ЈП „Пазари“ Битола како претпријатие има основна цел и задачи да ја одржува стабилна финансиската состоја на претпријатието преку максимална искористеност на пазарните капацитети и деловниот простор со кој располага претпријатието, со што би се овозможиле постојани и стабилни извори на финансирање на истото, како и тековна ликвидност на претпријатието преку рационално користење на финансиските средства и сведување на трошоците на оптимално ниво, вели директорот на претпријатието Драги Џаревски.
Основната дејност „Пазари“ ја извршува од наплата на приходите од продажбата на услуги на домашен пазар и наплатата на наемнини.
„За моменталната состојба во претпријатието, ако ја погледнеме расходната и приходната страна, таа е следна; во делот кај расходите, најголема ставка на расходната страна се платите и другите издатоци за вработените во претпријатието кои сочинуваат дури 83 % од вкупните расходи, што се должи на неколкукратното покачување на минималната плата во државата, (со помал број на вработени од претходните години-зголемени трошоците за плата), покачувањето на цената на режиските трошоци, цените на материјалите за работа ,итн… Од друга страна кај приходите, од година во година бележи пад за околу 3-4 %, што се должи на намалувањето на бројот на склучени договори годишно за изнајмување на пазаришен простор, нелојалната конкуренција, отварањето на продавници за продажба на овошје-пилјари и големите маркети со пилјари, како и стариот ценовник со цените на услугите во ЈП Пазари кој датира повеќе од пред 20 години. Оттука се наметнува потреба, имајќи го предвид зголемениот општ индекс на цени во сите сфери на живеење, да се донеси нов ценовник на услугите со нови цени кои ќе ги нуди ЈП „Пазари“, објаснува Џаревски.
Тој вели дека треба да се напомене дека секоја година продолжува трендот за зголемување на минималната плата, со што се зголемуваат и платите на вработените во претпријатието и дека ваквата состојба на работите доведува до поголем дисбаланс на приходите и расходите на јавното претпијатие.
„Како финансиски ризик за ЈП „Пазари“ е појавата на нелојална конкуренција, што подразбира продажба на земјоделски производи на јавни површини (зелени појаси, тротоари) на кои површини не е дозволена продажба, со што се нанесува голема финансиска штета на „Пазари“. Како директна последица од ова е намалениот број на склучени договори на годишно ниво“ вели директорот на „Пазари“.
Според него, друг финансиски ризик претставува и сезонскиот карактер на производите што се продаваат на пазарот, тоа значи дека финансиските импликации врз ова претпријатие директно зависат од временски прилики што ќе ја одредат понудата на земјоделските производи, движењето на цените на големо и мало на земјоделските производи, куповната моќ на населението, квалитетот на изложените производи.
„Колку понудата на земјоделските производи е поголема на пазарот, толку се поголеми и можностите за зголемен финансиски ефект и обратно. Како предизвик на „Пазари“ е санирање на финансиската состојба во која се наоѓа претпријатието, за што неопходна ќе ни биде и помошта од страна на општинската администрација. Корегирањето на цените на услугите на ЈП „Пазари“ е една од опциите за санирање на состојбата на претпријатието. Моментално работиме со ценовник кој е донесен пред повеќе од 20 години и воопшто не соодветствува со денешната реалност“ објаснува Џаревски.
Исто така, како предизвик на ЈП „Пазари“, доколку биде во можност, а во рамките на своите финансиски можности ќе се стреми да ги подобрува условите за работа и продажба на градскиот пазар и тоа:
-асфалтирање или редење на коцка на улицата која влегува во пазарот од страната на поранешната стоковна куќа „Јавор“ се до излезот од пазарот што води до кај Дебојот;
-реконструкција и санација на санитарниот јазол на реон бр.6 во Градскиот пазар;
-работи околу кровната и внатрешната реконструкција на управната зграда кои останаа незавршени при нејзината реконструкција;
-доградба и поставување на настрешници на тезгите и павилјоните, онаму каде што не се направени;
За еден дел од споменатите ризици и овие предизвици, вели тој исклучително неопходна е максимална поддршка од Општина Битола и Советот на Општина Битола за спроведување на оваа санациона програма.
„Треба да напоменеме дека за оваа реализација на ЈП „Пазари“ е можна само со целосно спроведување на постоечките законски решенија за продажба на земјоделски производи и трговски стоки со кој како единствено организирано место за продажба се пазарите со кои стопанисува ЈП „Пазари“. Со тоа би се очекувале и зголемен број на склучени договори за издавање на пазаришен простор, би се зголемиле и приходите и истовремено би се подобрила еколошката слика на градот. Само на тој начин би создале услови за спроведување на санационата политика за подобрување на резултатите на „Пазари“. Во спротивно само повеќе би се влошиле“, истакнува директорот на „Пазари“.


