По превирањата во Судскиот совет, се собраа осум гласа „за“ – Сашо Георгиев е нов претседател

May 4, 2023
4 mins read

Осум членови гласаа „за“, а клучниот осми глас го даде Тања Чачарова-Илиевска, која гласала така за да профункционира Советот. Четворицата кои гласаа „против“, пак, беа: Мирјана Радевска-Стефкова, Зоран Герасимоски, Ивица Николовски и Мери Радевска. Како што јави МИА, тие кажаа дека „принципиелно гласале ’против‘“ бидејќи, како што посочија, Сашко Георгиев гласал за разрешувањето на Дамева и со тоа придонел за состојбата во која се најде Судскиот совет

Новиот претседател на Судскиот совет Сашко Георгиев, доаѓа од Штип. Тој е со положен правосуден испит од 2000 година, по што од 2001 до 2008 работел како адвокат во канцеларија во Штип. Од тогаш, па се до 2018 г., кога беше избран за член на Судскиот совет, работи како судија кривичар во штипскиот Основен суд

Судијата Сашко Георгиев од Штип е нов претседател на Судскиот совет. Тој беше избран на седница што заменик-претседателот Селим Адеми ја закажа денеска за во 16:30 часот, надвор од работното време.

Тој доби осум гласа „за“ што е минималниот потребен број за да се избере претседател. „Против“ гласаа четворица членови. Право на глас имаат 13 члена, а единствена која денеска не присуствуваше на гласањето е поранешната претседателка Весна Дамева.

Пред гласањето Георгиев рече дека гордоста е на негова страна што го предлагаат и оти го прифаќа предлогот само ако е од сите заедно сплотени.

„Очекувам само сите заедно, сплотени и надпросечен придонес да ја вратиме довербата пред сè меѓу нас и граѓаните. Затоа, ве повикувам, доколку овој предлог излегува искрено, само сите заедно ќе го прифатам овој предизвик. Ве повикувам сите, да придонесеме, доколку стоите позади мене, го прифаќам предлогот“,

изјави Георгиев.

Дамева на 26 април беше разрешена во контроверзна постапка, кога нејзиниот заменик Селим Адеми, во нејзино присуство, го презеде раководењето со седницата и стави на дневен ред гласање за нејзино разрешување. Тогаш, „за“ гласаа седум члена: Селим Адеми, Миљазим Мустафа, Ханиф Зендели, Мирсад Суроји, Сашко Георгиев, Лорета Георгиева и Павлина Црвенковска.

Кој денеска гласаше „за“, а кој „против“

Седумтемина, меѓу кои и тој самиот, денеска гласаа за него. Осмиот глас „за“ Сашко Георгиев, како што јави Телма ТВ, денеска го дала судијката Тања Чачарова-Илиевска, која гласала така за да профункционира Советот.

Четворицата кои гласаа „против“, пак, беа: Мирјана Радевска-Стефкова, Зоран Герасимоски, Ивица Николовски и Мери Радевска. Како што јави МИА, тие кажаа дека „принципиелно гласале ’против‘“ бидејќи, како што посочија, Сашко Георгиев гласал за разрешувањето на Дамева и со тоа придонел за состојбата во која се најде Судскиот совет.

Контроверзното разрешување на Дамева и два пропаднати обиди за избор на нов претседател

Весна Дамева

Постапката во која беше разрешена Дамева предизвика бројни реакции од стручната јавноста. Како што веќе пишувавме, за разрешување претседател нема предвидено процедура ниту во Законот за Судскиот совет ниту во Деловникот за работа. Во таа насока беа и јавните реакции кои пристигнаа од стручната јавноста – со оглед на тоа што нема предвидена процедура, за да се отстрани од претседателската функција, Дамева требало да биде разрешена од член на Судскиот совет. За тоа, пак, е потребна дисциплинска постапка која трае одреден период и предвидува и нејзин одговор како странка.

Судски совет, 27 април 2023 г.

Сепак, на седницата на 26 април, Адеми констатираше дека Дамева е разрешена и закажа итна седница за избор на нов претседател веќе за наредниот ден (27 април). Меѓутоа, тогаш седницата се одложи. Официјалното негово објаснување беше дека е пожелно кога се бира претседател да бидат присутни сите членови, а дента отсутна беше Мирјана Радевска-Стефкова. Неофицијално, пак, она што се зборуваше во кулоарите беше оти тие што биле за смена на Дамева сè уште не успеале да обезбедат осум гласа „за“ избор на нов претседател.

На 27 април, заменикот Адеми одбегна да им одговори на новинарите дали разрешувањето е законско и неколку пати повтори дека има институции што треба да го утврдат тоа. Подоцна, во интервју за „Порталб“ тој излезе со „креативно“ толкување велејќи дека „сè што не е забрането со Устав и закон е дозволено“.

