Писарев: Ќе останеме без вода за пиење ако продолжиме да ги загадуваме реките

March 29, 2025
2 mins read

Соња ТАНЕСКА

Во време кога климатските промени веќе ја менуваат природата на целиот свет, Македонија се соочува со сериозен проблем – уништување на нејзините водни ресурси. Активистот Никола Писарев алармира дека состојбата со водите е во катастрофална фаза и дека доколку не се преземат итни мерки, земјата ќе се соочи со огромни последици во блиска иднина.

„Ако земеме предвид дека сите реки во земјава заедно имаат проток од само 200 кубни метри во секунда, од кои едвај 1-2% се чиста вода, веднаш станува јасно колку е кревка ситуацијата. Чистата вода во Македонија веќе е реткост, а проблемите почнуваат веднаш штом водата помине низ првото населено место“, вели Писарев.

Загадувањето на реките – системски проблем

Македонските реки одамна не се чисти. Иако постои перцепција дека одредени реки, како Радика, се чисти, Писарев објаснува дека оваа чистота се задржува само во изворишните делови.

„Радика е чиста до Жировница, но подолу веќе е загадена. Вардар, пак, уште од своите први километри се претвора во канализација. Само 500 метри од изворот, веќе некој нелегално испушта отпадни води, а во првите 70 километри од своето течение водата паѓа во четврта или петта категорија на загаденост.“

Другите големи реки, како Црна Река, Брегалница и Пчиња се во слична состојба. Писарев алармира дека индустриските објекти и канализациските испусти дополнително ја влошуваат ситуацијата.

„Сите отворени водотеци се катастрофа, а ниту езерата не се во подобра состојба. Преспанското Езеро исчезнува, Дојранскиот хидросистем не работи, а вештачките езера се на умирање.“

Загаденоста на Вардар – катастрофална состојба без решенија

Во Скопје, Вардар е целосно загаден, а состојбата не се подобрува ниту надолу кон Гевгелија. Канализацијата, индустриските отпадни води, фекалиите и ѓубрето секојдневно завршуваат во реката, без никаков систем за прочистување.

Проблемот со загадувањето не е само резултат на отпадните води, туку и на механичкиот отпад, опасните хемикалии и индустрискиот отпад. Во реките редовно се фрлаат пестициди, хербициди и инсектициди, кои ја уништуваат целата флора и фауна. Вештачките езера, кои некогаш биле извори на чиста вода, денес умираат поради неправилно одржување и загадување.

Проблемите со ископот на чакал, особено во Желино, дополнително ја влошуваат ситуацијата. Над 80 вакви сепарации долж Вардар секојдневно испуштаат нечистотии, правејќи ја водата жолта и неупотреблива.

Недостаток на сериозни мерки и институционална негрижа

Според Писарев, државата не прави доволно за да се спречи оваа еколошка катастрофа.

„Има пари за пречистителни станици, но тие или не работат или се нефункционални затоа што трошаат многу струја, а институциите не се грижат. Илјадници фотографии сведочат како фекалии и отпад пливаат низ реките, а реакција од надлежните нема.“

Во некои делови на земјата биле поставени колекторски системи, но најчесто тоа било благодарение на странски инвестиции.

„Швајцарците направија системи на Брегалница и Струмица, а резултатите се видливи – за 10 години се врати животот во тие реки. Но ние, како држава, не сме во состојба да го имплементираме тоа на национално ниво.“

Последици од уништените водни ресурси

Покрај загадувањето, Македонија се соочува и со опасност од недостиг на вода.

„Ќе останеме без вода, не само за наводнување, туку и за пиење. Подземните води се под закана од загадување, бидејќи илјадници диви депонии ширум земјата континуирано испуштаат токсични материи во почвата. Она што денес го фрламе во околината, за 15-20 години ќе го пиеме во чашите или нема да пиеме воопшто“, предупредува Писарев.

Дополнителен проблем е механичкото загадување – пластични шишиња, инсектициди, хербициди и други опасни материи кои завршуваат во реките. „Едно мало шише со хербицид може да уништи 50.000 кубни метри вода. Ова е проблем што се третира како неважен, но последиците ќе бидат катастрофални.“

Што може да се направи?

Писарев е јасен – без итни и конкретни мерки, иднината на водните ресурси во Македонија е неизвесна. „Мора државата да одлучи дали сака вода или не. Ако не, ќе мораме да си бараме нови живеалишта, бидејќи за 20 години овде нема да има доволно чиста вода за основна егзистенција.“

Примерите од светот покажуваат дека ситуацијата може да се подобри. „Реката Рајна некогаш беше мртва река, но со вложување во прочистителни системи и со соодветни мерки, лососите и раковите се вратија. Македонија мора да го следи овој пример.“

Но, за тоа е потребна волја – од институциите, но и од граѓаните. „Ако продолжиме вака, ќе станеме пустина без вода, а тогаш нема да има кој да се прашува како сме дозволиле ова да се случи.“

ИЗВОР: racin.mk

MARKETING

MARKETING

Претходно

Рубио го потврди де факто распуштањето на УСАИД

Следно

Во Кочани пронајдена дрога, приведени четири лица

Latest from Blog

Рама по трагичната вест за тројцата американски војници: Албанија секогаш стои до САД

Албанскиот премиер Еди Рама вечерва реагираше по трагичната вест дека во Литванија се пронајдени телата на тројца исчезнати американски војници. Во објава на социјалната мрежа Икс напиша дека „молитвите и мислите се

Павловска – Циги во Аргумент плус: Корупцијата не труе и го убива и она малку вредно што го имаме како држава

Архитектката Даница Павловска – Циги во Аргумент плус рече дека покрај тоа што се обвинуваат системот и државата, треба да се обрне внимание и на човечкиот фактор кој го сочинува тој систем.

ПО СКАНДАЛОТ: Се огласи раководството на ФК Шкендија, длабокa жал за жртвите во Кочани

Раководството на фудбалскиот клуб Шкендија вечерва излезе со реакција по скандалозното однесување на одредени навивачи за време на едноминутниот молк со кој се оддаде почит на загинатите во трагедијата во Кочани на

Стартува заедничката гранична контрола на заеднички граничен премин Долно Блаце-Елез Хан

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста  дека од средина на месец април (14.04.2025) официјално ќе започне со работа заедничката гранична контрола (One Stop Shop) на заеднички граничен премин Долно Блаце –

Субвенционираниот студентски оброк без зголемување, иако цените растат

Се најавуваат измени во Законот за субвенциониран студентски оброк, но износот на субвенцијата ќе остане 140 денари, иако цените на храната пораснаа. Новите законски измени предвидуваат проширување на правото на субвенциониран оброк
Go toTop