Се чека повеќе од законските 15 дена за новите пасоши

January 22, 2024
3 mins read

„Тие што сте се фотографирале по 17 декември 2023, залудно чекате, вашите документи не се готови“. Со овие зборови, во неколку наврати во рок од два часа, двајца полицајци пред вратата на пунктот во Македонската радио-телевизија (МРТВ) ги враќаа граѓаните кои денес претпладне (22.01.2024) дојдоа да земат лични документи со новото име на државата, Република Северна Македонија.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) за РСЕ велат дека личните документи се издаваат во законски предвидениот рок. Но не одговорија на прашањето дали има обрасци за непречено да се изработат новите лични документи.

„Се фотографирав на 2 јануари, ми рекоа дека за 20 дена ќе биде готов. Дојдов точно навреме, но сега ни велат ние со датум подоцна од 17 декември, да дојдеме друг пат“, изјави скопјанка која денеска чекаше пред просторијата за издавање документи во МРТВ со надеж дека ќе го добие новиот пасош.

„За една недела се ќе се среди. И сами знаете, не може во шише од еден литар да се соберат два литри вода“, ги уверуваше полицаецот граѓаните што негодуваа.

Според Законот за патни исправи, пасош по редовна постапка се издава во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето. Со новите повисоки цени од март минатата година, овој пасош сега чини по 2.000 денари за лицата над 27 години.

Доцнат и пасошите по итна постапка

И издавањето на документите по итна постапка им прави стресови на граѓаните. Пензионерка од Прилеп, која живее во странство, чекаше пасош за кој се фотографирала на 18 јануари. Од шалтерот за издавање итни документи во МРТВ ѝ рекоа да дојде после 12.30 часот.

„Ама не можам да стигнам, автобусот за Виена ми е во 13 часот. За тоа платив сто евра, да го направите навреме“, реагира жената.

Пасош за итна постапка треба да се изработи во рок од 48 часа. По поскапувањето чини 6.100 денари.

Метеж се уште има и пред полициската станица „Пролет“, каде е пунктот за фотографирање без закажување. Луѓе што чекале ред од 7 часот утрово, во 10.30 уште неа беа влезени.

Никој не се јавува на бројот за закажување?

Ерол М., 76-годишен скопјанец, сакаше да извади нова возачка дозвола.

„Се јавив на телефонот за закажување, ми закажаа дури во август. Дојдов тука, со надеж дека ќе завршам порано, но можам цел ден да стојам на нозе. Ќе го чекам терминот во август“, вели Ерол, додека луѓето околу него го уверуваат дека и со стара возачка може да вози, ако е со важечки рок.

Други граѓани се жалат дека со денови не можат да добијат оператор на телефонскиот број 072 92 92 92 за да закажат термин за промена на личните документи.

„МВР ги користи сите капацитети за граѓаните да добијат лични документи. Покрај редовното работење со закажан термин, овозможивме и фотографирање за лични документи без закажан термин во ПС „Пролет“, ни одговорија од МВР.

Народниот правобранител Насер Зибери викендов, во интервју за Радио Слободна Европа, рече дека по Новата година до него стигнале претставки од граѓани кои не можат да ги добијат патните исправи во предвидениот рок.

„Овие претставки почнаа да пристигнуваат по Нова година и ние ќе се обратиме до МВР зошто се доцни со издавање на веќе изготвените, претпоставувам дека се изготвени тие патни исправи и ќе реагираме. Во одредени неофицијални разговори добив информација дека има недостаток на обрасци. Со сигурност тврдам дека има недостаток на обрасци за двојазични патни исправи, но мислам дека има недостаток и на обрасци за други документи“, рече Зибери во интервјуто.

Има уште 20 дена за граѓаните да ги сменат личните документи до 12 февруари, кога истекува рокот според Преспанскиот договор потпишан со Грција за граѓаните да ги сменат документите и да добијат нови со уставното име на државата – Северна Македонија.

Според податоците од МВР, од 5 јули 2021 до 16 јануари 2024 се променети 1.050.439 лични карти, 1.211.776 пасоши и 546.741 возачки дозволи.

Министерството за внатрешни работи најави дека личните карти и возачките дозволи кои се со валиден рок, ќе важат и после овој датум, но само за внатрешна употреба. Проблем остануваат само оние што имаат пасоши кои не се со името Северна Македонија. Сепак турканиците на пунктовите за издавање на нови лични документи продолжуваат

Рокот остана и по изјавите на политичарите

Претседателот Стево Пендаровски на 9 јануари кажа дека може да се пролонгира Законот за патни исправи до септември, оти, како што рече, нема смисла да продолжи хаосот со вадење нови документи. Според Пендаровски може во едно попладне да се интервенира во законите за лична карта, за патни исправи и во законот за безбедност на сообраќај, а претходно да се извести Грција дека Северна Македонија нема намера да бега од обврските до Преспанскиот договор.

Премиерот Димитар Ковачевски ден потоа рече дека за предлогот на претседателот ќе се разговара на седница на Влада, но дека Пендаровски најдобро знае како тоа може да се реши на меѓународно ниво со Грција.

По предлогот на Пендаровски, Ковачевски чека претседателот да преземе нешто со Грција. Од Кабинетот на претседателот на државата, пак, рекоа дека тој дал предлог за надминување на проблемот, но дека таа процедура е во надлежност на Владата и на Собранието.

Преспанскиот договор со Грција беше потпишан на 17 јуни 2018 година. Иако роковите од Договорот почнаа со промената на Уставот во февруари 2019 година.

Извор: Радио Слободна Европа

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

„Полиграф“: Кои медиуми објавија неточни и нецелосни информации за Извештајот за глобалните ризици 2024?

Следно

Во Грција се зголемува додатокот за секое родено дете

Latest from Blog

Поранешен влијателен пратеник на ДУИ му се приклучи на Меџити

Поранешниот пратеник на Демократската унија за интеграција, д-р Арбен Зибери, внук на првиот албански кандидат за премиер, Насер Зибери, одлучи да продолжи со своето политичко ангажирање со Изет Меџити. Семејството Зибери е

Шамбевски повикува на независна истрага за злоупотребите во СЈО

Сведоштвото на поранешната обвинителка во СЈО, Лејла Кадриу, е едно од најсериозните и најдиректните откритија за тоа како функционирала злоупотребата на правосудниот систем во Македонија. Ова не е сензационализам – тоа е

ФФМ го трансформира македонскиот фудбал со сопствен ЛЕД екран од 210 метри

Фудбалската Федерација на Македонија (ФФМ) направи значаен исчекор кон модернизација на стадионите и подобрување на спортската инфраструктура. Наместо изнајмување, федерацијата инвестираше во сопствен ЛЕД екран долг 210 метри, што создава целосно ново

Во Иран се уапсени истакнати реформистички политичари

Уапсена е Азар Мансури, лидерка на реформистичката партија, заедно со неколку други политичари, наведуваат медиумите. Иранска новинска агенција го потврди апсењето на четворица политичари, но не ги именуваше. Според агенцијата, политичарите се

Од визија до акција – Божиновска за улогата на жените во енергетиката

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска се обрати на настан во рамки на проектот ELeVATE, посветен на охрабрување и поддршка на девојки и жени за кариера во Net-Zero технологии,
Go toTop