На 2 мај, имаше уште еден обид за избор на нов претседател. Но, тогаш седницата повторно се одложи без објаснување. На веб-страницата на Судскиот совет беше објавена само кратка информација без да бидат наведени причините. Не беше наведено ниту за кога се презакажува.

Она што исто така се наметна како дилема во јавноста во целата ситуација беше и дали меѓу причините за пролонгирањето на избор на нов претседател беше што во „Службен весник“ не беше објавена одлука за разрешувањето на Дамева.

Дали е изготвена одлуката за разрешување на Весна Дамева од претседателка на Судскиот совет?; Дали и кога Судскиот совет ќе ја објави одлуката во „Службен весник“?; Дали без објавување на одлука за разрешување на досегашната претседателка во „Службен весник“, сметате дека може да се пристапи кон избор на нов претседател?, беа прашањата што „360 степени“ ги упати до Советот на 2 мај, но одговор не добивме.

Недостапна за одговор дали примила одлука тогаш беше и Дамева.

Инаку, нејзиното разрешување на 26 април дојде по неколкучасовна напната атмосфера во Судскиот совет кога членовите се расправаа за писмото на амбасадорката на САД, Анџела Агелер, и за меѓучовечките односи.

Сепак, тоа ги засили шпекулациите дека ова беше кулминација на тензијата која владее одреден период, а чашата ја прелила иницијатива за утврдување одговорност на судијата Енвер Беџети од скопскиот Апелациски суд за кого токму Судскиот совет утврди дека необјасниво девет месеци ја чувал првостепената пресуда во предметот „Таргет-Тврдина“ за масовното прислушување, која тој и неговите колеги во советот одлучија да ја укинат и да го вратат случајот на повторно судење.

Кога се случи разрешувањето, Дамева не спомена конкретни предмети и постапки за судии, но алудираше на политички влијанија. Јас навистина не знам ова како ќе заврши, рече таа и додаде: „одредени лица од политиката ќе бидат и тоа како задоволни ако успеат во ова“.

Кој е Сашко Георгиев

Сашко Георгиев

Новиот претседател на Судскиот совет Сашко Георгиев доаѓа од Штип. Тој е со положен правосуден испит од 2000 година, по што од 2001 до 2008 работел како адвокат во канцеларија во Штип.

На 7 февруари бил избран за судија во Основниот суд Штип каде како кривичар судел до 2018 кога беше избран за член на Судскиот совет.

„Во периодот од 2014-2016 година е член на Управен одбор на Здружение на судии на Република Македонија, по што во 2017 година е избран за претседател на Здружението на судии на подружницата во Основен суд Штип. Од 2014 година е активен едукатор-предавач од кривична материја во Академијата за судии и обвинители на Република Македонија. Од 2015 година е предавач во ОБСЕ на тема ’Криминал од омраза‘“,

пишува во неговата биографија.

Според Законот за Судиски совет, тој има шестгодишен мандат како член на Советот и истиот му истекува на 11 септември 2018 година. Има право и на реизбор.

Новиот Закон стапи на сила во мај 2020 година и според неговата првична верзија Георгиев не би можел да биде претседател на Судскиот совет бидејќи имаше одредба која предвидуваше дека претседателската функција може да ја извршува само некој од членовите „кои се избрани од страна на Собранието на Република Северна Македонија“.

Меѓутоа, ваквата одредба Уставниот суд ја прогласи за неуставна и ја укина на почетокот на март годинава со што овозможи за претседател да може да се избере и некој од членовите на Судскиот совет што доаѓа од редовите на судиите.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

ПСЖ го засили обезбедувањето по навивачките протести

Следно

Како Судскиот совет се сокри од јавноста „за да најде излез“ од ќорсокакот?

Latest from Blog

Има ли надеж шесте еко автобуси на ЕУ да ги „повлечат“ ветените 250?

Во јавниот градски превоз во главниот град следната недела треба да се вклучат шест нови еколошки автобуси на компримиран природен гас, што Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) вчера ги доби преку проект од

Мицкоски: Нашата визија е јасна- сакаме јавна администрација која ќе биде пример за ефикасност, транспарентност и отчетност

Денес зборуваме за една важна тема која со годините многу малку била предмет на една темелна- студиозна анализа, ниту пак била предмет на еден професионален пристап, а тоа е администрацијата и мерките

„Знам дека ме има, според нападите со кои работат да ме снема“: Шест години без македонскиот горостас Горан Стефановски

„Денес сè се купува и продава. Дури и она кое луѓето мислат нема цена. Тоа обично е и најевтино.“ (Диво Месо) „Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде

„6-та мајка“ на бугарскиот Парламент да избере претседател

Пратениците во бугарскиот Парламент денеска ќе направат шести обид да изберат претседател на 51-то Народно собрание откако не успеаја минатата недела за нов избор. Новоизбраните пратеници положија заклетва на 11 ноември, но
Go toTop