Обвинителството денеска очекува кривична пријава од МВР за насилството во М-НАВ

5 mins read

„Во моментот се преземаат дејствија за расчистување на настанот. Основното јавно обвинителство Скопје во текот на денот очекува кривична пријава од Министерството за внатрешни работи, а за натамошната постапка соодветно ќе ја информира јавноста“,  информираат денеска од Јавното обвинителство

Упадот се случи вчера попладне непосредно по прес-конференецијата на лидерот на Струковиот синдикат на контролорите на летање, Александар Тасевски, на која тој информира дека членовите на Синдикатот се под засилен притисок од менаџментот на М-НАВ поради негодувањата на синдикалците за последниот оглас за вработување

Додека во јавноста не стивнуваат бурните реакции по вчерашниот инцидент во Македонската навигација (М-НАВ), каде што неколку лица и вработен во Навигацијата упаднаа во институцијата и нападнаа друг вработен, од Јавното обвинителство велат дека во тек се дејствија за расчистување на настанот. 

Зградата во која се наоѓа Основното јавно обвинителство Скопје / Фото: Архива

Оттаму информираат дека во текот на денот се очекува во Основното јавно обвинителство Скопје да пристигне кривична пријава од Министерството за внатрешни работи (МВР). 

Од Министерството синоќа информираа дека по упадот во Македонска навигација четири лица поврзани со настанот се во полициска станица и со нив се вршат службени разговори.  

„Во моментот се преземаат дејствија за расчистување на настанот. Основното јавно обвинителство Скопје во текот на денот очекува кривична пријава од Министерството за внатрешни работи, а за натамошната постапка соодветно ќе ја информира јавноста“,  

велат од Јавното обвинителство.

Инаку, освен овие четворица, полицијата, како што соопшти МВР, трага по уште четири лица поврзани со настанот.

Засега официјално не е познат точниот број на лица кои упаднаа во Навигација, но според она што досега од познато од соопштенијата на МВР, најверојатно станува збор за осум лица. 

Како се случил упадот во М-НАВ

Упадот се случи вчера попладне непосредно по прес-конференцијата на лидерот на Струковиот синдикат на контролорите на летање, Александар Тасевски, на која тој информира дека членовите на Синдикатот се под засилен притисок од менаџментот на М-НАВ поради негодувањата на синдикалците за последниот оглас за вработување. 

Како што рече Тасевски, по упадот, возилата со кои лицата дошле во кругот на зградата на М-НАВ воопшто не биле спречени од двојното обезбедување да му пристапат на објектот. Тие го поминале и обезбедувањето кое го врши надворешна фирма, но и обезбедувањето на М-НАВ. 

Според пријавата, која стигнала во полициското одделение во Петровец од вработен во М-НАВ, тројца вработени биле нападнати од свој колега и од уште неколку други непознати лица. 

„Денеска (4.1.2024) во 15:15 часот во ПО Петровец лице вработено во М-НАВ пријавило дека во објектот имало нарушување на јавниот ред и мир односно дека Б.Н. (лице вработено во институцијата) заедно со уште неколку непознати лица физички ги нападнале П.Б., Е.К. и Б.Р. (лица вработени во институцијата). Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје се упатени кон местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот“,

информираа првично од МВР.  

Контрола на летање

Како што објави СДК.мк, лицата што упаднале во објектот на Македонската навигација се членови на ДУИ. Групата наводно била лута оти поддршка на првиот синдикалец Тасевски на прес-конференција му дале и контролорите етнички Албанци. 

Улогата на Бекир Незири

Според ТВ Алсат, едно од лицата што влегоа во објектот на М-НАВ е претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир, Беким Незири. Незири своевремено беше член на Управниот одбор на Македонската навигација, како и министер за економија. Според сознанија на „360 степени”, Беким Незири сè уште е вработен во М-НАВ. 

Засега нема официјална потврда дека станува збор за истото лице, иако неговото име и презиме, одговараат на иницијалите што се споменуваат во информацијата на МВР за пријавата на случајот.  

ТВ Телма, повикувајќи се на свои извори, објави и редослед на настаните, односно како се случил упадот и насилството во М-НАВ. 

