Про-руски етикетирања, тендери и црни листи

March 22, 2024
4 mins read

Самонаречени ловци на руски влијанија и естрадни трикови

Руско сценарио по изборите на 8 мај во Северна Македонија, врски со Москва, избор помеѓу Запад и Исток…
Лепењето етикети со руски предзнак и докажувањето кој повеќе или помалку и служи на Русија, стана омилена тема кај дел од клучните политички играчи кои се обидуваат да ја наметнат како доминантна тема во предизборната реторика во земјава.

Најрадикална во обвинувањата е владејачката ДУИ, која предупреди на „немири“ по парламентарните избори нарекувајќи го ова „руско сценарио“. Социјалдемократите често повторуваат дека граѓаните пред себе имаат два блока – едниот прозападен другиот свртен кон Исток. Опозицијата, пак, во контранапад ги прозива интегративците дека тие се оние што го дозволуваат руското влијание во земјава, но и дека владејачките партии прават поларизација со оваа тема само во обид да добијат некој поен плус, а ги избегнуваат клучните проблеми во државата.
Но, колку поделбите на про и контра Русија се реални, дали навистина најголемите политички партии кои ќе настапат на изборите во Северна Македонија имаат некаква врска или поддршка од Кремљ?
Претседателот на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Марко Трошановски, смета дека влијанието на Русија во земјава, особено во партискиот живот е преценето. Руското влијание, вели тој, не отсуствува целосно, но е далеку од тоа да влијае на партиските агенди.
Амбасадорката на САД, Анџела Агелер, на 25 јануари изјави дека таа нема конкретни сознанија за евентуално руско влијание во претстојниот изборен процес, иако, како што рече, тоа генерално е присутно во регионот.

Ризик од локални меѓуетнички конфликти на Западен Балкан

Безбедносната состојба во Северна Македонија е стабилна. Ваков е заедничкиот заклучок на политичко-безбедносниот врв во државата откако американската разузнавачка заедница во својот последен извештај процени дека во 2024 година „Западен Балкан веројатно ќе се соочи со зголемен ризик од локализирано меѓуетничко насилство“.
За дел од безбедносните експерти, потрес на овој план не е очекуван во земјава, но не е ни невозможен. Сепак, некои од нив порачуваат дека состојбите во регионален контекст треба будно да се следат и да се прават објективни проценки.

Во годишниот извештај за глобалните закани на Разузнавачката заедница на САД, објавен минатиот месец пишува: „Националистичките лидери веројатно ќе ја влошат тензијата заради нивната политичка предност, а надворешните актери ќе ги зајакнат и искористат етничките разлики за да го зголемат или заштитат нивното регионално влијание или да спречат поголема балканска интеграција во ЕУ или евроатлантските институции“.
Се одвојуваат и конкретни примери. Во едниот се посочува на Милорад Додик, претседател на ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина. Додик важи за проруски лидер, кој неколку пати досега се закани со сецесија. Тој се наоѓа под американски и британски санкции и е еден од ретките функционери кои се сретнале со Владимир Путин од почетокот на руската агресија врз Украина во февруари 2022 година, дури четири пати.
Вториот пример, пак, е ситуацијата во Косово за каде се нотира дека во 2023 година „судирите меѓу српските националисти и косовските власти доведоа до смртни случаи и повредени, вклучително и повреди на мировниците на НАТО“.

Претседателски кандидат на црна листа на САД

Aктуелниот градоначалник на Карпош и претседателски кандидат, Стевчо Јакимовски, и поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева, се новите лица од Северна Македонија кои Соединетите Американски Држави (САД) ги ставија на црната листа, објави Стејт департментот.
За Стевчо Јакимовски, се посочува дека бил вмешан во коруптивни дејствија.
„Во неговото службено својство како градоначалник на општина Карпош, Јакимовски беше вклучен во коруптивни дејствија, вклучително и користење на својата службена положба за мешање во урбаниот развој и процесите на набавки за да има корист за себе и за неговите соработници“, се вели во соопштението.

За Јанева, американските власти наведуваат дека во својство на поранешна специјална обвинителка била вмешана во коруптивни дејствија, вклучително и користење на нејзиното политичко влијание и службена моќ за лична корист.
Бурно реагираше Стевчо Јакимовски, кој смета дека е „наместен“ од некого, додавајќи дека нема да се откаже од претседателската трка.
За санкциите со изјава преку социјалните мрежи се огласи и американската амбасадорка во Северна Македонија, Анџела Агелер, која вели дека ставањето на овие листа на црната листа „никого не треба да изненади“.
„САД ќе продолжат да ги именуваат функционерите на која било партија, огранок на владата или заедница што се вклучени во значителна корупција“, вели Агелер.
На црната листа на САД изминатиот период се најдоа повеќе поранешни функционери и познати бизнисмени. Меѓу последните кои од почетокот на декември 2023 е под американски санкции е бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев.
На американската црна листа од претходно се и градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, поранешниот шеф на Управата за контраразузнавање Сашо Мијалков, неговиот братучед и поранешен премиер Никола Груевски, бизнисменот Јордан (Орце) Камчев и рускиот бизнисмен Сегреј Самсоненко и неговата сопруга, кои имаат бизниси во земјава.

