Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, во вечерашната „Топ Тема“ истакна дека опозицијата навремено предложила сет антикризни мерки за справување со растот на цените на горивата и инфлациските притисоци, нагласувајќи дека тие треба итно да се разгледаат во Собранието. „Ние уште пред неколку недели предложивме антикризни мерки кои се на дневен ред во среда во Собранието, кои вклучуваат намалување на ДДВ на моторните бензини и дизелските горива“, изјави Лукаревска. Таа посочи дека слични мерки веќе се применуваат или се подготвуваат и во европските земји, како одговор на енергетската криза и растот на цените. „Имавме мерка за намалување на акцизата за четири денари, тие мерки беа критикувани, а сега гледаме дека истите се темел со кој ќе се бориме за справување со оваа криза“, додаде таа. Лукаревска порача дека растот на цените ќе има директно влијание врз бизнис секторот и граѓаните, и дека за вакви прашања е неопходен политички дијалог и консензус меѓу сите партии.
Извор: zurnal.mk


