Пресуда за „Софтвери“: Осум години затвор за Рашковски

2 mins read

Поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски е осуден на затворска казна од осум години, а за виновни се прогласени и преостанатите шест обвинети чии затворски казни се движат од три до пет и пол години затвор

ФОТО: „360 степени“

Судечкиот совет на чело со судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска во Основниот кривичен суд Скопје денеска ја изрече пресуда за случајот „Софтвери“ во кој првообвинет за злоупотреба на службената положба и овластување, перење пари и фалсификување исправа е поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски. Со него, обвинети беа уште шест лица.

Пресудата што беше изречена за сите обвинети е:

  • Драги Рашковски – осум години затвор
  • Ивица Димитровски – пет години затвор
  • Игор Христов – пет години и шест месеци
  • Даниел Станчев – четири години затвор
  • Ирена Ивановска – три години и шест месеци
  • Игор Ивановски – три години
  • Маја Силјановска – три години

Покрај затворската казна, првостепената пресуда предвидува и солидарно да се надомести штетата на државата во висина од 6,4 милиони денари за набавката на софтверот за биометриска идентификација и речиси пет милиони денари за софтверот за определување просечна брзина на возилата. Судот одлучи и да се надоместат парите од исплатените хонорари на обвинетите од Генералниот секретаријат на Владата.

Пресудата не е правосилна и странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд Скопје.

ФОТО: „360 степени“

Случајот „Софтвери“ се однесува на тендери од Генералниот секретаријат на Владата во времето на Рашковски и опфаќа четири набавки на: систем за биометриска идентификација; софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни; ANPR-камери за препознавање регистарски таблички за возила; и на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблички.

Покрај тендерите, дел од обвинението за предметот е и исплата на хонорари.

Во пресрет на денешното изрекување на пресудата Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) побара затворска казна за Рашковски и забрана да биде универзитетски професор, како и останатите обвинети да бидат соодветно казнети.

„Сите четири предметни постапки за јавни набавки за кои одлуките ги носел првообвинетиот се незаконски спроведени и доколку не се водеше оваа постапка, софтверот, системот, кабините и камерите ќе останеа засекогаш заборавени, а парите на граѓаните сепак потрошени“,

рекоа од Обвинителството.

Рашковски и останатите обвинети, пак, во завршните зборови рече дека очекува ослободителна пресуда бидејќи смета дека Обвинителството не успеало да докаже ниту една од своите теории.

„Во целиот овој процес одбраната беше таа што напаѓаше, а Обвинителството на таквите напади немаше никаков одговор: Девизата на одбраната е – нападот е најдобра одбрана. Незнаењето плус моќ е еднакво на тиранија“,

наведе поранешниот генсек во завршните зборови, кој како и во текот на целиот судски процес, тврдеше дека системот за сообраќајни прекршоци е имплементиран и функционален.

Денешната пресуда доаѓа откако пред нешто повеќе од две години, „360 степени“ го отвори во јавноста. Во март 2021 година ја објавивме првата сторија дека Генералниот секретаријат на Владата купил софтвер за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, иако ниедна институција ниту го барала, ниту го користи, како и дека пред да го купи, како генерален секретар на Владата, тој лично регистрирал таков патент.

Институцијата надлежна да казнува за сообраќајни прекршоци – МВР, а не Владата, тогаш одговори дека ниту барало ниту планира да го користат софтверот за кој никој не ги прашал.

По 10 дена од првата сторија, на 18 март 2021 г., Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори предистрага, а потоа, на 21 април 2021, случајот напредуваше во истрага. Во истрагата беа споени и другите набавки поврзани со софтверот за биометриска идентификација, како и исплата на хонорари од Генералниот секретаријат. Потоа, на 8 октомври 2021 година беше поднесено обвинение против Рашковски и шест други лица, а Кривичен во целост во прифати обвинението на 29 декември 2021, по што следуваше судскиот процес кој денеска заврши пред првостепениот суд.

Додека Рашковски и во судница и во медиумите обвинуваше за хајка и нестручно работење на обвинителството, поранешната шефица на ОЈО ГОКК Вилма Русковска, пак, неколку пати јавно изрази сомнежи дека тоа што решила да го гони генсекот на Влада е една од главните причини поради кои беше суспендирана и тргната од обвинителството со кое раководеше.

Повеќе вести од судскиот процес „Софтвери“:

Други поврзани вести:

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Премиера на „Франкенштајн“ во ТДМ: Кој создава чудовишта во секојдневието?

Следно

Зеленски утре во посета на Туркије

Latest from Blog