Мицкоски: Незавршувањето на седницата не значи дека вратата за уставни измени е отворена, избори се решение

4 mins read

Мицкоски рече дека незавршувањето на вчерашната седница не треба да се толкува дека вратата останала отворена и дека меѓународната заедница сега ќе притисне додавајќи дека притисоци имало и претходно, но резултатот се видел во текот на вчерашниот ден

Нашите црвени линии и нашата борба за гаранции во однос на прашањето со Бугарија се јасни. Ќе понудиме патриотско, компаративно гледано, крајно исправно решение кое ќе ги зачува, заштити и унапреди интересите на Македонија. Но, за да го направиме тоа, потребни се прво избори, вели Мицкоски

Од вчера е совршено јасно дека уставни измени под бугарски диктат нема и нема да има. Нема потклекнување кога е во прашање достоинството и честа на народот и Македонија. Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на почетокот на денешната прес-конференција која доаѓа по вчерашната собраниска седница на која за точка на дневен ред се изгласаа уставните измени, за по кратката дебата седницата да биде прекината, а гласањето ќе биде дополнително закажано.

„Мицкоски прифати уставни измени“ беше со месеци лажната фраза на Ковачевски и власта, но и тезата на оној дел на политичките партии мотивирани од власта да бидат опозиција на опозицијата глумејќи загрижени патриоти и упорно со месеци велејќи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе попушти за уставните измени, рече Мицкоски.

Мицкоски рече дека вчерашниот ден бил јасен показател дека договорот со Бугарија е лош, еднострано прифатен од власта и дека со него Владата, повлекувајќи ја и Македонија, ќе удри во ѕид.

Од власта на СДС и ДУИ, како што рече Мицкоски, употребиле многу лаги, манипулации и подметнувања да помине нешто што кај оваа генерација од ВМРО-ДПМНЕ нема ниту теоретска шанса да помине , а тоа е „диктат на штета на народот и било што во насока на одрекување на вековниот идентитет“.

Мицкоски уште еднаш повтори дека било, како што рече, лажно тврдењето на власта и нивното упростување на работите дека од прифаќањето на уставните измени под бугарски диктат ќе зависело дали ќе сме биле за ЕУ или против ЕУ, или како што тие сакаат да ја претстават црно-бела сликата – дали ќе сме биле за западот или ќе сме биле за истокот.

„Мнозинството на народот и јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ недвосмислено сме за влез на Македонија во Европската Унија, затоа што тоа е нашиот единствен пат. Но, не по цена на себеодрекнување. Не за влегување во повторната игра на стапот и морковот, без било какви гаранции за влез во ЕУ, од кој што земјава ќе го види само стапот, односно уште една блокада“,

додаде Мицкоски.

Не е точно, рече Мицкоски, дека е поразен концептот за Македонија и ЕУ, како што сака да го престави тоа власта, туку е поразен нивниот концепт на гледање на работите како Македонија може да дојде или воопшто никогаш да не дојде до ЕУ.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ клучната грешка на власта во процесот на создавање на ова решение е што ја исклучила опозицијата на која, како што рече, и велат да прифати се што тие договориле и прифатиле од другата страна.

„Не може да бараат консензус за нешто во кое што не сме биле вклучени во неговото креирање. Ние дававме предлози во текот на целиот овој период и тие сите ги отфрлија со приказна дека ќе обезбеделе и без нас мнозинство кое видовме вчера како заврши“,

рече Мицкоски.

Според Мицкоски, Ковачевски тврдел дека ќе се одземат бугарските пасоши на некои наши сограѓани, но тоа, како што рече, не е точно.

„Различно е гледањето на работите. Бугарија тоа го претставува како постоење на нивно малцинство во Македонија, но реалноста е што тие земаат пасоши поради таквите како Ковачевски кои 30 години ја крадат Македонија без да обезбедат иднина“,

рече Мицкоски.

