Министрите во промотивни видеа загрозија лични податоци на граѓаните

February 21, 2024
4 mins read

По хаосот кој настана со издавањето лични документи и мобилизацијата и реорганизацијата што потоа ја најавија надлежните институции, дел од функционерите преку видеа и фотографии на социјалните мрежи изминатите денови покажаа како „течно“ сега се одвива процесот.

Видеа објавени на официјалната Фејсбук страница на шефот на дипломатијата Бујар Османи овековечија како тече фотографирањето и издавањето пасоши во амбасадите Брисел, Берн, Виена, како и во конзуларните претставништва во Минхен, Бон, Венеција.

Преку објави на официјалните страници на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и на неговиот дополнителен заменик Митко Бојмацалиев, пак, можеше да се види како се работи во управните служби во зградата на МТВ, на пунктот во полициската станица „Пролет“…

Меѓутоа, на некои од кадрите можеше јасно да се види и прочита и нешто друго – лични податоци на граѓаните. На пример, на виделина се најдоа матични броеви, имиња и презимиња, фотографии, броеви на лични карти, што ги отвори прашањата дали институциите и функционерите воопшто водат сметка за заштитата на личните податоци и колку објавените видеа ги прекршуваат законските одредби.

Од МНР објавиле, па поправале објави

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, престојот во Германија за Минхенската безбедносна конференција минатиот викенд го искористи за да ги посети околните амбасади и конзулати на Северна Македонија. Во дел од нив, како на пример во амбасадата во Брисел, беше во друштво и на премиерот Талат Џафери и на првиот вицепремиер Бојан Маричиќ.

Видеа, фотографии и соопштенија од обиколките беа лиферувани и на социјалните мрежи и до медиумите. Во дел од кадрите во нив, јасно се гледаа лични податоци. Во видео од посетата на конзулатот во Бон, на пример, може да се види матичен број на македонска државјанка што таму аплицирала за издавање пасош.

Дека направиле пропусти се свесни во Министерството за надворешни работи (МНР).

„Во врска со Вашите прашања, Ве информираме дека по забележување на одредени пропусти видеата веднаш беа коригирани“, велат од МНР за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Видеа на страницата на Османи кои се достапни во моментов, сега се со заматенени делови во кадрите каде се гледаат лични податоци на граѓани.

Внатрешните страници на пасоши, како и лични карти може да се забележат и на видеа од посетите на министерот Тошковски и на неговиот дополнителен-заменик Бојмацалиев на пунктот „Пролет“ и управните служби. На пример, во еден од еден од кадрите на видео кое во моментов е достапно на Јутјуб каналот на МВР, може да се прочитаат најмалку пет броеви на лични карти на граѓани.

Од Министерството, пак, велат дека се целосно посветени на заштита на приватноста и оти преземаат мерки ако има пропусти.

„Министерството за внатрешни работи целосно е посветено на важноста на приватноста и обезбедува заштита на личните податоци добиени по каков било основ, а кои автоматски се обработуваат при користење на било какви услуги од министерството. Доколку се утврди некаква несоодветност или некаков пропуст, се преземаат соодветни мерки“, велат од МВР за РСЕ.

Никој не реагирал до Агенцијата за заштита на личните податоци

Дали ги следат последните објави со лични документи од страна на функционери и институции, како и дали тоа значи прекршување на одредби од Законот за заштита на личните податоци? Од Агенцијата за заштита на личните податоци (АЗЛП) не одговорија на овие прашања на Радио Слободна Европа до моментот на објавување текстот.

Одговорија само едно, дека граѓани самоиницијативно не реагирале до нив.

„До Агенцијата нема пријави од физички лица во однос на објавите на фотографии и видеа од пунктовите за фотографирање и издавање пасоши и лични карти во просториите на МВР. Доколку некое физичко лице смета дека му се повредени неговите лични податоци, тоа лице може да поднесе Барање за утврдување на повреда на правото на заштита на личните податоци преку веб страницата на Агенцијата или директно во нашите простории“, велат од АЗЛП.

Над 500 матични броеви и трансакциски сметки осамнаа во „Службен весник“

Од Агенцијата последно прекршување на Законот за заштита на личните податоци од страна на државна институција констатирале при вонредна ревизија направена пред пет дена, на 16 февруари, откако на тоа им укажале од Здружението на млади правници.

