„Полиграф“: Кој дезинформираше со стара фотографија дека во Грција се покрива “НМК” на табличките на возилата?

1 min read

Стара фотографија – нова дезинформација. Ова е еден од најчестите начини на дезинформирање на интернет.  Таков е случајот со веста дека во Грција се покрива и ознаката НМК на регистарските таблички на автомобили од земјава.

На 29 февруари 2024, порталот на ТВ Канал 5 објави текст со наслов: „Скандал: Во Грција покриена и ознаката НМК на регистарските таблички“. „Во Грција со скандалозна налепница покриена ознаката НМК на регистарска табличка на автомобил од Скопје.  Над сината лента со ознака НМК на регистарската табличка непознат сторител залепил скандалозна налепница на која пишува – Вие не сте Македонци, вие сте Словени – Македонија е Грчка“, пишува во текстот, во кој се вели дека фотографијата од регистарската табличка е споделена на Фејсбук.

Слична содржина потоа објави и порталот на ТВ Сител, во текстот со наслов „Ознака „НМК“ покриена со налепница „вие не сте Македонци, Македонија е грчка“ во Грција“.  И порталот Скопје 1 ја објави оваа вест со наслов: „Вие не сте Македонци, туку словени, Македонија е грчка“ – грчки провокации со налепници на македонски таблици“.

Иако медиумите се повикуваа на објави од Фејсбук, не се работи воопшто за нова, туку за стара фотографија. На пример, фотографијата е објавена од порталот Скопје Инфо на 23 август 2016 година. Повеќе елементи укажуваат дека оваа фотографија е иста со фотографијата објавена годинава на порталите и на социјалните мрежи.

И проверувачите на факти од „Вистиномер“ укажаа дека старата фотографија била споделена во повеќе објави на Фејсбук, во кои се пренесува настанот како да се случил деновиве. „Наспроти изнесеното во објавите, оваа фотографија не е од 2024 година, туку е стара речиси осум години и не претставува пракса на официјална Грција, туку инцидент“, се вели во рецензијата на „Вистиномер“.

И овој случај покажува дека медиумите не треба да објавуваат непроверени информации од социјалните мрежи. Тие можеби ја зголемуваат читаноста, но ја доведуваат во заблуда публиката, ја нарушуваат довербата во медиумите и односите меѓу двете земји.

Извор: alsat.mk

Претходно

4 хороскопски знаци кои ќе добијат сè што ќе посакаат до крајот на 2024 година: Нема да знаат што да прават со толку пари и љубов во секојдневието

Следно

Флекс кредит лансира нов кредитен производ со 0% камата на 2 рати!

Latest from Blog