Поранешната министерка за правда, Рената Дескоска, утринава објави статус на социјалните мрежи во кој оценува дека за прв пат по неколку години извештајот на Европската комисија во делот на судството покажува дека „нема напредок“.
Како што објаснува професорката, во 2019 и 2022 имало „добар напредок“, во 2021 и 2022 следувало „одреден напредок“, за во 2023 тој да биде оценет како воопшто да го нема.
Според Дескоска, за оваа област одговорни се Министерството за правда и Судскиот совет во изминатата година и дека таа оценка е објективна. Ова, според поранешната министерка, треба да го вклучи алармот во овие две институции.
Taa најреално зборува за нашите успеси и неуспеси, а не како ние се гледаме во огледало или како нашите претходници, следбеници или политички конкуренти не гледаат или оценуваат нас. Јас искрено посакувам секој нареден извештај да е подобар од претходниот, или барем да покажува дека има одреден напредок, дека нема застој во реформите, дека одиме напред. За жал, тоа не е случај во делот на судството, коментира Дескоска.
Таа предлага власта да ги мобилизира интелектуалните потенцијали во земјата за што побргу да се излезе од затекнатата ситуација.
И барањето на решенијата не треба да биде во стилот на “префрлање на топката на одговорност”. Таа веќе падна пред нив и направи толкав кратер во кој може да се излизга целата земја.
Извештајот на ЕУ за (не)напредокот Ви ја покажа вистинската, грдата “слика на Доријан Греј”. Не вртете го погледот од неа, со тоа таа нема да исчезне.
Наместо тоа, наместо префрлање на одговорност и негирање на реалноста, оставете ги суетите на страна, бидете свесни дека во оваа област “битката за ситни политички поени” собрани преку јавни препукувања и надмудрувања може да биде фатална (како што и веќе се покажува дека е) и соберете ги сите интелектуални капацитети за да се најде излез од оваа ситуација. Граѓаните го очекуваат тоа!, пишува Дескоска.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.