Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија говореше и за тоа дали во Македонија нелегално се следат комуникациите и зошто власта не презема ништо.
„Сега веќе како што напредува технологијата и светот, така и следењето напредува. И веќе се има една нова димензија, а тоа е дека најмоќните разузнавачки служби развија соодветни софтвери. А, тоа значи дека преку смарт уредите кои што не секогаш се телефони, некогаш се и смарт телевизорите се користат за следење, и можат да послужат како звучник, микрофон, па и како камера. Тоа значи дека на секој еден човек кој што користи дома смарт телевизор, може буквално да им се влезе во спалната соба, во приватноста дома и да се слуша што тој човек разговара со својата сопруга и со своите деца. И тоа се снима, и тоа утре се користи како уцена кон него теоретски, а тоа е многу сериозна повреда“, истакна Николоски.
Николоски додаде дека ако во минатото се барало согласност нешто да се снима, денес во ова време се прави без согласност.
„Еден таков тип на софтвер е развиван и во Македонија од страна на македонската компанија „Ситрокс“. И токму за оваа работа од САД е на црната листа“, нагласи Николоски.
Тој посочи дека за оваа компанија и софтвер власта не поведе никаква истрага. Дури и власта не даде било какво соопштение поврзано за оваа компанија, за да ја информира јавноста.
Тој дури рече дека пратениците побараа извештаи од страна на 4 институции, тоа се министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и военото разузнавање, во однос на тоа дали во Македонија нелегално се следат комуникации, и дали се произведува софтвер со кој може да се следат нелегално комуникации.
„Ние не добивме кредибилен демант на нашите сомнежи дека се следи“, рече Николоски.
„Ние добивме четири извештаи, добивме од Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, и за воено разузнавање и контраразузнавање, и МВР. Единствено не беше класифициран извештајот на воено разузнавање и контраразузнавање. И таму беше јасно пишано дека тие не поседуваат ваква опрема. И морам да кажам дека нашите сомнежи не беа насочени кон оваа институција“, појасни вчера потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.