Битола – Денеска градоначалникот Тони Коњановски ја посети крводарителската акција организирана по повод 17 Март, Денот на крводарителството во Република Македонија и Денот на основањето на Црвениот крст во Македонија. Настанот се одржа во фоајето на НУ „Народен Театар“ – Битола, а беше организиран од Општинската организација на Црвен крст Битола во соработка со Службата за трансфузиона медицина од Битола.
„Заеднички констатиравме дека имаме одлична соработка, секогаш кога било потребно“, истакна Коњановски.
Традицијата на организирање крводарителски акции во Битола се повторува повеќе од 15 години, а бројката на дарители секоја година надминува 100. Од Црвениот крст и Службата за трансфузиологија информираа дека интересот за хуманиот чин е особено голем кај младите.
Според статистиката за изминатата 2025 година, на територија на Општина Битола бил надминат годишниот план од 2.854 крвни единици со над 150%, што покажува значителен пораст на дарувањата.
„Секое дарување крв е спас за живот, а радосно е што младите активно се вклучуваат во овој хуман чин“, додаде Коњановски.


