Студентка на правен факултет која за време на ковид-пандемијата ги прекршила протоколите за здравствена заштита, била казнета со општокорисна работа во Зоолошката градина во Скопје. Таму се покажала толку добро во извршување на работните задачи што раководството на скопската Зоолошка и понудило вработување.
Од голема корист во здравствените институции во екот на пандемијата била и општокорисната работа што ја добиле како казна група студенти по медицина. Тие беа казнети пред три години кога и покрај забраните за групирање, тие се собрале да прослават за положен испит по анатомија.
Ова се само два од успешните примери забележани во македонскиот пробациски служби. Законот за пробација во Северна Македонија беше донесен во 2015, а почна да се применува во 2018 година, но сè уште пробацијата како инструмент во правосудниот систем не се користи доволно. Таа е важна за намалување на пренатрупаноста во затворите, за ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица.
Ваков е заклучокот и на дел од судиите и на невладините организации, како Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници (МЗМП), кои вршат мониторинг на спроведувањето на стратегија за развој на пробациската служба.
„Гледаме во Идризово се соочуваме со пренатрупаност, веќе и безбедноста е ставена во прашање. Пробацијата ќе овозможи да се намали пренатрупаноста, да се изрекуваат повеќе алтернативни мерки со заштитен надзор и да може да се работи повеќе на ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица, бидејќи според некои анализи кои и ние ги правевме, скоро поголем број на лица во затворите се повратници отколку првопрестапници. Тоа е некој вид аларм кој мора да го имаме предвид и заеднички да работиме“, вели Ирена Здравкова од Млади правници.
Токму затворот Идризово неретко ги полни билтените поради инциденти. Пред една недела, таму имаше масовна тепачка меѓу група осуденици од кои тројца завршија со повреди поради што беа пренесени во Клиничкиот центар во Скопје.
Пробацијата, пак, се смета како иднина на затворскиот систем и предвидува казната затвор да е последно решение по кое треба да се посегне.
Споменатата општокорисна работа е само една од алтернативните мерки кои спаѓаат под пробацијата. Тука се и условната осуда со заштитен надзор, општокорисната работа и куќниот притвор, како и условниот отпуст. Пробациската служба исто така е надлежна и да прави проценки на ризик на обвинети во тек на судска постапка и да дава предлог за видот на санкцијата.
Во пракса, ова значи дека наместо некој да лежи во затвор за некое полесно кривично дело, да добие обврска да извршува раборни задачи во некоја институција. На пример, да чисти улици. Или, пак, да добие условна осуда или предвреме да биде пуштен од затвор (условен отпуст) и да има обрска да посетува програми за борба против семејно насилство доколу е осуден насилник. Или, ако некој е зависник од дроги, да се лекува од зависност.
Само 14 пресуди со општокорисна работа, а 2 куќен затвор
Во моментов во пробациските служби во Северна Македонија има 604 активни предмети. Извештајот од мониторингот на невладините организации за лани покажува дека имало 483 пробациски предмети.
„Во однос на видот на изречени пробациски мерки, загрижува состојбата со бројот на предмети со општокорисна работа, кој за 2023 година изнесува 14 предмети. Бројот на пробациски предмети за условна осуда со заштитен надзор бележи пораст, односно изнесува 175 во споредба со 2022 година кога бројката била 99 предмети“, пишува во извештајот од мониторингот на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Кога е во прашање куќниот затвор, тој речиси и да не е заживеан во државата. Според извештајот на Хелсиншки, лани имало само две такви пресуди, а причината е што електронскиот надзор иако алките се набавени пред неколку години, не е во функција.
Судиите да се охрабрат
На презентацијата на извештајот на 3 јули, директорката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, посочи дека многу малку судии се одлучуваат да донесат решение за алтернативни мерки, а тие што се изрекуваат најчесто се од Основниот кривичен суд.
Судијката од овој суд, кој е најголем во државата, Билјана Коцевска вели таа од 2019 скоро и да нема издадено условна осуда без заштитен надзор, но согласна е дека ваквите случаи најчесто доаѓаат од Скопје.
„Можам да констатирам дека во другите судови не се изрекуваат условни осуди со заштитен надзор и затоа треба да се охрабрат. За ова треба да има повеќе обуки и во рамки на Академијата. Во овој склоп (во пробацијата) спаѓа и условниот отпуст за што лично сметам дека доколку сите ние како судии се охрабриме да даваме поголеми условни отпусти би можеле да влијаеме и на намалување на затворската популација и на интегрирање на осудените лица“, вели судијката.
Пример, посочува таа, кога имате некој затвореник што издржува казна затвор од седум или десет години условниот отпуст би можел да биде година и пол до две години.
Меѓутоа, просекот на условниот отпуст во земјава, според мониторингот на невладините е само три месеци што сметаа, не е доволно „за да може да се постигнат реални промени кај сторители“.
Повеќе време за реинтеграција
Овој став го дели и Коцевка од причина што, како што вели, кога затвореници ќе излезат надвор прво се шиканирани од семејствата и околината и не можат да најдат работа. А, една од задачите на пробациските службеници при условен отпуст е да помогнат на лицата да најдат работат и затоа подолг условен отпуст ќе значи и поголема шанса за ресоцијализација и реинтеграција во општеството.
„За жал, праксата покажува дека голем дел од затворениците кога ќе излезат од затвор не може да најдат работат, не може да се снајдат во општеството и она што го најдобро го прават повторно се враќаат на криминалот и во некоја своја условно кажано „природна средина“, вели Коцевска.
Во таа насока, додава судијката, треба и подобрување на соработката што ја има Управата за извршување санкции со институциите, како што е на пример случување договори со Агенцијата за вработување, соработката со невладиниот сектор, како и во областа на задолжителното лекување во институциите.
Покрај подобрата институционална соработка, поголемата храброст кај судиите, потребни се да се направат и законски измени предвидени во стратегијата за пробација, но, како што велат невладините и судиите, и поголема промоција кај фелата и кај јавноста.
Пробациската служба е под надлежност на Управата за извршување санкции, која од 3 јули, има нов директор – Александар Пандов, промена која следува по преземањето на власта од страна на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ.
Според планот, во државата треба да имав вупно 15 пробациски канцеларии, преку кои треба да се покриваат подрачјата на сите судови. Методологијата за вработување предвидува дека од 2021 до 2025 ќе бидат ангажирани вкупно 90 пробациски службеници. Досега, вработени се само 28 лица, а во функција се само 11 канцеларии – недостасуваат во Гостивар, Кочани, Кичево и Струга.
Пренатрупаноста во затворите е константен проблем со кој се соочува Северна Македонија. Како едно од решенијата, досега неколку пати се носеа закони за амнестија. Последен обид за амнестија на осуденици за лесни кривични дела имаше минатата есен, но тој не успеа да го помине собранискиот филтер.
Тогашната влада предводена од СДСМ и ДУИ посочуваше дека со законот ќе се намалат притисоците во затворите поради големиот број осуденици. Со него целосно требаше да се амнестираат 286 осуденици, а на 996 да им се скратат казните. Податоци тогаш покажуваа дека во затворите има 2114 лица, а чекаат да влезат уште 2813.
Извор: Радио Слободна Европа