„Освен што со години вложуваат во обуки на вработените во македонскиот правосуден систем, тие повремено посегаат и по санкции како што е т.н. црна листа во која САД ги сместуваат лицата за кои сметаат дека се инволвирани во корупција. Меѓутоа, странските санкции не се доволни не само затоа што не се проследени со домашни санкции. Имено, ние се соочуваме со многу подлабок проблем бидејќи корупцијата во меѓувреме стана начин на живот за многумина или, како што неодамна ја опиша холандскиот амбасадор станува збор за менталитет на луѓето кои мора да се менува“, рече шефот на државата во своето обраќање на шестата пленарна сесија на Националната конвенција за Европска Унија посветена на „Темелните општествени вредности за европската иднина“.
Практиките и културата кои ја овозможуваат системската корупција можно е да се променат само од внатре – со етичко лидерство во самите институции, смета претседателот на државата Стево Пендаровски, според кого, за драстично намалување на корупцијата потребни се не само истраги, туку и правосилни пресуди.
Борбата против корупцијата беше темата на која шефот на државата говореше во своето обраќање на шестата пленарна сесија на Националната конвенција за Европска Унија посветена на „Темелните општествени вредности за европската иднина“.
Осврнувајќи се на завршениот скрининг и очекувањата од процесот, Пендаровски на почетокот на обраќањето рече дека општ заклучок е дека не е доволно направено за клучното поглавје – владеење на правото.
„Деновиве, како што знаете, заврши скринингот за степенот на усогласеност на македонското законодавство со европското. Очекуваме во овој процес да бидат децидно дијагностицирани сите наши системски пропусти и недостатоци и да биде даден патоказ за понатаму. Меѓутоа, општ заклучок е дека не е доволно направено за клучното поглавје – владеење на правото и фундаменталните права кои се алфа и омега на европските интеграции“,
рече Пендаровски посочувајќи дека со нив започнуваат и завршуваат преговорите затоа што тие се провлекуваат буквално низ секоја сфера.
Во тој контекст шефот на државата потсети дека неодамна и Извештајот на Европската комисија констатира дека немаме напредок на ова поле.
„Онаму каде што не владее правото – владеат парите“,
рече Пендаровски.
Евидентно е, рече тој, дека кај нас прилично фреквентниот се говори со јазикот на корупцијата.
„Според истражувањето на јавното мислење спроведен од Македонскиот центар за меѓународна соработка барем една третина од македонските граѓани изминатава година биле изложени на коруптивен притисок и за жал, според истото истражување овој јазик го зборуваат „дури четвртина“ од нашите граѓани кои подлегнале на притисокот и влегле во некаква коруптивна трансакција на пари, врски и влијанија. Притоа, не станува збор само за големи, туку и за мали навидум занемарливи суми, меѓутоа корупцијата е корупција независно дали станува збор за 500 денари или за 500 илјади денари“,
рече шефот на државата.
Многу врати се отвораат и многу услуги стануваат достапни за оние кои го разбираат јазикот на корупцијата, вели Пендаровски додавајќи дека за разлика од нив, оние кои не се дел од тој синџир се честопати дискриминирани, бидејќи не можат да ги остварат своите права и да дојдат до услугите што им следуваат по закон. Во овој контекст тој ги посочи и младите кои не можат да напредуваат врз основа на сопственото знаење, квалификации и вештини, поради што едноставно си заминуваат од државата.
„Ефектите од корупцијата се засилуваат преку правните дупки и нејаснотии што лесно се злоупотребуваат за да се корумпира и за да се избегне одговорноста. Загрижувачки е кога примената на правото зависи од „вештината“ на толкување на оние кои треба да го имплементираат па често законската терминологија добива различно некогаш и спротивно значење од изворното. На крајот од денот одговараат оние кои се огрешиле пред законот, но кои немаат со што ’да тргуваат’ за да ја откупат својата слобода“,
рече Пендаровски.
