По 15 години од првиот обид, ќе заживее ли лобирањето во Северна Македонија?

4 mins read

Ургирање кај пратеници, министри, градоначалници, советници и други функционери за да се донесе или промени некој закон, подзаконски акт, одлука… Да се изврши влијание врз јавните политики и програми особено кога тие се однесуваат на урбанистичкото планирање, развојот и доделување и распределбата на јавните средства.

Вака во две реченици може да се објасни што значи легалното лобирање според македонското законодавство. Тоа подразбира најмување лобист или лоби организација на која и плаќате и која оди кај претставници од различни нивоа на власта, за да ги застапува вашите интереси нудејќи аргументи и анализи и на тој начин да влијае да се промени некој закон, одлука, стратегија…

Првата ваква лоби организација во Северна Македонија, според новиот Закон за лобирање кој почна да се применува на средината на 2022, беше регистрирана дури на почетокот на јули оваа година. Првпат лобирањето се стави во правна рамка, пак, уште во 2008, но реален пример како тоа функционира во пракса речиси и да нема бидејќи никогаш не заживеа.

Првата и најочигледна причина за регулирање на лобирањето е дека доколку тоа не се направи може многу лесно да се претвори во корупција, нотираа Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ и Центарот за економски анализи во извештај во 2019, период кога се подготвуваше новиот Закон за лобирање. Тој беше изгласан на средината на 2021, а почна да се применува една година подоцна.

Во големите земји, пак, лобирањето е веќе развиена индустрија. Во САД, на пример, 2023 била рекордна за растот на индустријата за лобирање. Втора година по ред, според сервисот „Блумберг гаврмент“, трошоците за федерално лобирање надминале четири милијарди долари, а на првите десет лоби фирми приходите лани им се движеле од 24 до 63 милиони долари.

Првите лобирања во енергетиката?

Првата лоби организација во Северна Македонија на 8 јули беше регистрирана во Штип. Станува збор за лоби организацијата „Прима инкасо“, а како нејзини претставници се наведени Кирчо и Стефанија Моневи. Областите за лобирање кои тие ги пријавиле се економијата, енергетиката и правни и консултантски услуги.

Контакти со потенцијални клиенти – компании, како и со места каде ќе лобираат – општини, веќе имале.

„Во комуникација сме со повеќе општини овие денови како и пројавување интерес на повеќе фирми кои сакаат да не ангажираат како лобисти во делот на енергетиката“, вели Стефанија Монева за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Иако сите се скептици дека лобирањето ќе заживее, таа вели дека се осмелиле да се регистрираат како лобисти „за да се спречи нелигитмното влијание врз јавните политики и процеси“, како и „коруптивните ефекти“.

„На клиентите ќе им нудиме строго професионални услуги преку кои ќе можат полесно да функционираат во системот на државата“, вели Монева.

Нејзиниот татко, а сега и „лоби-партнер“, Кирчо, очекува дека ќе го заживеат лобирањето.

„Лобирањето во целиот свет е развиена индустрија, и во политиката и во општините на локално ниво и во приватниот сектор. Посебно со странските инвеститори. Мислиме дека со нашата пракса и контактите со странски партнери, ќе придонесеме за развој на лобирањето и ќе поттикнеме повеќе компании да ангажираат лоби организации“, вели Кирчо Монев РСЕ.

„Легалното лобирање е лесно ако се почитуваат правилата“

Лобирањето се смета за антикорупциски инструмент, па надлежноста за овој закон е во рацете на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).

„Очекуваме дека со примената на овој закон ќе се регулираат сите оние активности на лобирање кои можеби се одвиваат, но сега ќе бидат ставени во законски уредена рамка. Овој закон е едноставен за примена, треба само да се почитуваат правилата и обврските кои истиот ги наметнува“, велат од ДКСК за РСЕ.

Нови барања за регистрација како лобисти или лоби организации засега нема. Повици за други лобисти, антикорупционерите упатија и јавно.

„Би сакал да ги охрабрам заинтересираните физички и правни лица, кои сакаат да се стекнат со статус на лобисти или лоби организации, да ги искористат можностите што им ги нуди Законот за лобирање“, повика потпретседателот на ДКСК, Зоран Богоевски, на јавната седница на 8 јули.

