Од субвенции на даноци и нивно намалување, преку рамен данок или воведување на прогресивен данок, па се до таканаречен олигархиски данок, се движат ветувањата на политичките партии во нивните изборни програми.
Најголемите политички понуди за даночни реформи се во делот на персоналниот данок и данокот на добивка, кои според сегашните правила изнесува 10 проценти, како и во делот на распределбата на данокот на додадена вредност.
Од бруто платите на македонските работници се издвојува вкупно 37,2 проценти кои завршуваат во државата каса. Трошоците за платите на вработените, што работодавачите ги одвојуваат за државата се речиси на ниво на европскиот просек кој изнесува 38,6 проценти, покажуваат податоците на Евростат.
Политичките партии во предизборните програми ветуваат системски даночни реформи, кои со години претходно ги најавуваа и не ги спроведоа до крај.
Економскиот аналитичар од Центарот за даночна политика Славко Лазовски вели дека од досега прикажаното, политичките партии несериозно пристапуваат кон идејата за системска даночна реформа, без при тоа да обратат внимание на даночните слабости кои со години се проткајуваат низ системот.
„Речиси сите партии тргнале од тоа, да ги задоволат интересите на одредени групи на граѓани, повеќе да му се додворат на народот, отколку сериозно да пристапат кон планирање на тоа што е неопходно да се направи во даночната политика“, вели Лазовски.
Прогресивниот данок повторно на „партиското мени“
Владејачката коалиција СДСМ- ДУИ својот мандат во 2017-та година го започна со наратив за праведно прогресивно оданочување како антитеза на рамниот данок воведен од страна на претходната власт предводена од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
Изминативе години владејачката коалиција на СДСМ и ДУИ „срамежливо кокетираше“ со овој концепт и истиот беше одложуван од година во година. И сега, по седум години владеење, повторно го најавуваат како системска реформа – концептот на прогресивен данок со почетна стапка од 0 % данок на личен доход за исплатена минимална плата.
„Целта што ќе се постигне преку оваа даночна реформа е повисоки и достоинствени нето-плати за оние граѓани и граѓанки со пониски примања, притоа давајќи силен импулс и во сузбивањето на сивата економија“, се вели во програмата на СДСМ, без при тоа да ги опишат деталите за тоа како планираат да изгледа процентуално даночењето по скалата нагоре.
Имено во 2018 година обидот на тогашниот министер Драган Тевдовски на замена на рамниот данок со прогресивен пропадна. Тогаш се предвидуваше државата да зема поголем персонален данок од граѓаните што имаат највисоки доходи, над 90 илјади денари месечно.
„Пратениците на СДСМ, пред да гласаат за ова, нека помислат дали се за бришење на Социјалдемократски од името на СДСМ“, напиша Тевдовски на Фејсбук, откако Владата одлучи да го стави прогресивниот данок во мирување во наредните три години.
Тевдовски беше сменет со долгонајавуваната „метла“ по изборите.
Тогаш се предвидуваше државата да зема поголем персонален данок од граѓаните што имаат највисоки доходи, над 90 илјади денари месечно.
Од друга страна, владејачката ДУИ во својата програма, нуди „50 отсто попуст“ односно, ветува намалување на ефективниот персонален данок до 50 проценти за работниците кои добиваат минимална плата, но и редефинирање на персоналниот данок во семеен данок. Кога станува збор за прогресивниот данок, ДУИ ветува само јавна дебата.
Според финансиската анализа на изборните програми на невладината Фајнанс Тинк, ветувањето за 0% данок на доход за примателите на минимална плата, обезбедува соодветна прогресивност во оданочувањето, но ќе предизвика дисторзија во услови на застапеност на сивата економија кај примателите на минимална плата. Тоа значи дека ќе повлече ризик за познатиот феномен „плата во плико“, односно разликата од минамалната до реалната плата работниците да ја добиваат на рака.
„Значи, понатамошно намалување на данокот на доход на минимална плата – повеќе од намалувањето определено со даночното ослободување – ќе го зголеми мотивот на работодавачите и работниците да нудат и прифаќаат осигурување на минимална плата, а исплата на остатокот преку „плата во плико“. Неопходни се механизми за превенирање и сузбивање на оваа појава, пред решението за понизок данок на минимална плата да биде ефективно“, се вели во анализата на Фајнанс Тинк.
Владејачката СДСМ влогот за дебата на актуелниот партнер ДУИ за системска даночна реформа го покренува со ветување за воведување на нов данок, данок на луксуз, кој според нивната програма треба да стапи на сила догодина.
„Тргнувајќи од принципите на еднаквост и социјална правичност, ќе воведеме данок на луксуз (богатство), со што сите оние што имаат акумулирано значително богатство пропорционално повеќе ќе придонесуваат за општото добро во државата и социјалните програми и услуги“, ветува СДСМ.
Минатиот септември Собранието го усвои Законот за солидарен данок, кој е еднократна и вонредна јавна давачка. Солидарен данок требаше да платат компаниите кои во 2022 година оствариле приход поголем од 10 милиони евра, а данок требаше да го платат само на екстра приходот. Управата за јавни приходи јавно предупредуваше дека од 156 компании, 24 не платиле солидарен данок и останале должни на државата 16, 4 милиони евра.
Левица го „надгради и прошири“ прогресивниот данок
Со ветување за прогресивен данок на изборите излезе и опозициската Левица која за разлика од власта, пак, со прецизно наведена скалеста стапка на прогресивен данок предвидува „персоналец “ до 5 проценти за минимална плата. По нивните проценки, платите до 550 евра ќе треба да се даночат со 7, 5 проценти, над илјада евра плата со 10 проценти „персоналец“, а тие над 3300 евра ќе треба да одвојат до 15 проценти за данок.
