Разорни земјотреси во Јапонија: Од 1995 година во речиси 70 земјотреси загинаа десетици илјади луѓе

2 mins read

АНКАРА (АА) – ДИЛАРА КАРАТАШ / ЗЕЈНЕП КАТРЕ ОРАН –

Сместена во зоната на земјотреси на Пацификот, наречена и „Огнен прстен“, каде што се случуваат околу 80 отсто од најголемите земјотреси во светот, Јапонија во своето минато била сведок на многу смртоносни земјотреси, јавува Анадолу.

Во Јапонија, која се наоѓа во еден од геолошки најактивните региони во светот, од 1995 година имало речиси 70 земјотреси со јачина од шест или повеќе степени, при што загинале десетици илјади луѓе.

Екипата на АА собра податоци за најголемите земјотреси што ја погодиле Јапонија во последните 30 години, од земјотресот Хансин-Аваци што го претвори градот Кобе во урнатини во јануари 1995 година до вчерашните земјотреси во префектурата Ишикава.

Во повеќекратните земјотреси со јачина од пет до седум степени според Рихтеровата скала што вчера ја погодија префектурата Ишикава на западот на земјата и брегот на полуостровот Ното во овој регион, животот го загубија 48 лица.

Речиси 200 околни згради беа оштетени во пожарот што избувна во градот Ваџима на полуостровот Ното, каде што патиштата се урнаа по земјотресот, а околу 50.000 луѓе беа евакуирани низ целиот регион.

Геопросторниот информативен центар соопшти дека земјиштето во Ваџима на брегот е поместено за 1,3 метри на запад.

– Земјотресот во Кобе, најразорниот во последните 50 години –

Во земјотресот со јачина од 7,3 степени според Рихтеровата скала што го погоди градот Кобе во Јапонија на 17 јануари 1995 година загинаа повеќе од 6.400 луѓе, а околу 40.000 беа повредени во градот со околу 1,5 милиони жители.

Земјотресот што се случи на длабочина од 17 километри е евидентиран како најразорниот земјотрес во Јапонија во последните 50 години.

Додека земјотресот Хансин-Авачи (земјотресот Коби) оштети повеќе од 640.000 згради, ова тресење на земјата предизвика штета од повеќе од 100 милијарди долари на јапонската економија.

– Земјотрес во Ниигата –

Земјотрес со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала ја погоди Ниигата, во Јапонија, на 23 октомври 2004 година, при што загинаа 65 луѓе, а околу 3.000 беа повредени.

Истиот ден во регионот се случија уште два земјотреса со јачина од шест или 6,5 степени според Рихтеровата скала.

Земјотресот и цунамито на 11 март 2011 година уништија делови од североисточниот брег на Јапонија, при што загинаа околу 19.000 луѓе и предизвикаа нуклеарна криза во електрана во префектурата Фукушима.

Повеќе од 450.000 луѓе останаа без покрив над главата.

Речиси сите жртви и најголем дел од уништувањата во регионот беа предизвикани од цунамито.

– Земјотреси Кумамото –

Два последователни земјотреса со јачина од 6,2 и 7,3 степени, што беа регистрирани на длабочина од околу 11 километри, се случија во градот Кумамото во јужна Јапонија од 14 до 16 април 2016 година.

Во земјотресите загинаа повеќе од 200 луѓе, а речиси 3.000 беа повредени. Повеќе од 90.000 луѓе во регионот беа евакуирани од своите домови поради штетите предизвикани од земјотресите.

– Земјотрес во Осака –

Земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтер се случи во близина на градот Осака на 18 јуни 2018 година.

Четири лица загинаа, а најмалку 380 се повредени.

Од пожарот причинета е голема материјална штета на станбените објекти и патиштата.

– Земјотрес на Хокаидо –

Во земјотресот од 6,7 степени според Рихтеровата скала што беше регистриран на островот Хокаидо на северот од земјата на 6 септември 2018 година, загинаа 41 лице, а стотици беа повредени.

Додека многу куќи во островскиот град Ацума беа затрупани под земја поради лизгањето на земјиштето предизвикано од земјотресот, речиси 2.700 луѓе беа евакуирани во безбедни области.

– Земјотреси во Фукушима –

Земјотрес со јачина од 7,3 степени според Рихтеровата скала се случи во близина на префектурата Фукушима во североисточна Јапонија на 13 февруари 2021 година, при што беа повредени 160 луѓе и оштетени 1.700 згради.

По овој земјотрес забележани беа околу 80 последователни потреси со јачина од четири до пет степени.

Уште еден силен земјотрес ја погоди Фукушима на 16 март 2022 година.

Три лица загинаа, а 198 беа повредени. Земјотресот беше регистриран во близина на бреговите на префектурите Мијаги и Фукушима на североисточниот дел на земјата.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). .

Претходно

Министерство за здравство на Хамас: Во Газа има над 22 илјади мртви

Следно

Јовановска: Бебето со повреда на раката е во добра состојба, се работи за лесна пареза

Latest from Blog