Министерката Петровска била воздржана за владината одлука за укинување на забраната за слетување на авионот на Лавров  

November 24, 2023
3 mins read

На прашања на „360 степени“, од Министерството за одбрана рекоа дека Петровска присуствувала на денешната владина седница и дека гласала „воздржано“ за дополнувањето на рестриктивните мерки за Русија со кои се отвора простор за доаѓање на министерот Лавров на Министерскиот совет на ОБСЕ

На прашањето – каков став ќе има Министерството за одбрана со оглед на тоа што денешната владина одлука упатува на тоа дека одобрение за слетување на руски државен авион треба да даде и МО, од одбрана не дадоа прецизен одговор

Владината одлука со која се дозволува прелет и слетување на руски државен воздухоплов над и во земјава за време на одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ, не ја добила поддршката од сите присутни министри на денешната седница.  

„Воздржано“ во однос на одлуката се изјаснила министерката за одбрана Славјанка Петровска.  

Министерската за одбрана на РСМ, Славјанка Петровска / Фото: Архива

А, Министерството за обрана, со кое раководи Петровска, заедно со Министерството за надворешни работи се надлежните министерства кои треба да издадат одобрение за слетување на воздухопловот на Руската Федерација на територијата на земјава, со кој се очекува да допатува шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров со своја делегација на Министерскиот совет на ОБСЕ. 

Дека Петровска се изјаснила „воздржано“, за „360 степени“ потврдија од Министерството за обрана, до кое упативме три прашања во врска со денешната владина одлука.  

  • Дали министерката за одбрана присуствувала на денешната владина седница? 
  • Ако присуствувала, каков бил нејзиниот став за денешната одлука за „дополнување на Одлуката за воведување рестриктивни мерки во поглед на активностите на Руската Федерација, со која се ограничува пристапот на воздухопловот на Руската Федерација“? 
  • Каков став ќе има Министерството за одбрана со оглед на тоа што денешната владина одлука упатува на тоа дека одобрение за слетување на руски државен авион треба да даде и МО? 

Одговорот што го добивме оттаму гласи: 

„Да, министерката беше присутна на седницата и гласаше воздржано во врска со предлог-одлуката за дополнување на Одлуката за рестриктивни мерки. Кога ќе биде доставено официјално барање од МНР, согласно процедурите, Министерството за одбрана ќе го извести МНР соодветно, притоа имајќи ги предвид донесените политички одлуки и ставови во државата.”

Повод за нашите прашања до кабинетот на Петровска беше нејзиниот став, искажан пред неколку дена – дека не гледа причина министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, да учествува на состанокот на ОБСЕ во Скопје, ако се има предвид однесувањето на Русија и нејзината надворешна политика.  

 „Нема потврда за доаѓањето на Лавров, меѓутоа со оглед на однесувањето на руската надворешна политика, нивното мешање во внатрешните работи на државите, меѓутоа пред сè нивниот однос кон Украина, не гледам зошто тој би доаѓал овде“,

изјави министерката за одбрана на 21 ноември во „Тема на денот“ во Дневникот на Македонската телевизија (МРТ). 

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров / Фото: Архива

Притоа, Петровска порача и дека изминатиов период Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ навистина даде сè, вложи максимум напори успешно да се заврши претседавањето и ОБСЕ да ја исполни својата мисија. 

„Не зависи секогаш сè од нас. И останатите земји членки, во случајов и Русија како членка на ОБСЕ, треба да покаже дека навистина знае да ги негува и да ги вреднува вредностите на ОБСЕ“,

рече министерката. 

Од одговорот на Министерството за одбрана останува нејасно што значи делот во кој се вели дека ,,кога ќе биде доставено официјално барање од МНР, согласно процедурите, Министерството за одбрана ќе го извести МНР соодветно, притоа имајќи ги предвид донесените политички одлуки и ставови во државата”. Дали дека МО ќе даде согласност за слетување на авионот на Лавров, ако дојде до таква ситуација, или – не.

Владата на денешната седница донесе одлука со која се врши измена и дополнување на актуелните рестриктивни мерки кон Руската Федерација кои земјава ги воведе по руската инвазија врз Украина, а согласно кои беше воведена забрана за влез на руски воздухоплови во воздушниот простор на Северна Македонија. Одлуката за ограничување на пристапот на руски авиони Владата ја донесе во февруари минатата година приклучувајќи се кон регулативата на Советот на ЕУ од заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата. 

Сепак, одобренијата за прелет и слетување на рускиот воздухолов, како што соопштија од Владата, ќе треба да ги донесат министерствата за надворешни работи и за одбрана.  

„Надлежните министерства за надворешни работи и за одбрана ќе можат дополнително да одлучат за издавање одобрение за прелет и слетување на рускиот воздухоплов за време на одржувањето на триесеттиот министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, во период од 29 ноември до 1 декември 2023 година“,

соопштија од Владата.  

Одлуката со која се изменуваат конкретните рестрикции кон Руската Федерација, како што посочуваат од Владата, е согласно регулативата на Европската Унија и одредбите во самите рестриктивни мерки со кои за меѓународните конференции, како што е ОБСЕ, се предвидени исклучоци. 

Засега останува неизвесно доаѓањето на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на Министерскиот совет на ОБСЕ од 29 ноември до 1 декември во Скопје.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

Претходно

Николовски за РЕК Битола: Не можеме да очекуваме пензионерот да трча маратон – се работи на нови проекти од чиста и зелена енергија

Следно

Комити ќе донираат за Чкембар кој го загуби домот во пожар

Latest from Blog

Рама: Никогаш не сме биле поблиску до ЕУ

Албанскиот премиер Еди Рама, од Скопје каде што се одржува самитот на лидерите на ЕУ и Западен Балкан, нагласи дека никогаш не сме биле поблиску до ЕУ. Рама вели дека има позитивна

Плажата Оревче ја најави секојдневната програма за летото 2025, многу причини за пливање и танцување

Плажата Оревче ја најави секојдневната програма за летото 2025, многу причини за пливање и танцување, а сите што веќе биле на оваа плажа знаат колку е добро да се танцува на Оревче

Младите и евроскептицизмот: Над 40% со позитивен став кон ЕУ, но без верба во брза ЕУ интеграција на земјата

Резултатите од онлајн анкета спроведена на крајот на месец јуни 2025 година со учество на над 1.000 млади лица од земјава потврдуваат постоење на евроскептицизам помеѓу младите луѓе, различни очекувања за членството

Натпреварот помеѓу Јувентус и Реал вечерва може да биде прекинат!

Осминафиналниот дуел од Светското клупско првенство меѓу европските гиганти Реал Мадрид и Јувентус, закажан за вечерва во Мајами (21:00 по средноевропско време), би можел да биде одложен или прекинат поради најавеното невреме.
Go toTop