ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение изнесе обвинувања за наводна поврзаност меѓу поранешната власт на СДСМ, предводена од Зоран Заев, и бизнисменот Миодраг Давидовиќ – Дака.
Според партијата, „поврзаноста на владата на СДС под водство на Зоран Заев била длабока“ и била позната уште во 2020 година, кога во јавноста се појавија аудиоснимки.
Во соопштението се наведува дека на снимките се слуша разговор меѓу Давидовиќ и Зоран Милески – Кичеец, за кого од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека бил посредник.
„Дака му вели дека на Заев му дал 300 илјади евра и 2.000 метри квадратни земјиште“, стои во партиското соопштение.
Понатаму, се додава дека „Кичеец бил посредник на Заев, кој Дака го рекетирал за да им завршат одредена бизнис услуга“.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат и дека во разговорите се споменува намена на средствата:
„се слуша и како прорускиот бизнисмен кажува дека парите, 300 илјади евра, кои му ги дал на Заев, тој ги искористил за да направи изборен инженеринг за референдумот за името“.
Во истиот контекст, во соопштението се споменува и името на Драги Рашковски.
Партијата дополнително наведува дека „ниту Заев, ниту СДС ги негираа овие снимки“, што, според нив, „потврдува дека тие биле точни и автентични“.
Во продолжение, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека постоела поширока поврзаност на тогашната власт со бизнисменот, вклучително и наводи за урбанистички одлуки:
„можеби и токму затоа помагале за менување на ДУП во град во западна Македонија“.
Од партијата посочуваат дека „до денес нема никакво негирање или демантирање за овој случај“ ниту од Заев, ниту од СДСМ.
Во соопштението се заклучува дека „каде има криминал и корупција, таму се СДС, Заев и Филипче“.
Извор: kurir.mk


