Дејан Митески кандидат за градоначалник за општина Аеродром, од редовите на ВМРО- ДПМНЕ, синоќа гостуваше во дебатната емисија Вин-Вин на телевизија Телма, при што најнапред ги посочи проектите коишто локалната власт предводена од ВМРО- ДПМНЕ изминатите години во општина Аеродром ги има реализирано односно оние кои се во фаза на реализација.
Митески напомена дека во изминатите месеци општината добила голема поддршка од актуелната Влада која резултирала со реализација на низа проекти како нова спортска сала, канализациона мрежа во Горно и Долно Лисиче и нова инфраструктура.
„Комплетна канализација Горно, Долно Лисиче, нова инфраструктура, ново училиште, нова детска градинка во реонски центар Аеродром, нова спортска сала. Градиме во моментов спортска сала во Долно Лисиче, градиме нова градинка со 12 занимални детска градинка „Изворче“, го градиме основното училиште „Блаже Конески“ во Мичурин, реализираме во моментов повеќе од 20 улици на коишто се работи“, рече Митески.
Митески, во продолжение ја сподели и својата визија за Аеродром за наредните четири години и напомена дека во неговиот фокус ќе биде справувањето со предизвикот наречен загадување, при што се осврна на она што тој во својата програма го нуди како решение и го посочи проектот топлификација на Лисиче со изградба на гасна когенеративна централа.
„Мојата визија за Аеродром, дефинитивно фокус ќе ставиме на загадувањето, преку реализација на низа проекти коишто ќе значат намалување на аерозагадувањето. Изворите на аерозагадување се детектирани, се повеќеслојни, една причина е загревањето на домаќинствата, заради што предвидуваме топлификација на Лисиче- Долно Лисиче, Горно Лисиче, населба Лисиче, преку изградба на гасна когенеративна централа, забрзување односно нови сообраќајни решенија коишто ќе го забрзаат протокот на сообраќајот, тоа е нешто што ќе го реализираме во поддршка и соработка со Градот Скопје, воведување на нови системи на еднонасочен сообраќај во делови на Аеродром онаму кадешто е најгуст сообраќајот“, рече Митески.
Митески се надоврза со детална елаборација на проектот за изградба на гасната когенеративна централа како и нејзината примарна цел. Тој, исто така, кажа дека овој проект ќе се реализира со помош од актуелната Влада по пат на јавно приватно партнерство.
„Проект којшто ќе се реализира преку јавно приватно партнерство, проект којшто предвидува изградба на гасна когенеративна централа, чија примарна цел е производство на електрична енергија кадешто како нус производ поради процесот на производство на електрична енергија се појавува топла вода којашто и те како може да биде дистрибуирана до домовите за загревање во зимскиот период“, заврши Митески.
Извор: kurir.mk