По повлекувањето на Бајден, Камала Харис во центарот на вниманието

July 21, 2024
6 mins read

Американската потпретседателка, Камала Харис, би можела да стане првата црна жена номинирана од голема партија за претседателската функција во САД. Ова следува откако нејзиниот шеф, претседателот Џо Бајден, се повлече од трката поради зголемениот притисок по дебатата што минатиот месец ја имаше со противкандидатот – републиканецот Доналд Трамп, а којашто дебата покрена прашања за неговата возраст и способност да води втор мандат.

Откажувањето од трката Бајден го објави на 21 јули, велејќи дека се повлекува настрана „во најдобар интерес на партијата и на земјата“ и дека ја поддржува Харис да биде новиот демократски кандидат за изборите во ноември.

Харис (59) би можел да ја добие номинацијата на демократите на партиската конвенција што треба да се одржи од 19-21 август во Чикаго, доколку доволен број делегати се согласат да ги пренесат своите гласови од Бајден на неа. Ваквиот развој на настаните би бил без преседан во модерната политичка историја на САД.

Харис е фаворитка да стане номиниран претседателски кандидат, иако многу работи остануваат неизвесни, бидејќи и други кандидати би можеле да влезат во трката.

Номинацијата на Харис ќе ја трансформира досегашната претседателска трка што требаше да биде реванш меѓу Бајден и Трамп во ситуација кога многу Американци бараа некое ново лице. Нејзиниот влез во претседателската трка, исто така, би можел да ја врати политичките прашања во фокусот на натпреварот во кој досега доминираа прашањата за кондицијата на Бајден и неговата способност да го победи Доналд Трамп откако тој зборуваше неповрзано и изгледаше збунето за време на дебата на 27 јуни.

Настапот на Бајден доведе до повици од истакнати конгресмени од редовите на демократи, како и од партиски донатори, тој да се повлече од кампањата.

Харис ќе влезе во трката со големи влогови за различните ставови со Трамп, како што се прашањата поврзани со имиграциските реформи, правата за абортус и помошта за Украина за нејзината одбрана од Русија. Неопределените гласачи во сојузните држави како што се Пенсилванија, Мичиген и Висконсин потенцијално би можеле да одредат кој ќе победи на изборите.

Додека го насочуваат своето време и енергија на овие клучни држави, Трамп најверојатно ќе ја „нападне“ работата на Харис поврзана со имиграцијата и ќе се обиде да ја претстави како претставник на „радикалното левичарско крило“ на Демократската партија.

Харис, пак, може да се фокусира на достигнувањата на администрацијата во изминатите четири години, вклучувајќи го големиот раст на нови работни места, намалувањето на цените за лековите на рецепти и простување на студентскиот долг.

Таа, исто така, најверојатно ќе се фокусира на нејзините обиди да ги заштити правата за гласање и абортус. Како претседател од 2017 до 2021 година, Трамп со тоа што номинираше тројца конзервативни судии го „наклони“ Врховниот суд надесно. Овој суд, пред две години укина пресуда од 1973 година според која абортусот се признаваше како уставно право.

Харис, исто така, веројатно ќе ја критикува криминалната историја на Трамп и ќе го претстави како политичар недостоен за највисоката функција во нацијата.

Трамп беше осуден од поротата во мај за фалсификување финансиски податоци и треба да ја добие пресудата подоцна оваа година, иако е многу малку веројатно дека ќе заврши во затвор. Трамп, исто така, се соочува со обвиненија во два други случаи, вклучително и оној што се однесува на немирите од 6 јануари 2021 година во американскиот Капитол во Вашингтон, кога тој се обиде да го поништи неговиот изборен пораз од Бајден во 2020 година.

Демократите досега го прикажуваа Трамп како закана за демократијата, но сега би можеле да ги намалат критиките поради обидот за атентат врз републиканскиот кандидат што се случи претходно овој месец.

