе и дојде редот навистина да ја контролираше агендата, одржувајќи соодветни самити во нивните престолнини и со нивните дипломати кои го водеа шоуто зад сцената.
Ова се промени во 2004 година, кога беше одлучено сите важни самити да се одржат во главниот град на Белгија. Промените отидоа подлабоко во 2009 година со склучувањето на Лисабонскиот договор на ЕУ, дизајниран да ја подобри ефикасноста и демократскиот легитимитет на ЕУ, а кој создаде голем број нови функции и суштински концентрирана моќ во Брисел.
Лисабонскиот договор создаде постојан претседател на Европскиот совет, кој главно се состои од шефови на држави или влади на земјите-членки. Оваа функција моментално ја држи белгискиот политичар Шарл Мишел, кој има петгодишен мандат и претседава со сите самити.
Советот, исто така, има многу проширен и моќен секретаријат со персонал од претставници на ЕУ со експертиза во сите полиња на политиката. Договорот од Лисабон, исто така, создаде шеф за надворешна политика на ЕУ, позиција која моментално му припаѓа на шпанскиот политичар Жозеп Борел, и Европска служба за надворешни работи, за да и се даде одредена тежина на позицијата во надворешната политика. Главната задача на ова лице е да го подготви и да со претседава месечниот совет за надворешни работи на ЕУ каде што министрите за надворешни работи на блокот се состануваат за да донесат одлуки.
Па, како тоа влијае на унгарското претседателство? Тоа го намалува влијанието на двајцата членови на национал-конзервативната влада на Унгарија, кои најмногу го напаѓаат Брисел – премиерот Виктор Орбан и неговиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Будимпешта, се разбира, сè уште може да влијае на разговорите, како што се гледа со откривањето на нивниот слоган инспириран од Доналд Трамп – „Направете ја Европа повторно голема“ за претседателската функција минатата недела. Храбриот потег на Унгарија беше отфрлен како „тролање“ од многумина во Брисел, со чувство дека ќе има уште такви работи.
И додека двајцата мажи сè уште ќе претседаваат со неформалните министерски состаноци, па дури и со самитот во Будимпешта во ноември, нивната улога ќе биде прилично површна. Имено, тие, исто така, ќе мора да се соочат со прашања на прес-конференции и од странски медиуми, кои вообичаено имаат тенденција да ги избегнуваат.
Значи, што конкретно и останува на Унгарија да направи? Нивните други министри, како што се одговорните за земјоделството или правдата, сепак ќе претседаваат со состаноците на советот во нивните области, а унгарските дипломати ќе го прават истото во подготвителните работни групи. Целата идеја на ротирачкото претседателство е од актуелните функционери да се очекува да бидат чесни посредници и да бараат консензус меѓу земјите-членки.
Наместо да прави проблеми, Унгарија исто така може да одлучи да игра убаво. Зборувајќи со официјални претставници од различни земји-членки, некои истакнаа дека, иако Унгарија сигурно има агенда која често е во спротивност со консензусот, унгарските власти се однесуваат професионално во пресрет на претседавањето, нагласувајќи дека сè ќе биде спроведено како по книга.
Политички календар
Вториот фактор што може да ги намали унгарските амбиции да ја наметне својата агенда е политичкиот календар. Реалноста е дека во следните шест месеци малку ќе се смени во однос на новото законодавство во Брисел.
Тоа е затоа што главниот град на ЕУ ќе биде зафатен со назначување на нова Европска комисија, извршната власт на блокот и предлагач на нови закони, процес кој вклучува расправи во Европскиот парламент кои одземаат многу време за одобрување на новите комесари (по еден од секоја земја-членка). Се очекува тој процес да трае речиси цела есен, а Унгарија нема никаква улога во тоа.
Исто така, во голема мера имаше успешен обид на актуелното белгиско претседателство да ги расчисти дилемите пред Унгарија да ја преземе улогата. Тоа значеше потпишување на нови иницијативи и политики. Уште една рунда санкции кон Русија беше донесена на 24 јуни. На 26 јуни се очекува да бидат договорени и рестриктивните мерки насочени кон Белорусија.
Зелено светло добија и Украина и Молдавија за почеток на пристапните преговори на 25 јуни. Процесот на проверка на различните поглавја за пристапување во политиката на двата кандидати за ЕУ се очекува да потрае повеќе од шест месеци, а веројатно е дека Будимпешта воопшто нема да мора да се занимава со пристапот на Киев во ЕУ и дека следниот претседател на Советот на ЕУ, Полска, ќе се занимава со ова прашање во 2025 година.
И додека Унгарија се изјасни против подготвеноста на Украина да се приклучи на ЕУ, еден од приоритетите на Будимпешта за претседавање е да ги унапреди изгледите за членство на Албанија и Србија, а можеби дури и на оние на Босна и Херцеговина и Грузија. (Веројатно нема да има доволно поддршка од земјите-членки за зелено светло за последните две земји)
Пред унгарското претседателство, ЕУ дури и успеа да испрати воена помош во вредност од 1,4 милијарди евра (1,5 милијарди долари) за поддршка на Украина во одбраната од Русија. Овие пари доаѓаат од профитот од руските средства замрзнати во ЕУ, а Брисел го заобиколи ветото на Будимпешта на оваа мерка со напомена дека Унгарија се воздржала од првичната одлука за издвојување на овие пари.
Ова е добра илустрација за тоа како би можело да се одвива унгарското претседателство. За време на дискусиите во Брисел за ова прашање минатата недела, унгарскиот претставник цело време молчеше, додека министерот за надворешни работи Сијарто на Фејсбук објави лут коментар за законитоста на потегот за замрзнување на Унгарија. Ова би можело да биде планот за игра на Унгарија – да биде конструктивна и попустлива во Брисел, а опасен играч пред домашната публика.
А потоа, тука е и прашањето за парите и замрзнатите средства на ЕУ наменети за Унгарија. Иако беа усвоени 1,4 милијарди евра за Украина, унгарското вето сè уште виси над седум други транши воена помош, во вредност од речиси 7 милијарди евра, за земјата која е разурната од војна.
Унгарија е навикната да се пазари со Брисел и би можела да се обиде да ја поврзе својата поддршка за понатамошна воена помош за Украина со 6-те милијарди евра од фондовите на ЕУ што Брисел сака да ги ослободи. Доколку Будимпешта не ги исполни барањата на ЕУ за владеење на правото до крајот на годината, Унгарија трајно ќе загуби 1 милијарда евра. Тоа е договор што Унгарците ќе сакаат да го направат.
Извор: slobodnaevropa.mk