Мисијата на Меѓународниот фонд која престојуваше во Македонија изминатите денови, во прелиминарната изјава по посетата, препорачува порастот на пензиите во иднина се ускладува со стапката на инфлацијата. Од ММФ исто така се скептични за нивто на буџетскиот дефицит, искажувајќи сомневање дека приходите ќе се зголемат онака како што е предвидено. Исто така и дека и покрај ризиците, растот добива на интензитет, пред се благодарејќи на зголемената домашна потрошувачка.
Како што стои во прелиминарната изјава, објавена на интернет страницата на ММФ, Мисијата препорачува да се изостават понатамошните зголемувања на пензиите во септември 2025 година и да се врати на пензискиот систем заснован на правила во 2026 година – индексирање само на инфлацијата.
Тоа практично значи дека ќе се реалзира зголемувањето на пензиите од 2.500 денари, што беше и предизборно владино ветување, но натамошнот усогласување, наместо досегашната методологија (според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата во висина од 50%), да се примени само инфлацијата како критериум.
Од ММФ сметаат дека на овој начин ќе се поддржи консолидацијата и истовремено ќе се заштити куповната моќ на пензионерите.
Мисијата исто така советува да се ограничи растот на платите на јавниот сектор според порастот на инфлација во блиска иднина.
„Министерството за финансии треба да го зајакне надзорот за да се осигури дека зголемувањата на јавните плати се во согласност со постигнувањето на фискалните правила. Со текот на времето, обединувањето на фрагментираниот систем за преговарање за платите ќе помогне да се спречат неочекувани буџетски притисоци“, посочуваат од Мисијата на ММФ.
Од Мисијата на ММФ посебен акцент ставаат на почитувањето на фискалните правила и бараат кредибилна фискална консолидација.
„Персоналот на ММФ се согласува со целта на властите за намалување на дефицитот оваа година, но се загрижени дека приходите ќе бидат слаби, што ќе ја направи оваа цел недостапна“, се вели во изјавата.
Како што се посочува, дефицитот од 4 проценти од БДП предвиден во Буџетот за 2025 година ќе биде надминат доколку очекуваните приходи на властите (од 1,5 проценти од БДП) од намалувањето на сивата економија и зголемувањето на даночната усогласеност не се остварат.
„Ги поздравуваме напорите на Управата за јавни приходи за модернизација на наплатата на даноците и намалување на неформалноста, но за овие напори ќе биде потребно време за да се дадат резултати. Персоналот препорачува во секој планиран ребаланс на буџетот, властите да избегнуваат зголемување на трошоците и да се фокусираат на намалување на даночните расходи и трансфери (на пример, субвенции за земјоделството). Од суштинско значење е да се обезбеди целосен и навремен трансфер на придонесите во пензискиот систем од вториот столб“, се вели во изјавата.
Според Мисијата на ММФ, потребна е веродостојна фискална стратегија за да се доведе долгот на надолна патека. Буџетскиот дефицит го надмина плафонот од 3 проценти од БДП во фискалните правила, додека јавниот долг е во нагорен тренд и надмина 60 проценти од БДП во 2024 година – 14 процентни поени над нивото пред пандемијата. Клучна е веродостојната фискална стратегија за враќање на усогласеноста со фискалните правила, за зачувување на кредибилитетот за одржување на пристапот до меѓународните пазари на капитал, за создавање простор за инвестиции и зајакнување на отпорноста на идните шокови.
Исто така, се нагласува и дека домашните ризици се зголемени, а надворешните изгледи се понеизвесни.
„Слабите јавни инвестиции, застојот на реформите во продуктивноста, емиграцијата и забавената активност на клучните трговски партнери го загрозуваат растот на среден рок. Во меѓувреме, високиот раст на реалните плати без зголемување на продуктивноста и зголемените фискални трансфери може дополнително да ја поттикне инфлацијата и да ја наруши конкурентноста. Смените на трговската политика и шоковите на СДИ може да го потиснат извозот и да ги заострат финансиските услови“, велат од Мисијата на ММФ.
Како што се посочува во изјавата, потенцијалот за даночни приходи на Северна Македонија се проценува на 22-24 проценти од БДП.
„За да се реализираат овие приходи, даночните реформи треба да се фокусираат на намалување на даночните расходи, ограничување на намалените стапки и ослободувања, подобрување на даночната усогласеност и постепено зголемување на данокот на имот. Забрзаните напори на владата за дигитализација ќе ја подобрат мобилизацијата на приходите“, се наведува во изјавата.
Понатаму, се вели дека се потребни структурни фискални реформи за да се зајакне фискалното управување и да се подобри ефикасноста на трошењето, при што се нотира дека некои од овие работи се во тек.