Во хипотетичкиот натпревар меѓу Харис и Трамп, анкетите беа неконзистентни, при што некои покажуваат дека Харис води малку пред Трамп, а други покажуваат дека заостанува.

Улога на мировниот самит за Украина

Бајден ја задолжи Харис да ги надгледува дипломатските напори со земјите од Латинска Америка за забавување на протокот на мигранти кон јужната граница на САД. По преземањето на функцијата, Бајден ги олабави правилата за имиграција воведени во мандатот на Трамп, што предизвика наплив од мигранти преку границата. Харис се фокусираше на решавање на основните причини за проблемот- како што се сиромаштијата и недостатокот на можности за работа во матичните земји, но се соочи со критики од десницата и од некои членови во нејзината партија бидејќи и беа потребни недели за да ја посети границата.

Портфолиото на Харис вклучуваше и заштита на гласачките и репродуктивните права. По одлуката на Врховниот суд со која беше поништена пресудата која го признаваше абортусот како уставно право, таа патуваше низ земјата во пресрет на конгресните избори во 2022 година за да ги поддржи демократските кандидати, ветувајќи дека ќе даде приоритет и ќе ги заштити правата на абортусот.

Како потпретседателка, Харис ги изгради своите приоритети за надворешна политика, правејќи повеќе од десетина прекуокеански патувања и средби со повеќе од 150 светски лидери. Во јуни таа ги претставуваше САД на мировниот самит за Украина што се одржа во Швајцарија. Сепак, таа сè уште не е перципирана како меѓународен државник од гласачите, велат политичките аналитичари.

Харис ќе има шанса да го покаже своето познавање за надворешни работи, во услови на војни во Украина и Газа, во дебата со Трамп, што потенцијално може да го промени нејзиниот имиџ меѓу гласачите. Нејзиниот недостиг на длабоко меѓународно искуство беше еден од неколкуте фактори што и наштетија на нејзината кандидатура за претседателска номинација од Демократската партија во 2020 година.

Харис би можела да добие гласови со заземање различен став од администрацијата на Бајден за некои надворешнополитички прашања, велат експертите. Бајден отуѓи дел од демократската база – особено младите прогресивци со неговата произраелска политика, вклучително и испраќање оружје во земјата. Пролетта околу универзитетите избувнаа протести против поддршката што американската администрација ја дава на Израел. Харис, која не е тесно поврзана со ова прашање, доколку заземе покритичен став за израелските напади врз Газа, би можела да се обиде да врати некои од овие гласачи.

Нејасно е како полот и етничката припадност на Харис ќе влијаат на нејзините шанси на изборите во 2024 година. Додека некои Американци велат дека земјата не е подготвена за жена претседател, Харис потенцијално би можел да придобие некои гласачи со црна боја на кожата кои се разочарале од Демократската партија.

Ќерка на имигранти

Камала Деви Харис е родена на 20 октомври 1964 година во добро образовано семејство во Оукленд, Калифорнија, во период кога во САД се случуваа расни немири.

Нејзината мајка, Шјамала Гопалан, била биолог која емигрирала во САД неколку години претходно од Индија за да студира на престижниот универзитет во Калифорнија, „Беркли“. Нејзиниот татко, Доналд Харис, се преселил во Калифорнија од Јамајка во 1961 година за да студира економија на „Беркли“, а потоа станал професор на „Стенфорд“, уште еден врвен универзитет во САД.

Двајцата се запознале како активисти за граѓански права во „Беркли“. Харис како дете била одела во училиште во бел кварт во Калифорнија, пред да се пресели во Монтреал со мајка си и сестра си откако нејзините родители се развеле.

Харис се вратила во САД за да студира на Универзитетот „Хауард“, стекнувајќи се со диплома по политички науки и економија. Таа потоа студира и на правниот факултет на Универзитетот во Калифорнија, дипломирајќи во 1989 година.