Прекршоците ги направила Владата со објавување на матичните броеви, трансакциските сметки и банките на 519 граѓани во „Службен весник“. Во прашање е објавување на „Одлуката за исплата на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година“ која се нашла во „Службен весник“ на 13 февруари.

Со тоа, како што пишува во објавата од Агенцијата за заштита на личните податоци, Владата „постапила спротивно на начелата на ’законитост, правичност и транспарентност‘, ’ограничување на целите‘, ’минимален обем на податоци‘ и ’интегритет и доверливост‘“.

Како дојде до прекршувањето на законските одредби и дали е постапено по укажувањата, од прес-службата на Владата, не добивме одговор. Не одговорија ниту од „Службен весник“.

Агенцијата само со решение нареди Владата да ја повлече и измени одлуката односно да ги избрише матичните броеви и трансакциските сметки на граѓаните, како и во рок од пет дена од приемот на нејзиното решение, да се достави писмен доказ дека е постапено по укажувањата.

Мартина Дранговска Мартинова од Македонско здружение на млади правници кои ја алармирале Агенцијата за порталот Академик изразува загриженост дека „ е нарушена безбедноста на личните податоци на над 500 граѓани и отворена е можноста за нивна злоупотреба. Службениот весник на РСМ е службено гласило достапно во електронска и печатена верзија на голем број лица. Оттука, можно е со самото објавување на податоците веќе да е направена неповратна штета по безбедноста на личните податоци“, вели Дранговска Мартинова. Додава и дека граѓаните можат да поведат и судска постапка и да бараат надомсет на штета во кривична постапка доколку настане злоупотреба на личните податоци.

Повреди кај државни институции во однос на заштитата на личните податоци биле констатирани и во текот на 2023 година. Според податоците на Агенцијата, лани биле извршени вонредни супервизии во четири државни институции откако биле пријавени нарушувања на безбедноста на личните податоци како резултат на рансомвер (runsomwate) напади.

„Во сите четири случаи Агенцијата утврди повреди на прописите за заштита на личните податоци“, велат од Агенцијата.

Меѓу повредите кои биле констатирани кај овие државни институции е дека контролорите не примениле технички и организациски мерки односно немале донесено политики за системот за заштита на личните податоци. Немало процедура за нарушување на безбедноста на податоците и за управување со инциденти, недостигал План за едуцирање на раководството и овластените лица за обврските за заштита на податоците. Исто така, немало внатрешна контрола на информацискиот систем и ниту систем за документирање на нарушувањата на безбедноста на личните податоци.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

ЕУ со нови санкции за Русија

Следно

Запалена голема количина гуми во Желино

Latest from Blog

Што порачува Светска банка, каде треба да бидеме внимателни и да правиме реформи? Одговара Треновски

Универзитетскиот професор Борче Треновски вечерва во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21 објасни што порачува Светската банка за Македонија, и каде треба да се бидеме внимателни и да правиме реформи. Како што вели, дел

Здравковски во 24 анализа: Македонија како ниту една друга држава досега има направено многу отстапки во евроинтеграциите

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравковки во 24 анализа на ТБ24 рече дека Македонија, како ниту една друга држава досега има направено многу отстапки во евроинтегративните процеси. Тој порача дека сегашната Влада се

Турскиот министер Фидан: Туркије ќе продолжи да ги поддржува Палестинците на секое поле

АНКАРА/ИСТАНБУЛ (АА) – Туркије ќе продолжи да ги поддржува Палестинците на секое поле, вклучително и олеснувањето на итната хуманитарна помош за Газа, изјави министерот за надворешни работи на Туркије, Хакан Фидан, според

Лидерот на Хамас, Ал-Хаја: „Нашиот народ нема да заборави никого што учествуваше во геноцидната војна“

ИСТАНБУЛ (АА) – Членот на Политичкото биро на Хамас, Халил ал-Хаја, денеска изјави дека палестинскиот народ „нема да заборави никого што учествуваше во геноцидната војна“, пренесува Анадолу. На прес-конференцијата, Ал Хаја рече:
Go toTop