Ковачевски: Реконструкцијата ќе внесе нова енергија и ќе стави точка на лагите за предвремени избори

February 13, 2023
4 mins read

Со новиот владин партнер, како што рече премиерот, во делот на владеење на правото и борбата против корупцијата се согласиле да има ветинг на јавните функционери базиран на најдобрите европски искуства, како и нови одредби за јавна финансиска контрола. Од ресорите што ќе ги преземе Алијанса, премиерот во говорот посебно го истакна здравството, каде што рече дека очекува важни резултати. На Алтернатива, пак, ѝ порача дека сè уште има место во мнозинството и кажа дека жали што партијата одлучила да премине во опозиција

Реконструкцијата на Владата ќе внесе нова енергија, оцени премиерот Димитар Ковачевски од собраниската говорница образложувајќи го предлогот за разрешување на кадрите на Алтернатива од Владата, партија која реши да премине во опозиција откако Алијанса за Албанците одлучи да се приклучи на владината коалиција.

Покрај новата енергија во Владата, Ковачевски вели дека уште поважно е што ќе се стави крај на манипулациите за предвремени избори.

„Реконструкцијата на Владата очекувам да внесе нова енергија во реализација на мерките и политиките на Владата во насоките што ги посочив. Но она што е навистина важно е што со ова парламентарно мнозинство ставаме точка на сите лаги и манипулации кои ги лиферува опозицијата за можни предвремени избори. Денеска зборуваме за вистински важни работи, правиме промени и тоа е добро, не треба да се плашиме од промени. Потребно ни е стабилно мнозинство кое ќе овозможи брз развој и напредок, кое ќе овозможи да одблокираме важни закони за граѓаните без да мора да чекаме опозицијата да одлучи дали граѓаните и нивната иднина се поважни од нивните дневнополитички интереси. Денес зборуваме за обединување по европското прашање каде што ВМРО-ДПМНЕ вечно останува изолирана и против државните интереси“,

рече Ковачевски.

Со новиот владин партнер, како што додаде, во делот на владеење на правото и борбата против корупцијата се согласиле да има ветинг на јавните функционери базиран на најдобрите европски искуства, како и нови одредби за јавна финансиска контрола. Од ресорите што ќе ги преземе Алијанса, премиерот во говорот посебно го истакна здравството, каде што рече дека очекува важни резултати.

На досегашниот коалициски партнер, Алтернатива, пак, ѝ порача дека сè уште има место во мнозинството и кажа дека жали што партијата одлучила да премине во опозиција.

„Алијанса ја прифати одговорноста за поддршка на европскиот фронт, место има за сите ако се сака и ако се прифатат натпартиските интереси. Место има и за Алтернатива, како што тие самите знаат. Место има и за сите добронамерни поддржувачи на европската иднина на државата. Бројот и видот на позициите се второстепени, прво и единствено важно за што треба да сме заедно и што ќе постигнеме и сработиме се државните интереси. Жалам што во овој процес Алтернатива ја донесе својата сопствена одлука за излегување од Владата, сакам да се заблагодарам за досегашната соработка и уште еднаш јавно и искрено да ја потврдам мојата заложба и решеност за заедничка соработка во форма и начин која ќе значи целосна поддршка на европскиот пат“,

рече премиерот.

За перформансите на сите министри од Алтернатива, Ковачевски рече дека има свое мислење и оти во сите ресори има прогрес и успеси, како што има проблеми и потреба за многу повеќе.

„Има резултати, но има и грешки кои мора да се констатираат и коригираат. Но, сето тоа мора да биде направено на објективен процес, без поделба на наши и ваши, на Албанци и Македонци бидејќи и успехот и грешките имаат име и презиме. Само државните и граѓанските интереси мора да бидат над сите партии и партиски функционери. Затоа новото окрупнат парламентарно мнозинство ќе најде стабилност, извесност, активна поддршка на одлуките и реформите важни за остварување на европскиот пат, остарување на полноправното членство во ЕУ, стратешкото партнерство со САД, остварување на програмата на владата, зајакнување на економијата, борбата против криминалот и корупцијата“,

рече Ковачевски.

По опозицијата, пак, ја обвини дека сака да живее во хаос и безредие. Покрај дел од структурите внатре, смета тој, таква ситуација им одговара и на некои однадвор.