Предизборни тендери под сомнеж за корупција

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвора предмети за набавката на осум хеликоптери за Армијата вредна 230 милиони евра и за набавката на 22 амбулантни возила преку тендер на Министерството за здравство, потврди Татјана Димитровска, претседателка на комисијата, за Радио Слободна Европа.
„Отвораме предмети на сопствена иницијатива, по допрен глас од медиумите, за актуелни случаи пред избори. Имаме 15 предмети поврзани со изборниот процес“, изјави Димитровска.
Овие предмети се поврзани со забрани за тоа што смеат, а што не смеат да прават функционерите и институциите по 14 февруари, денот кога претседателот на Собранието, Јован Митрески, ги распиша претседателските и парламентарните избори закажани за 24 април и за 8 мај.

Реакции во јавноста предизвика и тендерот на Службата за општи и заеднички работи, со кој Владата планира да потроши 1,6 милиони евра за 45 нови автомобили.
Надлежните велат дека овие набавки биле претходно планирани.
„Исклучокот што го има во Законот за спречување корупција, кога набавките се однапред планирани, секогаш ни се повторува токму пред избори. Прашањето е дали сите тие набавки треба да се планираат за пред избори“, ни изјави поранешниот антикорупционер Драган Малиновски.
Меѓу 15-те предмети во Антикорупциска комисија, поврзани со изборите, има и предмети за незаконски вработувања, вонредни исплати на додатоци на плата, предвреме почната кампања, ангажирање лица за договор на дело.
Тоа го правеле државни и јавни институции, јавни претпријатија, општини, кажа претседателката на ДКСК за РСЕ, но не сподели детали за предметите.

Како е да се живее во медицинскиот ученички дом во Скопје?

Соби со скршени прозорци, два тоалети на еден цел кат, само три туш кабини за речиси 50 луѓе… Во вакви услови живеат осумдесетина ученици сместени во ученичкиот дом на средното медицинско училиште „Др. Панче Караѓозов“, во Скопје. Сите се жалат, но ретко кој има храброст јавно да каже дека условите во објектот, изграден во 1931 година се лоши, велат средношколките Евгенија и Дијана. Евгенија е втора, а Дијана четврта година, па наскоро ќе замине, но се бори за подобри услови за оние кои ќе дојдат по нив.

Кога политиката им дише во врат на архитектите

Станови и трговски центри, зошто во Скопје речиси и да не се гради ништо друго? Кога ќе запре градежната експанзија? Ќе им дадат ли политичарите слобода на архитектите да проектираат, на урбанистите да планираат? На овие прашања што си ги поставуваат многумина, кои се потешко живеат и се движат низ Скопје, во поткастот Зошто разговараме со архитектот Бујар Муча.

Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл [email protected]

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Претпладне облачно со услови за слаб дожд, попладне сончево

Следно

Земјотрес со јачина од 4,7 степени кај брегот на Крф

Latest from Blog

Холандските обвинители работат на блокирање на извозот на делови за авионите Ф-35 во Израел

ХАГ (АА) – Главниот обвинител на холандскиот Врховен суд побара одобрување на одлуката на Апелациониот суд за стопирање на извозот на делови за борбените авиони Ф-35 во Израел, се вели во официјалното

Во тешка сообраќајка загина Живко Пејковски, поранешен пратеник

Во сообраќајна незгода денеска загина Живко Пејковски, поранешен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен директор на затворот „Идризово“. Веста за неговата смрт ја потврди и неговиот син преку објава на социјалните

Фетаи: Неселективна и примерна правда за кривични дела говор на омраза и нетрпеливост

Потпретседателот на Владата на Македонија, одговорен за политиките на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска го осуди палењето на македонското и албанското знаме, опишувајќи ги како кукавички чинови, кои сведочат за опасниот раст

Скаловски: Институтот за родови студии е во алармантна состојба поради недостаток на кадар

Семејното насилство, фемицидите и дискриминациите, во отворена или камуфлирана форма, и натаму опстојуваат за жал, и тоа е и светски тренд. Но тоа не смее да биде оправдување за да се откажеме
Go toTop