Посебно се укажува дека управувањето со фискалните ризици, особено од државните претпријатија и големите проекти како што е патот на Коридорот 8/10д, е од клучно значење.
Во однос на монетарната политика, Мисијата на ММФ и препорачува на Народната банка „дополнително заострување“ за да се апсорбира вишокот на ликвидност.
„НБРСМ треба да остане внимателна кон инфлаторните ризици од домашни фактори, вклучително и зголемувањето на платите и пензиите, како и зголемените надворешни ризици од трговските неизвесности. Доколку овие ризици се материјализираат, НБРСМ треба да биде подготвена за дополнително затегнување за да спречи вкоренување на инфлацијата“, се вели во изјавата, при што се додава дека Народната банка ефективно се справила со неодамнешните предизвици, вклучувајќи го и шокот на трошоците за енергија.
„Нејзината издржливост произлегува од оперативната и финансиската автономија, која ја поткрепува нејзината независност и кредибилитет – и двете суштински за одржување на стабилноста на цените и девизниот курс и мора да бидат заштитени“, нагласуваат до Мисијата на ММФ.
Од таму оценуваат дека банкарскиот сектор е добро капитализиран, високо ликвиден и профитабилен, со ниски нефункционални кредити на ниво на целиот систем, како и дека активните макропрудентни и микропрудентни мерки на НБ ја зајакнаа отпорноста.
Од ММФ ја нагласуваат и потребата за структурни реформи, зголемувањето на продуктивноста и надоместување на трошоците за емиграција.
„Мисијата на ММФ ги поддржува целите на властите за зајакнување на продуктивноста, подигнување на животниот стандард и намалување на неформалната економија. Во текот на изминатата деценија, растот во Северна Македонија заостанува во однос на земјите од регионот и конвергенцијата со ЕУ е запрена. Високата емиграција доведе до опаѓање на населението кое се заканува да го забави потенцијалниот раст. Забрзувањето на структурните реформи е клучно за постигнување на целите на властите, надоместување на трошоците за емиграцијата и поддршка на земјата на нејзиниот пат кон пристапување во ЕУ“, се вели во изјавата.
Притоа, како што се наведува „приоритетите се добро познати“: Подобрување на деловното опкружување, зајакнување на пазарот на трудот, зголемување на инвестициите во јавната инфраструктура (се забележува дека квалитетот на јавната инфраструктура во Северна Македонија заостанува во однос на другите, како и дека големите инфраструктурни проекти Коридорот 8/10г и автопатите Кичево-Охрид се пре буџетски и задоцнети), зајакнување на владеењето на правото и напорите за борба против корупцијата (се наведува дека борбата против корупцијата останува слаба, особено во гонењето случаи од висок профил), како и подобрување на управувањето, односно подобрувањето на ефикасноста на јавните ресурси, отчетноста и транспарентноста, пред се преку проширување на дигиталните јавни услуги, преоценување на шемите за државна помош, зајакнување на системите за набавки и подобрување на управувањето со државните претпријатија.
Инаку, од Мисијата на ММФ посочуваат дека растот добива на интензитет и покрај зголемените ризици.
„По засилувањето на почетокот на 2024 година, се очекува раст од 3,3 проценти во 2025 година, поттикнат од посилната домашна побарувачка, бидејќи проектите за јавни инвестиции (вклучувајќи го и проектот за патот Коридор 8/10г) се интензивираат и потрошувачката е поддржана од владините трансфери и растот на реалните плати. Влијанието на слабата надворешна побарувачка забележано во 2024 година се очекува да опстои и во 2025 година, поттикнато од структурните промени во европскиот автомобилски сектор. На долг рок, високата емиграција, особено кај младиот сегмент од населението, се предвидува да го намали потенцијалниот раст, кој персоналот сега го проценува на 3,0 проценти“, се вели во изјавата.
Мисијата на ММФ исто така констатира дека инфлацијата повторно расте, при што во јануари достигна 4,9 отсто на годишно ниво, од најниското ниво од 2,2 отсто во август 2024 година.
„Базичната инфлација стана главен двигател и останува истрајна, поттикната од силниот раст на платите. Инфлацијата на храната останува висока и покрај административните контроли на цените и другите интервенции“, се вели во прелиминарната изјава на Мисијата на ММФ.
Мисијата на ММФ беше спроведена во период од 13 до 25 февруари, а врз основа на прелиминарните наоди ќе биде изготвен извештај. Консултациите по членот IV се редовни и се спроведуваат еднаш годишно.
Извор Независен
ИЗВОР: racin.mk