Рударството станува геостратегски приоритет во ЕУ, Македонија сѐ уште балансира

November 28, 2025
3 mins read

Она на што во минатото се гледаше како на „суровинска база“ за технолошки развој, денес во Европската унија е во центарот не само на економските, туку и на стратешките безбедносни политики. Рударството и преработувачките капацитети станаа критично неопходни за постигнување на климатските цели, како и целите на дигиталната и енергетската транзиција на земјите членки. На десеттата конференција за критични минерали, Европската унија најави нов повик за финансирање на рударски и преработувачки капацитети, со јасна порака: кој ќе обезбеди сигурен пристап до металите на енергетската транзиција, ќе ја обезбеди и својата индустриска и одбранбена иднина.

Повикот доаѓа како одговор на неизвесноста што надвисна над Европа поради заострените трговски и геополитички тензии меѓу САД и Кина околу ретките минерални суровини, наметнувајќи ја темата дека од критичните суровини зависи и економската и воената сигурност на Унијата. Со носењето на Законот за критични суровини, ЕУ јасно ја постави целта и покрена иницијативи за диверзификација на снабдувањето, но се соочува со предизвици при претворањето на овие планови во реалност, поради бавната бирократија и недоволните инвестиции во домашни проекти.

Во таа насока, минатиот месец во „Фајненшл тајмс“ се појави анализа дека Европа заостанува во трката за создавање стоковни резерви на критични суровини, и дека без сопствени резерви ќе остане ранлива на ценовни шокови и извозни контроли од страна на големите добавувачи, како што е Кина. Во ваков контекст, стоковните резерви не се само економска мерка, туку и прашање на безбедност и стратешка автономија: без нив, секоја турбуленција на пазарот може да се прелее во индустриски застои, поскапувања и дополнителна зависност од политичката волја на трети држави.

Каде сме ние во оваа голема слика?

Македонија сѐ уште има балансиран пристап кон рударските проекти, иако формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) праќа сигнал дека рударството ќе биде дел од стратешките економски политики на државата. Самиот процес на „будење“ на рударската индустрија, сепак, се одвива бавно.

Во МЕРМС е во тек подготовка на два нови предлог-закона, за геологија и за рударство, кои треба да го заменат постојниот Закон за минерални суровини. Со новите закони рударството ќе се помести кон модел во кој клучен дел од новите проекти мора да бидат рекултивацијата, заштитата на животната средина и придобивките за локалната заедница.

Овој поместувачки момент доаѓа во време кога Европа паралелно промовира рударски проекти, но ја заострува и регулативата за рударството. Земји како Шведска и Германија одамна покажуваат дека современ рудник значи истовремено и строги стандарди за животната средина, транспарентност и план за „живот после рудник“.

Новата регулатива во Македонија треба да обезбеди подобра заштита на животната средина, со имплементација на строги еколошки стандарди при истражувањето, експлоатацијата и преработката на минералните суровини. Ќе се воведе обврска за санација и рекултивација на терените по завршување на рударските активности, како и можност за преработка и искористување на минералната суровина од старите одлагалишта. Рударските компании ќе имаат обврска да обезбедат поддршка на локалните заедници – преку инвестиции во локална инфраструктура и во социјален развој – а заедниците ќе се вклучат во процесите на одлучување.

Исто така, поголем дел од надоместоците за минерални суровини и приходите од рударството ќе остануваат во општините каде што се врши експлоатацијата. Се предвидуваат и поголема контрола и транспарентност, кои треба да обезбедат и подобра заштита на природните ресурси.

Со новиот Тарифник од 1 јануари 2025, уделот што им се распределува на општините за бакар, злато, олово и цинк е двојно зголемен од 2% на 4% од пазарната вредност по тон метал во концентрат. Министерството веќе информираше дека за концесиски надоместоци се наплатени рекордни 931 милион денари за девет месеци во 2025 година.

Осогово и домашната карта на критични суровини

На домашен терен, Осоговскиот масив и кратовско-злетовскиот појас одамна се дел од „тврдиот“ индустриски профил на Македонија. Рудникот „Злетово“ и поширокото наоѓалиште традиционално се третираат како олово-цинков систем, но минералната слика е многу поширока: во минерализацијата и во секундарните текови се среќаваат сребро, германум, индум, кадмиум, бизмут, галиум и злато. Овие елементи имаат растечка технолошка употреба во фотоволтаици, полупроводници, батериски ланци и специјални легури.

Европа гледа и кон Балканот

Комплетната слика на ЕУ не завршува на нејзините граници. Во регионалните дебати се споменуваат потенцијалите на Балканот, особено бакарот и сродните метали, како логично продолжение на европските синџири на снабдување, доколку земјите од регионот успеат да обезбедат стабилна регулатива, транспарентни процедури и еколошки стандарди споредливи со европските.

ЕУ ќе бара од регионот појасни критериуми за тоа кои проекти се „стратешки“, јавни анализи на ризиците (еколошки, социјални, геополитички), и вградување на европските стандарди за транспарентност и учество на заедниците, особено во региони како Осогово, каде локалната економија е тесно поврзана со рудниците.  

Ако досега беше индустрија што носи извоз и буџетски приходи, иднината на рударството е да стане активност што функционира во рамката на одржлив развој, на заштитата на животната средина и на фер односот кон заедниците.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Како хидроцентралите ја менуваат улогата во македонскиот енергетски систем

Следно

Македонски Концепт предупредува: Предлогот на Левица е пат кон нови долгови и партиски вработувања

Latest from Blog

Василица и Стара нова година во духот на македонските обичаи во Албанија

Македонците во Република Албанија го прославија Стара нова година и Св.Василиј – Василица, со кој се означува почетокот на Новата година, според јулијанскиот календар. По традиција празникот се одбележа во духот на

8 ГОДИНИ ПОЛИТИЧКА КРИЗА, ПАК НЕУСПЕШЕН ОБИД ЗА ФОРМИРАЊЕ ВЛАДА ВО БУГАРИЈА: И од коалицијата ПБ-ДБ му го вратија мандатот на Радев

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска го предаде вториот мандат за формирање влада на парламентарната група „Продолжуваме со промените“ – Демократска Бугарија, но претставниците на коалицијата веднаш го вратија, пренесуваат тамошните медиуми. Асен

Кога политичарите седнуваат зад тапаните: Подарок на јужнокорејскиот претседател за јапонскaта премиерка Такаичи

За време на неодамнешната посета на Јапонија, јужнокорејскиот претседател Ли Џе-мјунг и подари на јапонската премиерка Санае Такаичи сет тапани произведени во Јужна Кореја, соопшти претседателскиот кабинет. Такаичи е позната по тоа

Изминатата година беше трета најтопла во историјата на мерењата

Минатата година беше трета најтопла година во историјата на глобално ниво, покажуваат податоците што денеска ги објави Европскиот центар за среднорочни временски прогнози (ECMWF), кој раководи со климатската служба „Коперник“ (C3S). Глобалните
Go toTop