Извршниот директор на „Евротинк“, Димитар Николовски, во дебата во емисијата „Вин-Вин“ за европскиот пат на земјата оцени дека Владата досега ги потрошила речиси сите „креативни решенија“ во обидите за деблокада на евроинтеграциите, без да понуди нова јасна стратегија.
„Можеби имаше стратегија во делот на поголемо нудење на некакви креативни решенија во делот на промената на Уставот. Па така имаше одложено дејство, промена на рамката, па гаранции, па стигнавме до гаранции за правата на Македонците во Бугарија, но гледаме дека тие предлози се потрошија едноставно. Мислам дека нема ништо во арсеналот на Владата да понуди повеќе во некакво решавање“, изјави Николовски.
Тој оцени дека државата денес има ограничен број надворешни поддржувачи и дека претходните фази на меѓународна поддршка се намалени.
„Бевме во некаква позиција каде бевме фалени, но мислам дека тоа време заврши… сега има симпатии кон нас од Унгарија, но тоа е единствено“, додаде тој.
Николовски направи и паралела со периодот по ветото за НАТО во Букурешт во 2008 година, предупредувајќи на можни слични политички модели.
„Бевме во некаква позиција каде бевме фалени, но мислам дека тоа време заврши… Јас би се вратил на фиаското во Букурешт во 2008 година… тогаш Владата на Груевски не знаеше што да понуди и им понуди национализам и антиквизација“, истакна Николовски.
Тој предупреди и на ризик од зголемена внатрешна поларизација.
„Гледам некоја слична стратегија со тоа… ќе има многу ‘лупања во гради’ и пораки дека сме тврд орев, наместо фокус на европските реформи“, рече Николовски.
Извор: zurnal.mk


