Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи во рамки на својата посета на Туркменистан имаше средба со министерот за надворешни работи, Рашид Мередов со кого одржаа и заедничка прес-конференција.
Како што изјави Османи, на средбата со Мередов разговарале за теми од заеднички интерес поврзани со ОБСЕ, а се осврнале и на регионалните прашања што го засегаат Туркменистан и поширокиот регион на ОБСЕ.
ОБСЕ минува низ турбулентен период. Воената агресија на Русија против Украина продолжува да се заканува на целокупната стабилност на регионот на ОБСЕ, предизвикувајќи пред сè огромно човечко страдање. Тоа не само што ја загрозува работата на ОБСЕ, туку има силно влијание врз нашите земји оставајќи длабоки социо-економски последици за луѓето“, истакна Османи.
Регионот на Централна Азија, пак, исто така е погоден и од економската и социјалната нестабилност во Авганистан, уште една ситуација за која е потребен заеднички одговор во рамки на ОБСЕ за ублажување на ризиците, рече Османи.
ОБСЕ ќе продолжи да служи како единствена платформа за дијалог и ќе ги поддржи земјите-учеснички во справувањето со овие влијанија преку Рамката за акција на ОБСЕ како одговор на импликациите од ситуацијата во Авганистан за регионот на ОБСЕ“, истакна Османи на прес-конференцијата.
Османи и Мередов разговараа и за поддршката што Туркменистан ја добива преку Центарот на ОБСЕ во Ашгабат во насока на помош на земјата за борба против корупцијата, управувањето со граничната безбедност во насока на ефективно справување со прекуграничните предизвици, помош на ранливите групи, особено помош за сузбивање на родово базираното насилство.
Ова се само неколку од многуте области во кои соработката помеѓу теренската мисија на ОБСЕ со државните институции носи директен бенефит за луѓето во Туркменистан“, рече Османи.
Регионот на Централна Азија е еден од клучните региони на ОБСЕ и програмата на Претседавањето на Македонија со Организацијата во 2023 година посветува големо внимание на справувањето со ризиците со кои се соочува овој регион.
Петте земји од Централна Азија, Туркменистан, Таџикистан, Киргистан, Узбекистан и Казахстан минатата година одбележаа 30-годишнина како земји-учеснички на ОБСЕ.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.