АД МЕПСО аплицираше за добивање PECI статус (Проект од интерес за Енергетската заедница) за проектот „400 kV интерконекциски коридор Исток – Запад, Западна секција“, препознаен како проект со значајно регионално и стратешко значење.
Проектот опфаќа изградба на нов 400 kV далекувод од Тетово до Призрен, со што ќе се воспостави нова директна електроенергетска врска меѓу РС Македонија и системот на Р. Косово. Коридорот Скопје – Тетово – Охрид, со прекугранична врска кон Призрен, значително ќе ја зајакне преносната мрежа во западниот дел на државата, при што вкупната должина на Западната секција изнесува околу 255 km.
Клучен елемент на проектот е изградбата на нова трансформаторска станица 400/110 kV во Тетово, како и можноста за изградба на нова 400/110 kV трансформаторска станица во Осломеј, која би овозможила подобра интеграција на постојните и планираните производствени капацитети, вклучително и обновливи извори на енергија, како и поголема оперативна флексибилност на системот.
Проектот има изразена регионална димензија и е комплементарен со веќе одобрениот PECI проект за надградба на коридорот Косово – Албанија (Призрен – Фиерза) на 400 kV.
PECI проектите претставуваат приоритетни инфраструктурни проекти од областа на електричната енергија и гасот, кои имаат значајно влијание врз повеќе од една земја членка на Енергетската заедница. Доделувањето на PECI статус, претставува официјално признание за стратешката важност на проектот и овозможува подобрена институционална координација помеѓу земјите учеснички, побрза подготовка и реализација на проектите, како и олеснет пристап до меѓународни финансиски инструменти, техничка помош и поддршка од меѓународни финансиски институции.
Реализацијата на проектот ќе придонесе кон зголемена сигурност и стабилност на електроенергетскиот систем, подобра пазарна интеграција, намалување на мрежните ограничувања и создавање услови за одржлив развој на енергетскиот сектор во земјата и регионот.
Извор: zurnal.mk


