Според претседателот на државата, опозицијата има националистички наратив за освојување на политички поени за случајот со Бугарија
Внесувањето на Бугарите во Уставот не значи плаќање на никаква политичка цена, но доколку до крајот на годината не се обезбедат 80 птатеници, за кои сега ги нема владејачкото мнозинство, со ова прашање треба да се занимава идниот парлементарен состав.
Ова го посочи претседателот Стево Пендаровски во вечерашното издание „Вин-Вин“ на Телма ТВ, оценувајќи дека најголемата опозициска партија во изминатите три години се однесувувала со одбивање на се што доаѓа од Софија, а истовремено во Брисел, како што вели тој, кај своите политички партнери од Европската народна партија воопшто не лобирала за поддршка
„Значи, таму не се залагаа за нешто поинакво, полесно, за кое можеме да се договориме за некаков компромис, ниту овде во Скопје, според она што го знам од претходниот и сегашниот премиер, праќаа сигнали дека се подготвени да прифатат. Ова е минималистички пакет. Ако земеме во предвид што имавме предложено од Бугарија во Брисел пред три години – јазик и идентитет до 1944/45 и администрација, наместо окупација, и сега доаѓаме само да ги ставиме Бугарите во Устав каде што имаме шест-седум делови од народи и плус пет треба да бидат ставени, станува збор за мал пакет и никаква политичка цена која треба да се плати“,
потенцира Пендаровски.
Пендаровски смета дека опозицијата има националистички наратив за освојување на политички поени за случајот со Бугарија.
„Таа националистичка наратива, со организација на протестите лани, им носеше политички поени. И тие имаа само една работа во нивниот политички дискурс – наредните парламентарни избори и доаѓање на власт, Нивните лидери не го криеја тоа. Велат „ние ќе размислуваме за промена на уставот и за Бугарите внатре, прв да дојдеме на власт, па за тоа потоа“,
рече Пендаровски.
Според него, секогаш е полесно да се продаде националистичка наратива од таа што е поумерена.
„Ако јас се решам, јас не сум таков профил на човек и на политичар, да употребувам националистичка наратива и да зборувам против Албанците, Бугарите, да бидам антиамериканец, итн., јас можам да освојам 700.000 гласови на било кои избори“,
истакна Пендаровски.
Тој се осврна и на обидите за приближување до опозицијата.
„Заев направи неколку обиди, најмалку еден беше јавен во парламентот, кога се обиде да им објасни кој е првиот нацрт на Преспанскиот договор на тогашните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Исходот од таа седница, која беше затворена за јавност, е дека се беше одбиено. За Преспа, Заев направи обид – доби не чини тоа, не чини тоа, не чини. Еден од најгласните пратеници на таа седница, сега вели Преспанскиот договор е реалност и да нема никој илузија дека ќе го менуваме. Станува збор за дабл трек или двоен колосек – едно зборуваш пред твојот електорат и пред јавноста, чекајќи да дојдеш на власт и на крај ќе се легнеш на брашно и ќе си прифатиш се – и Северна и Бугари во Устав, итн.“,
истакна шефот на државата.
Тоа, според него, е она што се нарекува партиски интерес, а не државен и стратешки.
ВМРО-ДПМНЕ: Добро е што Пендаровски призна дека уставни измени не се можни, а добро е и да и сугерира на власта да излезе на избори
Добро е што Пендаровски призна дека уставни измени не се можни, а добро е и да и сугерира на власта да излезе на избори, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ вечера како рекација на интервјуто на ТВ Телма на претседателот Стево Пендаровски.
„Со признанието на Пендаровски стана јасно дека СДС и ДУИ се свесни дека уставни измени нема да има, и дека ја замајуваат јавноста само за да нема избори. Пендаровски призна и дека власта освен за промена на устав, друго и не работела. Во однос на кривичниот законик Пендаровски уште еднаш покажа дека морал да потпише тоа што му кажале Ковачевски и Ахмети, па како и се до сега Пендаровски има свој став, се додека поинаку не му наложат Ковачевски и Ахмети. Жално е да се гледа Пендаровски кој всушност е носител на позицијата Претседател на Македонија, како талка во ставовите. Очигледно е дека одамна ниту на Водно, ниту на Илинденска нема капетан на бродот“,
пишува во рекацијата од опозициската партија.
ИЗВОР: 360stepeni.mk