Контролата на летање в среда стапува во штрајк доколку Владата не ги разреши директорите на М-НАВ

4 mins read

За вчерашниот настан и понатамошните активности, Синдикатот веќе ги известил сите меѓународни воздухопловни институции, синдикати и здруженија на контролори на летање од Европа. Очекуваат нивни претставници наскоро да пристигнат како дополнителна помош и поддршка, наведува претседателот на Струковиот синдикат на контролорите на летање во објавата на социјалните мрежи по вонредниот состанок одржан доцна синоќа 

Доколку директорите на Македонската навигација (М-НАВ) не си поднесат оставки или Владата не ги разреши на првата наредна седница закажа за вторник (9 јануари 2024 г. ), Струковиот синдикат на контролорите на летање од следниот ден – среда – ќе стапи во штрајк со затворање на воздушниот простор. 

Контрола на летање / Фото: Архива

Ова е една од одлуките и барањата на Синдикатот донесени на вонредниот состанок на членовите одржан доцна синоќа, а за кои преку објава на својот фејсбук-профил рано утрово информира претседателот на Синдикатот, Александар Тасевски.  

Вонредниот состанок на Синдикатот уследи откако вчера ескалираа случувањата во Македонската навигација, по упадот на неколку лица, кои заедно со вработен во Навигацијата нападнаа друг вработен во институцијата.  

„Ги известувам македонска јавност и медиумите дека доцна синоќа беше одржан вонреден состанок на членството на ССКЛ каде што најостро го осудивме нападот врз нашиот колега и го потврдивме ставот дека нападот врз него е напад и врз секој еден од нас“,

вели Тасевски во објавата. 

Како што информира првиот синдикалец, на состанокот биле донесени четири одлуки и барања.  

Првата е Министерството за внатрешни работи веднаш да почне постапка за пронаоѓање на учесниците во целиот настан. 

„…како на лицата кои не се во вработени во контрола на летање, а биле присутни во безбедносниот периметар на објектот и самиот објект на контрола на летање, но и на лицата вработени кај нас, а кои биле соучесници и го помогнале целиот настан кој финализира со физички напад врз наш колега контролор на летање. Додека траеше нашиот состанок, од страна на МВР беше издадено официјално соопштение дека се приведени четири лица врз кои се врши распит по што ќе следува соодветна пријава, но и дека се трага по уште 4 лица“,

пишува Тасевски.

Вториот заклучок од состанок, според него, се однесува на, како што вели, очигледните безбедносни пропусти на службите задолжени за обезбедување на објектот и лицата вработени во Контролата на летање. 

„Побарано е од МВР со распоредување службени лица да го обезбеди, како и вработените, посебно што станува збор за стратегиски државен објект, но и поради фактот дека контролорите на летање нема да продолжат да работат под оправдан страв дека во секој момент некој од надвор би можел да влезе и да ги загрози нивните животи, а со самото тоа и животите на патниците во авионите кои ги опслужуваме. Од страна на МВР веднаш се распоредени службени лица за заштита на безбедноста и на објектот, но и на вработените“,

вели Тасевски. 

Од Струковиот синдикат на контролорите на летање ги повикаат тројцата извршни директори на М-НАВ веднаш да си поднесат оставки од функциите, пред сè, од морални причини, поради ескалација на состојбата во контролата на летање која, како што наведува претседателот на Синдикатот, е по нивна вина.  

„Истите тие покажаа дека не само што не се способни успешно да раководат со македонската навигација, туку и дека не се способни да ги заштитат своите вработени и самиот објект од упад на неовластени лица. И по изминати повеќе од 11 часа од нападот врз нашиот колега, ниту еден од нив не најде за потребно јавно да го осуди целиот настан, да излезе со официјален став околу тоа што се случи во една институција која треба да го претставува врвот на безбедносниот систем, не се одважија ниту да понудат своја помош на нашиот повреден колега, но ниту да ја гарантираат понатамошната безбедност на вработените кои и покрај се мораа да останат на своите работните места и да продолжат да го контролираат воздушниот сообраќај“,

вели претседателот на Синдикатот во објавата на социјалната мрежа.  

Претседателот на Струковиот синдикат на контролорите на летање, Александар Тасевски / Фото: Принтскрин

Од Синдикатот ги повикуваат директорите да не чекаат да бидат разрешени како што тоа вчера вечер го најави Владата за следната седница закажана за 9 јануари бидејќи „и досега причинија доволно штета“. 

„Доколку директорите сепак не покажат доблест сами да си поднесат оставки од функциите, ја повикуваме Владата на првата наредна седница закажана за 09.01.2024 година да ги разреши сите директори и да отвори итна постапка за избор на нови членови на раководство и Управниот одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес, како почеток на смирување на сите тензии, но и овозможување на нормализација на сите процеси кои се неопходни за понатамошно нормално функционирање на македонската навигација. Во спротивно, ССКЛ најавува штрајк со затворање на воздушниот простор започнувајќи од 10.01.2024 сè до исполнување на сите наши барања“,  

наведува Тасевски.

Тој додава дека доколку бидат принудени да го реализираат штрајкот ги замолуваат граѓаните да имаат разбирање за нивните постапки, и покрај проблемите со кои ќе се соочат при нивните патувања со авион „од причина што нашите постапки се насочени во насока да на секој еден патник можеме да дадеме и да гарантираме безбеден лет“. 

За вчерашниот настан и понатамошните активности, Синдикатот веќе ги известил сите меѓународни воздухопловни институции, синдикати и здруженија на контролори на летање од Европа. Очекуваат нивни претставници наскоро да пристигнат како дополнителна помош и поддршка, наведува Тасевски.  

Инаку, вчерашниот упад во Македонската навигација уследи непосредно откако претседателот на Синдикатот на контролорите на летање одржа прес-конференција на која информира дека членовите на Синдикатот се под засилен притисок од менаџментот на М-НАВ поради негодувањата на синдикалците за последниот оглас за вработување. 

Едно од лицата кои упаднаа во просториите на М-НАВ, според информациите што ги објави ТВ Алсат, е претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир, Беким Незири. 

Од полицијата не го потврдуваат идентитетот на напаѓачот, но соопштуваат дека нападот го извршило лице со иницијали Б.Н. – вработено во институцијата. Алсат потсетува дека Незири своевремено беше и член на Управниот одбор на Македонската навигација, како и министер за економија. Според сознанија на „360 степени”, Беким Незири сè уште е вработен во М-НАВ. 

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Јапонија: 240 лица сè уште се водат за исчезнати по силните земјотреси

Следно

Њујорк: 24 повредени при судир на возови во метрото на Менхетен

Latest from Blog