Инцидентот се случил во 15:15 часот, кога по прес-конференцијата на првиот синдикалец на контролорите за летање, две возила без никаков проблем пристигнале на паркингот пред заградата на контролата на летање. Претседателот на партискиот огранок на ДУИ во Чаир, Беким Незири, со картичка пропуштил седум луѓе, кои не биле вработени во институцијата, во која инаку е невозможно да се влезе без посебни безбедносни проверки и дозволи за влез.  

Беким Незири

Осумтемина луѓе во заградата потоа дошле до вработениот П.Б. истурајќи му се зошто бил со синдикатот, а не со партијата.  

Едно од лицата Е.С., кое според Телма е близок соработник на Незири, го удрил контролорт, а шефот на огранокот на ДУИ во Чаир почнал да му вика и да му се заканува. Настанала расправија, по која нападнатиот контролор случајот го пријавил во полиција.  Инаку, лицата што упаднале вербално им се нафрлиле и на уште двајца контролори – етнички Албанци. 

Според информациите на телевизијата, Е.С. наводно бил сопруг на нововработена во М-НАВ која таму засновала работен однос пред неколку месеци, кога почнаа барањата на синдикатот наместо партиски кадри на непотребни позиции да се примаат стручни лица на потребните места за да се задржи безбедноста на авиосообраќајот. 

Плискање со вода

Инаку, името на Незири може да се најде во новинските архиви по скандал од февруари 2010 година, кога како еден од директорите на М-НАВ, го полил со чаша вода тогашниот претседател на Управниот одбор, Живко Поповски, затоа што не се согласувал да биде разрешен еден од вработените.  

Незири, тогаш за сега згаснатиот дневен весник „Вест“, негирал дека имало инцидент. 

„Немаше никакво плискање со вода, тоа е шпекулација. Некој сака да ме прикаже како конфликтна личност. Не сум човек што може на 60-годишен човек да му плисне вода”,

изјавил тогаш Незири. 

Сепак, од друга страна претседателот на Управниот одбор, Живко Поповски, го потврдил настанот. 

„Точно е тоа што сте го слушнале. Разговаравме за предлогот на Незири да биде разрешен еден од вработените. Јас се спротивставив, со забелешка дека тоа е добар работник, на што Незири ми рече дека тој одлучувал за ‘неговите’. Му реков дека безбедноста на летањето е неделива, нема ‘наши’ и ‘ваши’. Продолжението го знаете, ме плисна со вода”,

изјавил Поповски за „Вест“. 

Најава за штрајк

Струковиот синдикат на контролори на летање доцна синоќа одржа вонреден состанок на кој, како што информира неговиот лидер Тасевски утрово, биле донесени четири одлуки и барања. Една од нив е и дека Синдикатот в среда ќе стапи во штрајк доколку Владата не ги разреши директорите на М-НАВ, за кои сметаат дека се виновни што институцијата е доведена во ваква состојба.  

„Доколку директорите сепак не покажат доблест сами да си поднесат оставки од функциите, ја повикуваме Владата на првата наредна седница закажана за 09.01.2024 година да ги разреши сите директори и да отвори итна постапка за избор на нови членови на раководство и Управниот одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес, како почеток на смирување на сите тензии, но и овозможување на нормализација на сите процеси кои се неопходни за понатамошно нормално функционирање на македонската навигација. Во спротивно, ССКЛ најавува штрајк со затворање на воздушниот простор започнувајќи од 10.01.2024 сè до исполнување на сите наши барања“,  

напиша Тасевски на Фејсбук по состанокот.  

За вчерашниот настан и понатамошните активности Синдикатот веќе ги известил сите меѓународни воздухопловни институции, синдикати и здруженија на контролори на летање од Европа. Очекуваат нивни претставници наскоро да пристигнат како дополнителна помош и поддршка, додаде тој. 

Инаку, од Владата претходно синоќа најавија дека на наредната седница ќе биде предложена и донесена одлука за разрешување на целото раководство, како и на сите членови на Управниот одбор на М-НАВ.

„Воедно, претседателот на Владата ќе го повика Јавното обвинителство, ДКСК, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните тела за контрола на авиосообраќај да направат целосна ревизија на досегашното работење на М-НАВ“,

се наведува во владиното соопштение испратено вчера доцна вечерта.

 

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Полиција истражува виртуелно силување во метаверзум

Следно

Првиот турски астронаут се подготвува за историската мисија до Меѓународната вселенска станица

Latest from Blog