За оваа загрижувачка состојба, додаде тој, придонесува и нерешителноста на поединци од надлежните институции да поведуваат постапки против оние за кои постојат основи на сомневање, но кои имаат статус на недопирливи во општеството.
Оттаму се стекнува впечаток, рече тој, дека САД и ЕУ се поревносни борци против корупцијата кај нас од некои наши институции и поединци во нив.
„Освен што со години вложуваат (САД и ЕУ) во обуки на вработените во македонскиот правосуден систем, тие повремено посегаат и по санкции како што е т.н. црна листа во која САД ги сместуваат лицата за кои сметаат дека се инволвирани во корупција. Меѓутоа, странските санкции не се доволни не само затоа што не се проследени со домашни санкции. Имено, ние се соочуваме со многу подлабок проблем, бидејќи корупцијата во меѓувреме стана начин на живот за многумина или, како што неодамна ја опиша холандскиот амбасадор станува збор за менталитет на луѓето кои мора да се менува. Притоа, не треба да изоставиме уште неколку други елементи“,
рече Пендаровски.
Надовразувајќи се тој истакна дека и кога се поведени, истрагите и процесите на висока корупција се исклучително бавни и неизвесни, а одбраната на овие лица ја користи секоја процедурална алатка за да ги пролонгира судењата и за тоа наоѓа разбирање кај еден дел од судиите со што се засилува перцепцијата кај граѓаните дека правдата е бавна, но недостижна.
„Второ, дури и малобројните успешно завршени судски процеси се ограничени на конкретни личности и конкретни дејствија направена во конкретен временски период при што речиси секогаш отсуствува континуитет во акциите во државата, особено по промените на власта на централно или на локално ниво. Ваквите вакуум периоди практично ги поништуваат ефектите од ретките успешно завршен случаи на корупција кај носителите на јавните функции“,
посочи претседателот.
Како трето и најважно, нагласи тој, институционалните практики и културата кои ја овозможуваат системската корупција можно е да се променат само од внатре или со други зборови неопходно е етичко лидерство во самите институции.
„За драстично редуцирање на корупцијата мораме да инсистираме не само на истраги, туку на правосилни пресуди кои на тој начин се покажува дека законите важат подеднакво за сите дури и за најмоќните и најбогатите“,
рече Пендаровски.
Тој порача дека во секој оддел, сектор и институција со помош на антикорупциските тела, невладиниот сектор и јавноста мора да се гради култура на професионален и личен интегритет на секој вработен во тие институции, но и на институциите во целина.
Ако не го правиме ова во континуитет, малобројните успешно завршени судски случаи ќе бидат само кратко затишје пред нова коруптивна бура, рече Пендаровски.
Борбата против корупцијата, вели шефот на државата, најефикансо се води кога државата е фокусирана на европските интеграции.
„Суштината и резонот на интеграциите е да се издигне владеењето на правото како врвна вредност во општеството и државата. Борбата против корупцијата не само во нашиот случај најефикансо се води кога државата е фокусирана на европските интеграции. Затоа ниту геополитичкиот контекст ниту економската или енергетска криза ниту блокадите на интеграциите не смеат да не дефокусираат од оваа цел“,
порача Пендаровски.
Оваа цел, како што додаде тој, не може да биде приоритет само на една политичка гарнитура и упати апел до сите политички чинители – и од власта и од опозицијата конструктивно да се вклучат во процесот и да придонесат за негово непречено одвивање.
„Како натпартиски потфат европските реформи можат да ни помогнат да го вратиме општото добро и јавниот интерес во јадрото на политичкиот дискурс и практика. Старо правило е дека заедно можеме да го постигнеме она што засебно не можеме, а национален императив број еден е да спроведеме сериозни реформи за да отвориме нови можности не само за нас лично, туку за сите македонски граѓани“,
порача шефот на државата.
ИЗВОР: 360stepeni.mk