Во нивната програма се наведени и нови корпоративни даноци, потоа редовен данок на екстра профит таканаречен солидарен данок во услови на криза, како и данок на богатство кој ќе се плаќа на нето имот кој го поседуваат домаќинствата во кој влегуваат од домот до автомобилот и акциите во фирмите. Според Левица, данок нема да плаќаат тие што поседуваат богатство до 120 илјади евра, додека тие со двојно поголема вредност ќе треба годишно да платат 0,25 проценти од вредноста. Данок од еден процент од вредноста на имотот Левица ветува дека ќе им наплати на граѓаните чиј имот надминува половина милион евра.
„Воведување на нов олигархиски данок на луксуз за енормно скапи и непотребни т.н. луксузни добра: пр. накит, облека, обувки, уметнички слики, луксузни автомобили, јахти, приватни воздухоплови, хациенди и слично“, се вели во нивната програма.
Според анализата на невладината Фајнанс Тинк идејата на партиите да го зголемуваат даночниот товар врз формалната економија нема економска смисла, ако сива економија која „тежи“ 700 милиони евра годишно и натаму е надвор од фокусот на носителите на политиките.
Рамен данок – концент напуштен од земјите во регионот
Според акутуелните данични правила од платите на македонските работници се одвојува 10 проценти за персонален данок, и ист процент, односно рамен ранок се наплаќа за добивка. Овој систем на рамен данок го воведе владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА во 2007-мата година. Ист таков систем во тој период беше воведен во неколку земји од регионот како Бугарија, Албанија и Црна Гора, кои го напуштија во 2013 година, заменувајќи со го прогресивен данок.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во својата програма „1198“ ветуваа дека Македонија ќе биде меѓу земјите со најниски даноци со тоа што ќе задржат актуелниот даночен систем за рамен данок и дека нема да се зголемува ниту данокот на личен доход, ниту данокот на добивка кои изнесуваат 10 проценти.
Но, нивниот посакуван коалиционен партнер „Вреди“ пак, има поинакви гледишта за даночната политика. Тие ветуваат преполовување на данокот на добивка и ослободување до даноци за иселениците кои ќе се вратат во земјава за да инвестираат.
ВМРО-ДПМНЕ исто така, најавува даночни ослободувања за фриленсери, инвеститори, како и враќање на мерката „признат расход“.
Во однос на даночната политика, од партијата „ЗНАМ“ на Максим Димитриевски, која за прв пат настапи на парламентарните избори, имаа став само по едно прашање, а тоа е за данокот на имот.
„Укинување на данокот за купување на стан во кој живее сопственикот“, е наведено во нивната програма.
Даночниот аналитичар Лазовски смета дека најавите за нови даноци од една страна, па од друга страна даночни ослободувања и олеснувања, субвенционирање на одредени групи граѓани со поврат на даноци поради исплати на минимална плата се популистички мерки без целосно системко решение, кои што во основа го успоруваа економскиот раст на земјата.
„ Па ќе настанат компликации, избегнување на даноци, сива економија и слични последици. Се тоа треба да се отфрли, и да имаме јасна и цврста ориентација за да изградиме даночен систем како што се применува кај мнозинството земји членки на Европската Унија, затоа што сакаме да станеме членка на Унијата“, објаснува Лазовски.
Политичарите ветуваат разни субвенции во даноци
Речиси сите политички партии им ветуваат на младите до 29 години субвенции во даноци ако отворат фирма во земјава. Нивните ветувања се разликуваат во делот на прагот на даночење, кој се движи од 3 до 5 милиони денари односно од 50 до 80 илјади евра.
Ветуваат и ослободување од данок на личен приход за фирмите кои што ќе вработат млади до 29 години, а некои истото го ветуваат и за вработување на жени. Се ветуваат и даночни олеснувања за персоналниот данок за фриленсери.
Но, тоа не е сè.
Политичките партии ветуваат субвенции во даноци за странски инвестиции. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ветува дека ќе привлекува мултинационални компании кои имаат висока нето-добивка над 50 милиони евра, со намалување на данокот на добивка ќе биде 5 отсто од сегашните 10 проценти.
За разлика од нив, нивниот посакуван владин партнер „Вреди“ ветува дека на печалбарите што ќе се вратат во земјава со инвестиција од најмалку 50 илјади евра ќе им субвенционира даноци во првите три години, без притоа да посочат кои.
Од „ Вреди“ ветуваат и дека државата ќе им плаќа придонеси во следните три години на инвеститорите во, како што пишува во програмата, „албанската слободна зона“.
Владејачката ДУИ пак игра на карта здрава храна, па ветува воведување на таканаречениот „sugar tax“ за нездрави производи, не давајќи детали колку ќе изнесува тој данок. Дополнително ветува и „ tax free“ за потрошувачите од дијаспората и странство кои не живеат во земјава. А ветуваат и зелени даноци за заштита на животната средина. Еколошко (зелено) оданочување најавува и нивниот актуелен партнер СДСМ.
Македонскиот даночен систем има најмалку пет слабости, вели аналитичарот Лазовски. Според него најголемиот проблем е во тесната даночна структура од пет национални и пет локални даноци, дополнително системот за наплата е бавен, со многу трошоци за негово спроведување и оддржување, не се почитуваат доволно правата на даночните обврзници и не се обврнува внимание на наплата на локалните даноци.
Извор: Радио Слободна Европа