Во Скопје денеска се одржал регионален стратешки дијалог „Од податоци кон дејствување: Креирање заеднички решенија за квалитетно образование во Западен Балкан“, организиран од УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија во соработка со ОЕЦД и Европската комисија, под покровителство на Министерството за образование и наука на Македонија, на кој експерти и практичари од областа на образованието и креатори на политики од земјите на Западен Балкан се согласиле околу заеднички приоритети за зајакнување на образовните системи и обезбедување квалитетно учење за секое дете.
Како што соопшти Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, на отворањето на првиот ден, министерката за образование и наука Весна Јаневска истакнала дека резултатите од ПИСА тестирањето покажуваат дека мора да се работи на повеќе аспекти истовремено – од зајакнување на квалитетот на наставата и воннаставните активности, до поддршка на благосостојбата на учениците и подготовка за начинот на кој се тестираат компетенциите на учениците.
Во текот на дводневниот настан, претставници од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија ги разгледале најновите податоци, дискутирале за националните и регионални предизвици и заеднички работeа на изнаоѓање решенија за унапредување на образованието во Западен Балкан.
– Овој дијалог ја потврди нашата заедничка посветеност да му овозможиме на секое дете да учи и да успее, изјавила Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ во Македонија. Со фокус на конкретни акции и регионална соработка, можеме да изградиме посилен и поинклузивен образовен систем за сите деца, изјавила Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ во Македонија.
Еден од клучните исходи на дијалогот беше согласноста да се надмине јазот помеѓу универзитетите и училиштата преку реформа на иницијалното образование на наставниците, за новите наставници да бидат целосно подготвени за настава и учење базирани на компетенции. Учесниците исто така ја нагласија важноста од зајакнување на наставничката професија преку создавање можности за кариерен развој заснован на заслуги, стои во соопштението на Канцеларијата на УНИЦЕФ.
Дополнително, било потенцирано дека реформите мора да стигнат до училниците – а не само на хартија. За тоа да се постигне, потребно е да се усогласат оценувањата и наставните програми и да се создадат услови за наставниците да ги поддржат учениците во совладувањето на компетенции и вештини клучни за нивната иднина.
Од УНИЦЕФ додаваат дека дискусијата ја одразила сè поголемата свест за вредноста на взаемното учење и соработка, а за да продолжи регионалната соработка, било договорено изготвување заеднички технички и аналитички документ кој ќе служи како насока за образовните и стратешки реформи низ земјите од Западен Балкан.
Извор: kurir.mk


