Предлогот за 60-дневен прекин на огнот во Газа предвидува ослободување на 10 израелски заложници и гаранции од САД

July 3, 2025
2 mins read

ЕРУСАЛИМ/АНКАРА (АА) – Предлогот за 60-дневен прекин на огнот во Газа предвидува ослободување на 10 израелски заложници и предавање на посмртните останки на уште 18, соопштија израелските медиуми денес, пренесува Анадолу.

„Ослободувањата ќе се реализираат во пет фази во текот на 60-дневниот прекин на огнот“, пишува весникот „Једиот ахронот“, повикувајќи се на неименувани извори.

Според наводите, доколку биде прифатен, палестинската група Хамас нема да одржува јавни церемонии при предавањето на заложниците.

Предлогот, исто така, „вклучува посилни американски гаранции дека доколку не се постигне договор за завршување на војната во рок од 60 дена, прекинот на огнот ќе продолжи сè додека преговорите се сериозни и тековни“, се вели понатаму.

Според извори блиски до разговорите, Хамас позитивно одговорил на овој услов, сметајќи го за гаранција против едностраното продолжување на израелскиот напад.

Во предлогот се вклучува и постепено повлекување на израелските сили од Газа, што, според медиумите, може да предизвика дебата во Израел, кој инсистира на разоружување на Хамас, протерување на неговото раководство и исклучување од идно управување со Појасот Газа.

Според весникот, се очекува индиректните преговори да започнат во рок од неколку дена во Катар или Египет доколку Хамас го прифати предлогот.

Се очекува американскиот претседател Доналд Трамп, кој се позиционираше како гарант на договорот, лично да го објави доколку биде финализиран.

Доколку биде одобрен, израелска делегација веднаш ќе се упати кон главниот град на Катар, Доха, на интензивни преговори за финализирање на преостанатите детали.

– Спор околу испораката на помошта –

Според израелскиот „Канал 12“, се очекува Хамас да го даде својот официјален одговор на предлогот денес.

Телевизијата јавува дека американската администрација се надева на значителен напредок, или барем на објава за напредок, за време на претстојната посета на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Вашингтон следната недела.

Преговорите ќе опфатат и ослободување на палестинските затвореници, при што се очекува Хамас да бара познати имиња, вклучувајќи и некои претходно одбиени од Израел, се додава во соопштението.

Одделен спор постои и околу механизмот за испорака на хуманитарна помош. Израел сака да го задржи сегашниот систем под управување на американска фирма, додека Хамас бара враќање на претходниот модел под Обединетите нации (ОН), кој овозможуваше влез на 400–600 камиони со помош дневно.

Според Министерството за здравство на Газа, најмалку 640 Палестинци се убиени, а речиси 4.500 се повредени откако механизмите за помош подготвени од Израел стапија на сила на 27 мај.

Хамас потврди дека ги разгледува предлозите поднесени од посредниците, со цел постигнување договор што вклучува прекин на огнот, повлекување на Израел од Газа и хуманитарна помош за Палестинците.

Палестинската група постојано ја искажува својата подготвеност да ги ослободи сите израелски заложници во замена за прекин на израелската воена кампања и целосно повлекување од Газа.

Сепак, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се спротивстави на сеопфатниот договор, наместо тоа инсистирајќи на ограничени аранжмани што би овозможиле војната да продолжи, позиција што нашироко се смета за обид да го зачува својот политички опстанок.

И покрај меѓународните повици за прекин на огнот, израелската Армија уби повеќе од 57.000 Палестинци во смртоносната офанзива во Појасот Газа од октомври 2023 година.

Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради својата војна против енклавата.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: Anadolu Agency (AA)

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Опасноста демнее од планината – мечките ги напаѓаат жителите во тетовско

Следно

Ѓоковиќ убедлив против Британецот Еванс

Latest from Blog

Расте бројот на загинати во Сиднеј, нападот прогласен за терористички

Зборувајќи на прес-конференција, премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, потврди дека пукањето на плажата Бонди било насочено кон еврејската заедница во Сиднеј. Полицискиот комесар на Нов Јужен Велс, Мал Ланион, потоа

Започна демонтажа на стариот радар на Аеродромот Скопје, авионскиот сообраќај се одвива непречено

Денеска официјално започна процесот на демонтажа на стариот и неупотреблив радар на Меѓународниот Аеродром Скопје, како и подготовка за инсталација на новиот современ Мод S радар. Оваа процедура нема да има никакво

Зачинот што сите го имаме дома не е само за колачи: МОЖЕ ДА ЈА ЗГОЛЕМИ СЕКСУАЛНАТА ЕНЕРГИЈА

Циметот, еден од најчесто користените зачини во кујната, одамна е познат по своите здравствени придобивки. Но, нови истражувања покажуваат дека овој мирислив зачин може да има позитивно влијание и врз сексуалната енергија

ПРЕСВРТ НА ФРАНЦИЈА – ЗЕЛЕНО СВЕТЛО ЗА Црна Гора, ќе ги затвори сите 5 поглавја

Шансите Црна Гора да ги затвори сите пет планирани поглавја во вторник значително се зголемија, по интензивните дипломатски активности меѓу претставниците на земјите-членки на Европската Унија (ЕУ) кои се залагаат за што

Енергетската заедница: Македонија со силен реформски напредок во 2025 година

Македонија заедно со Србија и Молдавија бележат најголем реформски моментум, регистрира Енергетската заедница за сработеното во 2025 година кога енергетиката е во прашање. Во најновиот Годишен извештај на Енергетска заедница во кој се мониторира
Go toTop