Францускиот претседател Емануел Макрон и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска ги завршија состаноците со кинескиот лидер со молба за помош за враќање на мирот во Украина и предупредување да не се снабдува Русија со оружје
Кинескиот претседател Си Ѓинпинг вети дека ќе разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски кога ќе се исполнат соодветните услови, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
„Го охрабрив претседателот Си да разговара со претседателот Зеленски. Знам од моите телефонски повици, а и претседателот Зеленски исто така јавно го побара тоа, па беше интересно да се слушне дека претседателот Си ја повтори својата подготвеност да разговара кога ќе се погодни условите“,
рече Фон дер Лајен на конференцијата пред новинарите по средбата со Си и францускиот претседател Емануел Макрон.
Си рече дека политиката на Кина кон Украина може да се сумира во една реченица – „промоција на мирот и дијалогот“, објавија кинеските државни медиуми.
Тој додаде дека приоритет е да се поттикне и охрабри прекин на огнот и крај на војната.
На состанокот со Макрон и Фон дер Лајен во Пекинг, Си рече дека врските меѓу Кина и ЕУ не се под контрола и не зависат од трета страна.
Тој додаде дека Кина е подготвена да ја зајакне стратешката меѓусебна доверба со ЕУ.
„Кина и ЕУ треба да воспостават правилно меѓусебно разбирање и да избегнуваат недоразбирања и погрешни проценки“,
рече Си на средбата со Фон дер Лајен.
Францускиот претседател Емануел Макрон и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска ги завршија состаноците со кинескиот лидер со молба за помош за враќање на мирот во Украина и предупредување да не се снабдува Русија со оружје.
„Вооружување на агресорот би било против меѓународното право и значително ќе им наштети на нашите односи“,
рече Фон дер Лајен по разговорите со кинескиот претседател Си Џинпинг.
И францускиот претседател Макрон изрази надеж дека Кина ќе изврши притисок врз Русија да бара преговори за украинскиот конфликт.
„Знам дека можам да сметам на вас да ја вразумите Русија и сите да ги доведете на преговарачка маса“,
рече Макрон за време на разговорите со Си во Пекинг.
Макрон и Фон дер Лајен се последните европски лидери кои се сретнаа со кинеските власти и разговараа за нивните „комплексни“ односи, во обид да обезбедат помош од Пекинг за ставање крај на војната во Украина.
Париз верува дека блиските односи на Кина со Русија значат дека Пекинг има добра позиција за да интервенира во тековниот конфликт и потенцијално да посредува за мир.
„Убеден сум дека Кина има голема улога во градењето на мирот“,
рече Макрон непосредно пред средбата со Си.
Фон дер Лајен во видео објавено на Твитер вели дека Кина е од големо значење за Европа со меѓузависности и долга заедничка историја и додава дека двете страни имаат „неизмерна корист“ од врската.
„Сепак, односите ЕУ-Кина станаа посложени во последните години. Ова ќе им помогне и на Европската унија и на Кина да се движат во сложената и нестабилна геополитичка средина“,
додаде таа, нагласувајќи ја потребата да се разговара за „сите аспекти на односите ЕУ-Кина денес“.
Како што пренесе ДПА, сепак, Кина даде нејасен одговор на Макрон и Фон дер Лајен.
Си му рекол на Макрон дека е убеден оти тридневната посета на францускиот претседател може да обезбеди „нови импулси и нова атмосфера“ за односите на Пекинг со Европа.
„Како големи земји со традиција на независност, Кина и Франција имаат „способност и одговорност да ги надминат разликите“,
рече Си на почетокот на нивните разговори.
Меѓутоа, додека Си зборуваше за продолжување на преговорите за војната во Украина, неговата изјава повтори голем дел од кинескиот документ со позиции за војната претставен во февруари, што беше дочекан со меѓународна критика и разочарување.
Тој повтори дека мора да се земат предвид „легитимните безбедносни интереси на сите страни“, барање што го става Пекинг повеќе во согласност со рускиот аргумент.
Си понатаму повика на изградба на „урамнотежена европска безбедносна рамка“, што вообичаено се сфаќа како критика на САД и проширувањето на НАТО.
Како и во документот од 12 точки од февруари, Си уште еднаш избегна да ја осуди руската агресија, ниту пак, посочи дали Кина ќе го искористи своето влијание врз рускиот претседател Владимир Путин.
Си рече дека треба да се избегнуваат напади врз цивили или цивилни објекти и да се почитува ветувањето дека нема да се користи нуклеарно оружје.
Фон дер Лејен го поздрави повикот на Си за воздржаност и неговото предупредување против употребата на нуклеарно оружје. Сепак, таа ја подвлече нејзината поддршка за мировниот план на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој е во спротивност со позицијата на Кина.
Си го прими Макрон со воени почести. Потоа разговараше со Фон дер Лајен, пред тројцата лидери да одржат заеднички разговори.
Извор: 360stepeni.mk