Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека е можно повторно да има лидерска средба на која ќе учествуваат сите лидери на партиите, со оглед на тоа што одлуките за свикување на избори се носат со консенсуз, но останува на ставот дека сега имаме поважен процес во државата од изборите, а тоа е носење на одлуките за продолжување на евроинтеграцискиот пат на државата.
Ковачевски смета дека прашањето околу изборите веќе е апсолвирано и дека тие ќе бидат во својот редовен термин.
Ние можеме уште во понеделник да закажеме седница на Собранието на која ќе бидат изгласани уставните амандмани и истиот ден да се закажат предвремени парламентарни избори. Исто така, на маса е и друг предлог, а тоа е да се почне процесот на уставните измени. ВМРО ДПМНЕ да биде дел од Владата како што бараа, и притоа да биде завршен скринингот, да се отворат поглавјата од првиот кластер, да затвориме едно или две поглавја и потоа да одиме на претседателски и на парламентарни избори, што секако би претставувало некаков договор во однос на најважното прашање кое го имаме за граѓаните и за државата, изјави Ковачевски на прес-конференција во Гранада, одговорајќи на новинарско прашање за барањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за лидерска средба на која би се утврдил датумот за одржување на предвремени парламентарни избори.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Гранада, Ковачевски вели дека парламентарните избори се дефинирани согласно закон, исто како што се дефинирани и претседателските избори.
Во врска со измените на Изборниот законик, Ковачевски посочи дека во рамките на Министерството за правда работи работна група за измени на Изборниот законик, предводена од поранешен член на ДИК. Како што рече, во таа работна група учествуваат претставници на сите политички партии, освен претставник на ВМРО ДПМНЕ.
Во таа работна група учествуваат претставници на сите политички партии, освен претставник на ВМРО ДПМНЕ, по нивна волја. Иако, кога се формираше работната група не само што беа повикани, туку и беше понудено претседател на Комисијата да биде предложен од ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа тие одбија. Кај нас точно е дефинирано кога ќе се одржат претседателски избори и кога ќе се одржат парламентарни избори во нивните редовни термини, вели Ковачевски.
Во однос на набљудувачките мисии, Ковачевски изјави дека штом ќе се распишат изборите, претседателски или парламентарни, тогаш се испраќа барање до ОСБЕ/ОДИХР да испрати долгорочна мисија која што ќе го набљудува целиот процес на подготовка на изборите. Посочи дека со почетокот на изборната кампања и одржувањето на самите избори, доаѓа набљудувачка теренска мисија која што ги надгледува изборите и нивното одржување и потоа поднесува извештај. Овие постапки се спроведуваат откако ќе бидат распишани изборите.
Коментирајќи го ставот на Мицкоски дека „можеби Фројд влијае на Ковачевски, па тој може да биде фрустриран од ситници“, Ковачевски тврди дека проблемите на нашата држава се многу помалку од психотерапевтска природа, тие се повеќе проблеми од „гастроентерхепатолошка природа“.
Јас ја видов изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, во кoja тој споменуваше автори од делот на психотерапијата. Сметам дека проблемите на нашата држава се многу помалку од психотерапевтска природа, тие се повеќе проблеми од гастроентерхепатолошка природа, со оглед на блокадите кои ВМРО-ДПМНЕ ги прави во Собранието и во носењето на одлуките за интеграција на нашите граѓани и на нашата држава во ЕУ, рече Ковачевски.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.