Харис брзо изгради име во правната фела во Калифорнија и во 2003, победувајќи го својот шеф, стана окружен обвинител на Сан Франциско. Една година подоцна се соочи со гнев од органите на прогонот бидејќи одби да бара смртна казна за член на банда обвинет за убиство на полицаец.

Како окружен обвинител од 2004 до 2011 година, Харис покажа дека е цврста во борбата со криминалот, зголемувајќи ја стапката на пресуди за кривични дела и злосторства со дрога. Тоа, делумно, и овозможи да победи на изборите во 2010 година за јавен обвинител на Калифорнија.

Еден од нејзините противници во прелиминарната трка за претседателски кандидат на демократите во 2020 година ја критикуваше Харис поради бројот на луѓе кои завршиле зад решетки поради марихуана во ситуација когаа таа самата призна дека ја пробала дрогата.

Оттогаш, во Калифорнија беше легализирана марихуаната за рекреативна употреба. По првичното противење, Харис ја поддржа декриминализацијата на канабисот, што стана клучен елемент во повиците за реформа на националното кривично право.

Од обвинител до втора црна жена во Сенатот

Шестте години поминати како државен обвинител на најголемата американска држава по население, се совпаднаа со расните немири предизвикани од полициските престрелки во државите како Њујорк и Мисури, што доведе до повици за реформи во Калифорнија.

Харис имаше активности за борбата против пристрасност на државните органи во спроведување на законот, но одби да ја поддржи задолжителната употреба на камери на телото на полицајците, мерка која може да помогне да се разјасни дали полициската сила во одредена ситуација е оправдана или не.

Таа, исто така, ги налути прогресивците кога не го поддржа предлог-законот со кој би се барало од нејзината канцеларија како државен обвинител, да ги испита полициските престрелки.

По смртта на Џорџ Флојд во рацете на полицијата во Минесота во мај 2020 година, Харис се обиде да ја балансира својата позиција во однос на реформите за спроведување на законот, велејќи дека земјата треба да ја „преиспита“ јавната безбедност. Сепак, не даде експлицитна поддршка на повиците од прогресивците.

Харис беше избрана во Сенатот на САД во ноември 2016 година, со што стана втората црна жена во историјата на САД што освоила место во горниот дом на Конгресот.

Таа служеше во четири комитети на Сенатот, вклучувајќи ги телата за разузнавачките работи, буџетот, судството, како и домашната безбедност и владините работи. Тоа и донесе ограничено искуство со надворешната политика.

Доколку биде номиниран, Харис ќе треба да најде кандидат за свој потпретседател кој ќе ја надополни и ќе и помогне да ги освои клучните гласови, особено оние во клучните држави.

Извор: slobodnaevropa.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Велешанец приведен за предизвикување пожар

Следно

Познати се тенисерите кои ќе се борат за титулата државен првак

Latest from Blog

Пет месеци по неговиот избор: Претседателката Силјановска-Давкова ќе го прими Филипче во Вила Водно

Денеска ќе се одржи работна средба помеѓу претседателот на СДСМ, Венко Филипче и Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска – Давкова, извести СДСМ. Ова е прва средба на новиот претседател на СДСМ

Дел од општините сè уште немаат мерни станици – Дали воздухот во Македонија е многу позагаден отколку што мислиме?

Енормното загадување на воздухот е реалност што нè чека и оваа зима, иако не е официјално започната, речиси секој ден, освен кога има дожд и ветер граѓаните се гушат во висока концентрација

Парламентарци од Чешка во посета на Собранието на Македонија

Делегација на Комисијата за надворешни работи, Дом на пратеници од Парламентот на Чешката Република, денеска ќе го посети Собранието на Република Македонија. Како што е најавено, чешката парламентарна делагација ќе биде примена

Какво ќе биде времето денес?

Времето денеска ќе биде ведро и студено со услови за појава на магла по одделни котлини. Преку денот сончево со мала локална облачност и со слаб променлив ветер, соопшти Управата за хидрометеоролошки
Go toTop