Во вчерашната емисија „Заспиј ако можеш“ на Алфа ТВ гостуваше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски кој што истакна дека власта го злоупотребува европското знаменце во собранието и ги крши процедурите а Артан Груби со измените на законот за игри на среќа се обидува да ги легализира сите прекршоци и криминали но одговорност мора да има.
„Формално има неколку области кои што Европската Унија не ги регулира и ги има оставено на земјите членки самите да ги регулираат. Една од тие области е игрите на среќа затоа што тоа е прашање зависи од културата на живеење на секоја нација. Така што власта последното што го ставија со европско знаменце е законот за игри на среќа затоа што нема никаква европска регулатива за игрите на среќа од било кој вид. Еве ќе кажам неколку крајности во Австрија се дозволени, во соседна Бугарија не се дозволени, во соседна Грција не се дозволени“, нагласи Николоски.
Николоски истакна дека суштината на законот за игри на среќа е да се легализираат сите постапки кои се спротивни од последниот закон на игри на среќа.
„Артан Груби сака да се спаси од одење во затвор. Која е суштината на измените кои што доаѓаат во Собрание? Тие се обидуваат да продадат приказна во јавноста дека ова го прават со цел да се отстранат објектите за игрите на среќа на повеќе од 500 метри од образовни објекти, но тоа е само шминка. Суштината е следна во моментот има завршени или е во тек на процедура 4 постапки кои што се спротивни од последниот закон на игри на среќа“, истакна Николоски.
Николоски посочи и неколку постапки кои се косат со последниот закон за игри на среќа.
„Првата постапка е владата додели лиценца за јавно приватно партнерство со компанијата „Новоматик“ каде што државата е 51 процент а „Новоматик“ е 49 проценти за организирање на видеолотарија. Законот јасно вели дека таква компанија може да има само една, во членот кој што власта сака да го смени од еднина во множина. Втората причина, владата односно Артан Груби дозволува да се креираат три онлајн друштва за игри на среќа, но ова мора строго да се регулира затоа што има и малолетници. Се зборува во јавноста и досега нема демант дека овие три лиценци се за Васил Божков – Черепот, од Бугарија. Последно нешто што владата го крие како нозе змија е да одговори Артан Груби дали неговиот пријател кој што е директор на државната лотарија има купено над 1.000 апарати за коцкање директно од Васил Божков – Черепот, а договорот не го објавува на бирото за јавни набавки и го крие со цел јавноста да не го виде. Измените на законот се во насока да сето ова се легализира“, истакна Николоски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Николоски додаде и дека одговорност ќе има и ниту една измена на кривичниот законик нема да помогне бидејќи законите важат за сите.
„Она што го заборава Груби е дека законите не може да важат ретроактивно така што дури и да успее да го протурка законот со европско знаменце кривичните дела кои што се сторени кои што ги споменав не можат да ги покријат овие измени затоа што во моментот на настанување на кривичното дело важел друг закон. И ниедна измена на кривичниот законик не може да му помогне. Во паника и страв прават низа глупости во јавност а во собрание ја прекршуваат процедурата и прават злоупотреба на европското знаменце“, кажа Николоски
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.