Припадници на РОСУ пукале кон возило со двајца Срби, едно лице со повреди е пренесено во болница

2 mins read

Припадници специјалната единица РОСУ пукале во возило во кое се наоѓале двајца Срби, при што е ранет М. Д., додека неговиот совозач Д. С. се извлекол без повреди, а целиот автомобил бил изрешетен. Косовската полиција соопшти дека се обидела да го запре возилото на контролниот пункт, кое потоа удрило во полицискиот автомобил и дека полицајците пукале бидејќи нивните животи биле во опасност

ФОТО: Архива/ EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Припадници на специјалната косовска полиција РОСУ денеска околу 11:30 часот пукале на пунктот на мостот Бистрица, на главниот пат Косовска Митровица-Лепосавиќ, во возило во кое се наоѓале двајца Срби, изјави Петар Петковиќ, директор на Канцеларијата за Косово и Метохија, пренесува РТС. Ранетиот итно бил пренесен во болницата во Кралево.

Во изјавата на Петар Петковиќ се наведува дека во настанот е ранет М. Д. додека неговиот совозач Д. С. се извлекол без повреди, а целиот автомобил бил изрешетен.

Како што се додава, М.Д. бил застрелан во пределот на левиот дел од градниот кош и има прострелна рана поради што итно бил пренесен во болницата во Кралево.

„Припадниците на специјалната единица РОСУ на Курти со рафални истрели пукаа кон српското возило и Србите во него само затоа што не сакаа да дозволат да бидат малтретирани од полицијата без никаква основа и причина. Припадниците на РОСУ нема што да бараат на северот на Косово, како и на овој пункт кој е диво и незаконски подигнат, а на кој секојдневно се малтретира српскиот народ што минува“,

истакна Петковиќ.

Тој додава дека од почетокот на присуството на припадниците на специјалните сили РОСУ на северот, Белград предупредува дека единствена цел им е да предизвикуваат инциденти и да го малтретираат народот во покраината што, како што додава, било демонстрирано денеска.

„Очигледно е дека Курти не се двоуми да дозволи да тече српска крв и тоа е единствената цел на неговите на северот на Косово“,

рече Петковиќ.

Од косовската полиција, пак, соопштија дека полицајците на контролниот пункт се обиделе да го запрат возилото што удрило во полицискиот автомобил и дека пукале бидејќи нивните животи биле во опасност.

„Во близина на мостот Бистрица денеска на пунктот на службена должност беше распоредена полициска единица со цел одржување на јавниот ред и безбедност, како и спречување криминални активности и шверц. Полициската единица која била на контролниот пункт се обидела да запре автомобил, кој додека се движел удрил во возило на косовската полиција, при што директно ги загрозил животите на полицајците, кои за да ја неутрализираат опасноста по нив пукале од огненото оружје“,

се наведува во соопштението на косовската полиција.

Како што додаваат, осомничените го напуштиле местото на настанот заедно со своето возило, додека истрагата поврзана со случајот се спроведува во соработка и координација со правосудните органи.

За инцидентот реагираше и Српската листа која објави дека пукањето на специјалците на Курти врз Србите на пунктот на мостот кај реката Бистрица, при што е тешко повреден М. Д., е последната капка по серијата напади врз Србите од новата година.

„Откако припадник на таканаречените косовски безбедносни сили застрела српски деца во Штрпце на Божиќ, денеска специјалните сили на Курти извршија претрес на возило во кое се наоѓаа двајца Срби и пукаа со цел да ги убијат“,

се вели во соопштението.

Од Српска листа додаваат дека со недели предупредуваат за непрофесионалното однесување на специјалците на Курти, кои со своите постапки се обидуваат да го заплашат српскиот народ и да предизвикаат инциденти, а тие инсистираат меѓународната заедница да ја осуди бруталноста на овие криминалци во униформа.

Тие бараат итно повлекување на сите специјалци на Курти од северот на Косово и апсење и санкционирање на оние кои се обиделе да ги убијат двајцата Срби кои денеска биле во автомобилот.

„Уште еднаш нагласуваме дека континуираното присуство на овие формации може да не одведе во спирала на настани кои неповратно ќе го загрозат мирот на овие простори“,

се наведува меѓу другото во соопштението на Српската листа.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Фото: Внимавајте во овој дел од Карпош, паѓаат делови од стара фасада

Следно

Шпанските десничари побараа оставка на премиерот Санчез

Latest from Blog