„Јас не смеам да дозволам да направиме ситуација во која граѓаните ќе живеат и ќе се будат во неизвесност грч и размислување дали ќе нè биде или не, дали ќе има плати и пензии и струја и храна или ќе се движиме кон неред и хаос. А, верувајте ми таква држава многумина сакаат и од внатре и од надвор. Има луѓе и структури кои сакаат хаос затоа што така најлесно функционираат, научени да крадат, да ловат во матно и потоа да бегаат надвор со пари на странски сметки, со фамилии во странство. Е тоа го прават од ВМРО-ДПМНЕ и нивните инструктори од Левица. Блокади на закони, кочници на сите страни, странски антидржавни интереси, хаос и безредие, навреди и евтин антидржавен популизам. Тоа не бидува, тоа нема да се случи“,

рече Ковачевски.

Седницата за реконструкција на Владата закажана за 15 часот, започна со триесетина минути задоцнување.

Дневниот ред на седницата беше изгласан со 64 гласа „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“. Првин пратениците, според редоследот, ќе треба да се изјаснат за разрешувањата на актуелните министри и заменик-министри, а потоа за изборот на новите предложени од премиерот.

Во моментов во тек е дискусијата за точката за разрешување за која за збор се пријавени 44 пратеници.

Седницата почна во исполнета пленарна сала, а како што соопшти собранискиот спикер Талат Џафери, на денешното заседание не се присутни независните пратеници Скендер Реџепи и Кастриот Реџепи, како и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Синиша Стојановски.

Кастриот Реџепи е истиот пратеник кој при обидот за гласање недоверба на Владата во ноември 2021 година, кога владиното мнозинство буквално висеше на конец, не се појави во Собранието. Скендер Реџепи по излегувањето од Беса, во моментов важи за близок до т.н. „огнена група“ на ДУИ.

Скендер Реџепи, пак, пред да почне да дејствува како независен беше пратеник на Алтернатива.

Според предлогот на Ковачевски, разрешување се предлага на министрите за здравство – Беким Сали, за информатичко општество и администрација – Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи, како и замениците за земјоделство – Абдулшуќур Абедини и за образование и наука – Лулзим Алиу. Сите се кадри на Алтернатива.

Предлог за разрешување има и за заменик-министерот за одбрана Башким Хасани кој е дел од „огнената група“ во ДУИ.

Претходно, пак, Собранието констатираше дека оставки поднеле министрите за правда Никола Тупанчески (СДСМ) и за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини (ДУИ), како и за заменик-министрите за правда Агим Нухиу (ДУИ) и за здравство Владимир Рендевски (СДСМ).

Според договорот кој беше постигнат во новата владина коалиција, новите кадровски решенија во Владата ќе бидат:

Предложените нови министри се:

  • Кренар Лога (Алијанса) – министер за правда;
  • Фатмир Меџити (Алијанса) – министер за здравство;
  • Азир Алиу (Алијанса) – министер за информатичко општество и администрација;
  • Каја Шукова (СДСМ) – министерка за животна средина и просторно планирање;
  • Тирон Јајага (Алијанса) – заменик-министер за одбрана;
  • Вјолца Бериша (Алијанса) – заменик-министерка за земјоделство;
  • Викторија Аврамовска-Мандиќ (СДСМ) – заменик-министерка за правда;
  • Маја Манолева (СДСМ) – заменик-министерка за здравство;
  • Агим Нухиу (ДУИ) – заменик-министер за образование и наука.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Ненадејно почина македонскиот спортски новинар Зоран Поповски

Следно

(ВИДЕО) Погледнете како рамна земја во Туција се претвори во огромен кањон

Latest from Blog

Пленковиќ: Имав многу добар разговор со Трамп

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ имал телефонски разговор со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кому му честитал за реизборот, објави премиерот на X. – Само што имав многу добар разговор со Доналд Трамп

НБА: Ванвлит казнет со 50.000 долари

Кошаркарот на Хјустон, Фред Ванвлит (30) е казнет со 50.000 долари поради непримерно однесување кон официјалните лица на натпреварот против Портланд, објави вечерва НБА лигата. Ванвлит доби техничка грешка во последните моменти

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Доне Таневски, најголемиот акционер во хотелската групација „Македонија турист“, го намали својот удел од 23,4% на 17,72%, по продажбата на 25.669 акции. Македонска берза ја потврди продажбата, при што Таневски сега поседува

Костадинов: Горд сум што мојот предлог доби преубава реализација

Секој еден градоначалник и политичар треба најпрвин да биде човек, а потоа се останато, напиша градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, на својот фб профифл. Многу сум радосен за прекрасниот почеток на

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор

Независниот синдикат на одбраната информира дека денес Министерството за одбрана исполни уште една своја обврска од колективниот договор, исплатени се средствата кои беа заостанати од потпишувањето на КД заклучно со јуни. Исплатата
Go toTop