Недостигот на кадар ја кочи индустријата – компаниите вложуваат во младите

October 22, 2025
2 mins read

Недостигот на квалификувани кадри станува најголемиот предизвик на индустријата. Компаниите насочени кон одржлив развој сè повеќе сфаќаат дека вистинската инвестиција не е само во опрема и технологии, туку во луѓе.

Денес, кога индустријата се соочува со хроничен недостиг на квалификуван кадар, вложувањето во младите не е само општествена одговорност тоа е прашање на опстанок. На панелот „Патот кон одржлив развој во рударството“, во рамки на конференцијата „Подекс – Повекс 2025“, претставниците на индустријата потенцираа дека образованието е клучот за одржливо производство и за задржување на младите во земјата.

Инвестиција што останува дома

 

„Социјалната одговорност е исто толку важна колку и еколошката“, изјави Ивица Карапетров, заменик генерален директор на Рудникот за бакар Бучим.
„Ние вложуваме во образованието, даваме стипендии, овозможуваме практична настава и креираме кадар во локалната заедница. Тоа е вистинската одржливост кога младите остануваат во земјата и се вклучуваат во индустријата.“

 

Недостигот на кадар, додава Карапетров, е сериозен предизвик со кој се соочува целиот сектор:
„Голем е недостигот на кадар и тоа многу нè погодува. Последниве години започнавме со програми што имаат конкретен резултат. Прво воведовме дуално образование, потоа почнавме со доделување стипендии, а веќе три години по ред ученици доаѓаат кај нас на пракса во текот на годината. Лани тоа беа ученици не само од средно, туку и од основно училиште.“

Резултатот, според него, веќе е видлив младите се мотивирани да останат и да се развиваат професионално дома:
„И годинава четири деца практикуваат геологија кај нас. Ги земавме да работат затоа што завршуваат средно образование и сакаме да создадеме кадар во заедницата кој ќе им помогне не само на нас како компанија, туку и на другите локални заедници. Да, важно е да се помага, но образованието во моментов треба да го добие целото внимание. Треба да ги задржиме младите во Македонија, затоа што имаме одлив на кадар буквално се ’тепаме‘ со компаниите кој кого ќе земе.“

Од училишна клупа до инженерски професии

Истата грижа ја сподели и Андреј Кепески, менаџер за експлоатација на каменоломи и развој на минерални суровини во Цементарница Усје:
„Ивица е во право и ние се соочуваме со истиот проблем. Затоа го започнавме проектот ‘Иноваториум: клуб на напредни знаења и вештини’, каде што вклучуваме деца од седмо и осмо одделение,“ објасни Кепески. „Им покажуваме инженерски вештини, процеси на производство и им го приближуваме светот на индустријата на начин што ќе им биде интересен. Целта е да им го привлечеме вниманието додека се млади, за кога ќе дојде време за избор на професија – да размислат за насоките што ги нуди техничкото образование.“ Проектот, според него, е вистински пример за корпоративна општествена одговорност со долгорочно влијание:
„Имаме наша работилница и секој што сака може слободно да дојде.“

Образованието како темел на одржливоста

Двете компании, Бучим и Усје, покажуваат дека индустријата и образованието мора да одат рака под рака. Преку дуално образование, стипендии и иновативни програми со младите, тие го градат кадарот што ќе го движи рударството, градежништвото и производството во следните децении.

Општествено одговорните компании вложуваат во иднината во знаењето и во љубопитноста на децата. Не можеме да очекуваме квалификувани инженери ако не почнеме да го градиме интересот уште од мали нозе.

Затоа, можеби највредната инвестиција денес не се машините туку знаењето што останува дома.

VERO JUMBO

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Кварталните извештаи на американските компании покажуваат најдобри резултати во последните четири години

Следно

Во текот на вчерашниот ден на грчките острови Крит и Гавдос пристигнале над 250 мигранти

Latest from Blog

Коњановски: Поголема улога на компаниите во развојот и општествениот живот на Битола

Иницијативата за формирање „Бизнис клуб Битола“, поддршката за Клиничката болница и поголемото вклучување на компаниите во активности од општествен интерес беа теми на работниот состанок на Регионалната комора со седиште во Битола.

Славески: Од следната недела до 15.000 денари неделно за подигање готовина од „АЛТА банка“

Од следната недела, неделниот лимит за подигање готовина и плаќање со картичките на „АЛТА банка“ АД Битола ќе се зголеми од 10.000 на 15.000 денари, најави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.

Проданоски: По половина век се обновува патот за Веселчани и Загорани

Се рехабилитираат три километри од локалниот пат што ги поврзува Веселчани и Загорани со регионалниот пат Прилеп – Битола, соопшти градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски. Според Проданоски, делницата се обновува по 50

Битола петта година ги вклучува граѓаните во планирањето на општинскиот буџет

Жителите на Битола и околните населени места ги изнесоа своите предлози за општинскиот буџет за 2027 година на втората сесија од Буџетскиот форум. Меѓу темите беа инвестициите во Старата чаршија, санацијата на

„Охридско лето“ со три бесплатни концерти надвор од фестивалската сезона

„Охридско лето“ ја продолжува концертната програма и по завршувањето на летната фестивалска сезона. Националната установа најави три бесплатни концерти со меѓународни уметници – два во Скопје и еден во Охрид. Првиот концерт
Go toTop