Институциите кај кои се лобира имаат законска обврска да изготват внатрешни акти за да ги утврдат процедурите и правилата. Досега тоа го направиле само 32 институции. Меѓу нив се Државна лотарија, Агенцијата за промоција на туризмот, Центарот за управување со кризи, Геолошкиот завод, Државниот архив, Управата за извршување санкции… На листата има и неколку министерства: за правда, за култура и за образование и наука. Има и четири општини: Аеродром, Делчево, Демир Хисар и Кавадарци.

„Во неколку наврати ги потсетивме органите/институциите на оваа обврска, некои од нив постапија, а во наредниот период повторно ќе го актуелизираме ова прашање“, велат од ДКСК.

Антикорупциска е таа која го води регистарот и е надлежна да врши надзор на спроведувањето на Законот.

Лобист поединец може да биде секое физичко лице кое има деловна способност, а лоби организација може да се регистрира секое правно лице запишано во Централниот регистар. Тоа може да го прават и странски фирми и лица кои ќе регистрираат како лобисти.

Забрана да бидат лобисти, пак, имаат избрани и именувани функционери, секретари во општините, генерални секретари, државни секретари, одговорни лица во јавно претпријатие или јавна установа … Тие не смеат да вршат лобирање и три години по престанокот на мандатот.

На листата на оние кои не може да се занимаваат со овој бизнис се и вработени и посебни советници во органите кај кои се лобира.

Како ќе се контролира лобирањето?

За разлика од нерегулираното лобирање, кое често се граничи со корупција, регистрираните лобисти и организации се обврзани да доставуваат извештаи до антикорупционерите еднаш годишно. Во нив, мора да наведат за кого и кај кого лобираат, колку пари земаат за тоа итн.

Функционерите и лицата кај кои се лобира, пак, мора да водат записник за секој контакт со лобистите – кој е лобистот, за која област лобира, кој е нарачателот, кога била остварена средба. Овие записи мора да ги испратат и до ДКСК во рок од осум дена од таквата средба.

Ако не го почитуваат законот, предвидени се казни од 200 до 1.000 евра.

ВМРО-ДПМНЕ како опозиција имаше низа забелешки

Кога беше поднесен како предлог-закон крајот на 2020, тогашната владејачка гарнитура на СДСМ и ДУИ му стави европско знаменце со образложение дека се прави усогласување со европските регулативи.

Меѓу другото, се повикуваа и на препораките од ГРЕКО (Група на држави против корупцијата), според кои, треба да се воведат правила за односите на пратениците со лобистите и со трети лица кои „настојуваат да влијаат врз законодавниот процес“. Исто така, пратениците од тогашното владејачко мнозинство во дебатата во Собранието ги наведуваа и препораките да се воведат правила за интеракциите на највисоките функционери со лобистите и со трети страни и да имаат извештаи за нив. Лобирањето треба да се регулира бидејќи е и тесно поврзана со корупцијата, тврдеа пратениците.

ВМРО-ДПМНЕ, како тогашна опозиција, негодуваше. Од критиките дека е задоцнето носењето на новиот закон, до тоа дека треба да се допрецизираат условите за кој може да биде лобист. Меѓу незадоволните од Законот беше и претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во тоа време пратеничка. Како што може да се види од стенограмските записи од комисиските расправи во Собранието, таа се противела на европското знаменце бидејќи и „меѓу самите членки на ЕУ има само неколку во кои има вакви законски решенија“. Нејзините забелешки беа и дека нема дефиниција за лобист и оти не е прецизирано што значи неетичко и незаконско однесување.

Според стариот Закон за лобирање од 2008, регистарот на лобисти го водеше Собранието. Во речиси 15 години до донесувањето на новиот закон, тоа никогаш не заживеа. Според информациите од парламентот, првично тогаш се регистрирало само едно лице како лобист, но набргу потоа немало никакви активности и резултати.

Извор: Радио Слободна Европа

Претходно

Во авионската несреќа во Непал извлечени 18 мртви тела

Следно

Бример: Не очекувам промена на надворешната политика под водство на Харис

Latest from Blog

Бугарскиот амбасадор ја одбил протестната нота, усно изразена загриженост поради отстапувањето од договорениот протокол и побарано дополнително објаснување

Бугарскиот амбасадор Желјаско Радуков, кој попладнево беше повикан во македонското МНР поради дипломатскиот пропуст со неистакнувањето