ИСТАНБУЛ (АА) – Портпаролот на израелската армија денес изјави дека Хасан Насрала, генералниот секретар на либанската група Хезболах, е убиен во голем воздушен напад врз јужното предградие на Бејрут.
Насрала, наводно, е убиен во синоќешните „интензивни и воздушни напади без преседан“ од израелски авиони Ф-35 врз локација во населбата Харет Хреик, главното упориште на Хезболах во јужен Бејрут.
Набргу по нападите, портпаролот на израелската армија, Даниел Хагари, рече дека нападот бил насочен кон главниот штаб на Хезболах, за кој тврди дека бил под станбени згради.
Насрала долго време беше високопрофилна цел за Израел поради неговото раководење на Хезболах, еден од главните воени противници на Тел Авив.
Израел имаше неколку обиди да го убие во претходни вооружени конфликти, но сите обиди беа неуспешни.
Шефот на Хезболах беше ставен на листата на меѓународни терористи во 1995 година од страна на американскиот Стејт департмент, кој понуди награда до 10 милиони долари за информации за неговата локација или кои ќе доведат до негово апсење.
– Кој е Хасан Насрала?
Хасан Насрала е роден на 31 август 1960 година во селото Базурије, во близина на Тир во јужен Либан.
Оженет е со Фатима Јасин со која има пет деца: Хади, Зејнеб, Мухамад Џавад, Мухамад Мехди и Мухамад Али.
Неговиот најстар син, Хади, е убиен во судири со израелската армија во јужен Либан во 1997 година.
Насрала се здоби со верско образование во шиитските муслимански училишта во Либан, Ирак и Иран. Тој се приклучи на политичкото Движење Амал во средно училиште и се искачи до неговото политичко биро во 1979 година.
Во 1982 година, поради несогласувања околу тоа начините за спротивставување на израелската инвазија на Либан, Насрала и фруги членови го напуштија Амал и се приклучија на новоформираната група Хезболах. Тој беше задолжен за мобилизирање на борци во долината Бека во Либан.
Во 1985 година, Насрала се преселува во главниот град Бејрут и станува заменик-одговорен за регионот. Подоцна, тој ја презеде улогата на главен извршен раководител, задолжен за спроведување на одлуките на Советот на шурата на Хезболах.
– Во раководството на Хезболах –
Насралах стана генерален секретар на Хезболах на 16 февруари 1992 година, по убиството на неговиот претходник Абас ал Мусави во израелски воздушен напад.
Под водство на Насрала, Хезболах започна низа стратешки операции против Израел, кои кулминираа со повлекувањето на израелските сили од јужен Либан во 2000 година по 22-годишна окупација.
Во 2004 година, тој одигра клучна улога во преговорите за голема размена на затвореници со Израел, што доведе до ослободување на стотици либански и арапски затвореници.
Неговата улога во повлекувањето на Израел од јужен Либан му ја донесе титулата „лидер на отпорот“, особено по подоцнежната конфронтација на Хезболах со Израел за време на Либанската војна во 2006 година.
Жестоките говори и неговата посветеност на одмаздата на израелските напади, особено во одбрана на Палестинците, дополнително ја зајакна неговата популарност низ арапскиот и исламскиот свет.
Сепак, популарноста на Насрала се намали поради поддршката на Хезболах на сирискиот режим против опозициските сили за време на граѓанската војна во Сирија, која избувна во 2011 година.
Неговата популарност се врати по операцијата „Поплава Ал-Акса“ што ја започнаа палестинските фракции, меѓу кои и Хамас и Исламски џихад, врз еврејските населби во близина на Газа на 7 октомври 2023 година.
Израелската офанзива во Газа, која се приближува до првата годишнина, остави над 137.000 убиени и повредени Палестинци.
Насрала прогласи отворање на „фронт во јужен Либан за поддршка на палестинскиот отпор“, нагласувајќи во неколку говори дека напорите ќе продолжат додека не заврши војната во Газа.
Неговото убиство доаѓа откако Франција и Соединетите Американски Држави ги интензивираа напорите да посредуваат за постигнување привремен 21-дневен прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах, со цел да го отвори патот за дипломатски решенија и на фронтот во Либан и во Газа.
Извор: Anadolu Agency (AA)