Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја информира јавноста дека во „Службен весник на Република Северна Македонија“е објавен Правилникот за формат, содржина и методологија за изработка на општинскиот енергетски план.
Со овој правилник за првпат се воспоставува јасен, структуриран и контролиран систем за планирање на енергетските инвестиции на локално и национално ниво, со што се става крај на ад-хок пристапот и се воведува ред, предвидливост и рамномерност во развојот на енергетските капацитети во државата.
Клучни новини на системот:
- Инвеститорите кои планираат реализација на енергетски објекти со моќност до 1 MW, иницијативите ги доставуваат директно до општините каде што сакаат да инвестираат, најдоцна до 1 април;
- Општините врз основа на пристигнатите иницијативи, сопствените потреби и просторни можности, изработуваат Општински енергетски план и предлог за инвестиции;
- Подготвените планови општините ги доставуваат до Министерството најдоцна до 15 мај;
- Министерството, имајќи ја предвид целокупната слика и потребата од рамномерен развој, изготвува годишен план за инвестиции;
- Општинските енергетски планови се објавуваат на веб-страниците на општините најдоцна до 1 јули, со што процесот станува целосно транспарентен.
Со оваа нова методологија, општините стануваат клучен филтер и партнер во процесот на планирање, што овозможува инвестициите да бидат усогласени со реалните потреби на граѓаните, инфраструктурните капацитети и локалниот развој.
Истовремено, Министерството обезбедува стратешка координација и грижа за балансирано распределување на капацитетите на национално ниво, спречувајќи прекумерна концентрација на проекти во одредени региони и овозможувајќи одржлив и правичен енергетски развој.
Правилникот има за цел да им помогне на општините во секој чекор од процесот – од иницијатива до финален план – преку јасно дефинирани насоки, структура и методологија за изработка на општинските енергетски планови.
Во таа насока, Министерството веќе го достави правилникот до ЗЕЛС, кој ќе го дистрибуира до сите општини во државата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува на располагање на сите општини за дополнителни информации, стручна поддршка и појаснувања во врска со примената на правилникот, со цел процесот на подготовка и реализација на општинските енергетски планови да се одвива непречено и ефикасно.
За прашања и поддршка, општините можат да се обратат на:
Со воспоставувањето на овој систем, за првпат се гради темел за долгорочно, контролирано и стратешко управување со енергетските инвестиции во Северна Македонија – во интерес на граѓаните, општините и економијата.