Мицкоски рече дека незавршувањето на вчерашната седница не треба да се толкува дека вратата останала отворена и дека меѓународната заедница сега ќе притисне додавајќи дека притисоци имало и претходно, но резултатот се видел во текот на вчерашниот ден.

„Нема цена по која би ги прифатиле овие уставни измени под бугарски диктат и не треба да се троши време ниту секунда повеќе на ова прашање. Проблемот постои и мора да се најде излез“,

рече тој.

Мицкоски уште еднаш повтори дека единственото решение и разумен излез од ситуацијата се изборите на кои народот ќе одлучи врз основа на конкретни решенија кои ќе ги понудат партиите, а кои ќе дадат насоки како понатаму.

„Нашите црвени линии и нашата борба за гаранции во однос на прашањето со Бугарија се јасни. Ќе понудиме патриотско, компаративно гледано, крајно исправно решение кое ќе ги зачува, заштити и унапреди интересите на Македонија. Но, за да го направиме тоа потребни се прво избори. И не гаам илузии дека, наспроти јасната волја на народот изразена на сите јавни мерења дека оваа Влада е готова, дека СДС е под нејзиниот основен минимум на поддршка дури и под 200 илјади гласови, а можеби и подолу, сепак е одлучувачка математиката на гласови на пратеници во Собранието, која, за жал, се уште е во полза на власта. Затоа е реално беспредметно секое гласање на доверба кое одново може да заврши со киднапиран пратеник кој ќе си го бара срцето и разумот некаде во светот, како што и се случи. Но, предупредувам дека секој месец повеќе вештачко одржување на оваа власт ќе значи две работи – прво губење време, второ уште подлабока криза“,

додаде Мицкоски.

Веќе нема ништо на маса, одговори Мицкоски на новинарско прашање – што доколку ВМРО-ДПМНЕ хипотетички победи на изборите и кој би бил излезот од оваа ситуација.

Коментирајќи ја вчерашната изјава на премиерот Димитар Ковачевски дека уставните измени не се под бугарски диктат, туку по македонски предлог, рече дека таа изјава е губитничка и оти не е политичка теза.

„Предавничка и губитничка е таа изјава. Тоа не е политичка теза. Тоа е теза на поразен политичар којшто го гледа крајот на својата политичка кариера. Ако беше македонски предлог тогаш ќе излезеше пред граѓаните на избори со тој предлог или ќе излезеше на референдум и македонските граѓани ќе го дадеа легитимитетот за тој предлог. А тој што направи? Криејќи го предлогот од опозицијата шверцерски, тајно, бидејќи така и беше поставен, имплантиран беше таму, вештачки поставен, договори и стави потпис за нешто што од самиот почеток беше јасно дека македонските граѓани не го поддржуваат. Така што, нема право тој човек да зборува за македонски предлог. Македонски предлог давате вие граѓаните. Вие сте суверен на тој предлог, а не Димитар Ковачевски и Стево Пендаровски. Тоа е губитнички и тоа е предавнички предлог којшто ќе ги следи целиот нивен живот,

рече Мицкоски.  

Според Мицкоски Бугарија најмалку што може да направи е да ги имплементира пресудите од Стразбур.

„Ако вие навистина сакате Бугарите да ги видите во Преамбулата, внимавам што зборувам – во Преамбулата дел од бугарскиот народ којшто живее во Македонија – дел од македонската нација во Преамбулата оние 762 коишто рекле дека бугарскиот им е мајчин јазик, тогаш најмалку што можете е барем три од оние 14 пресуди од Европскиот суд за човекови права да побарате од Бугарија да ги имплементира коишто се задолжителни и имаат краен рок оваа есен да бидат имплементирани. Дали бараме многу? Не бараме. Ова е моментот и самата ЕУ да ја исправи грешката во којашто ја втурна Македонија“,

рече Мицкоски на прес-конференцијата одговарајќи на новинарско прашање. 

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Мицкоски: Нема шанса за уставни измени

Следно

Украинскиот претседател Зеленски во посета на Шведска

Latest from Blog