СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, даде изјава за медиумите пред почетокот на Самитот на НАТО што се одржува во главниот град на Литванија, Вилнус, пренесува Анадолу.
Ковачевски нагласи дека овој исклучително важен состанок доаѓа во многу важен момент, односно во момент кога се води војна во Украина.
Тој рече дека состанокот доаѓа по Самитот во Мадрид, по кој, според него, имаше навистина многу работа што ја работеа министрите за одбрана, министрите за надворешни работи и претставниците во постојаното седиште на НАТО.
„Ќе бидат донесени неколку многу важни заклучоци. Прво, ќе бидат донесени одлуки во однос на регионалните аспекти на одбраната на НАТО-земјите и тоа вода, копно и воздух. Секако и аспектите на сајберодбраната и на одбраната од хибридни напади. Следно, ќе бидат донесени одлуки во однос на унапредувањето на соработката со Украина. Практично, ќе биде формиран Совет на НАТО и Украина на кој во иднина ќе може да се донесуваат и одлуки што се однесуваат на заедничката соработка“, истакна тој.
Ковачевски информира дека во однос на финансирањето на сите овие зголемени потреби за одбраната во овој нов геостратешки контекст ќе биде донесена одлука во однос на финансирањето, а тоа значи дека 2 процента од бруто- домашниот производ ќе биде практично минимумот за финансирање на одбраната, со тоа што најмалку 20 проценти да бидат за модернизација.
Тој нагласи дека Северна Македонија е земја што во модернизацијата веќе инвестира 30 проценти од буџетот за одбрана што, според него, секако дека е потребно во овој контекст.
Во однос на идната соработка со Украина, Ковачевски рече дека Северна Македонија има многу јасна позиција во оваа насока. „Ние како 30-та земја членка секогаш поддржуваме отворена врата во пристапување во НАТО. Меѓутоа, секако откако ќе бидат согледани сите безбедносни аспекти на актуелниот момент“, додаде тој.
„Она што е многу важно, НАТО покажа дека е единствено како никогаш досега и донесена е голема одлука, со тоа што Шведска ќе биде 32. земја членка на НАТО по вчерашните успешни разговори помеѓу генералниот секретар на НАТО, господинот Столтенберг, претседателот на Туркије (Реџеп Таип Ердоган) и премиерот на Шведска“, нагласи Ковачевски.
Истакнувајќи дека очекува да има успешен состанок, Ковачевски рече дека денес неговиот ден ќе започне со билатерална средба со премиерката на Естонија, а утре ќе има билатерална средба со премиерот на Грција и одделни состаноци и со индопацифичките држави, со кои ќе разговараат за глобалните аспекти за безбедноста и одбраната.
Инаку, Ковачевски на овој Самит е придружуван од министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, и министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска.
Извор: www.aa.com.tr