Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, се обрати на завршниот настан од проектот „Младите и менталното здравје“, во кој општината беше партнер, а кој се реализираше во соработка со битолските средни училишта и училишните психолози.

На настанот, кој го организираше Про локал Битола во рамки на проектот „Младински политики по мерка на младите“, Коњановски истакна дека грижата за менталното здравје кај младите е клучна за создавање здрава и стабилна заедница.

Тој нагласи дека Општина Битола ќе продолжи да ги поддржува младите преку различни програми, иницијативи и активности, посочувајќи ја важноста на Советот на младите, кој функционира во рамките на општината.
На настанот свои обраќања имаа и претставници на здружението, како и раководителката на проектот, додека психолози дискутираа за актуелните предизвици со кои се соочуваат младите во пракса.
Панел-дискусијата се одржа на тема „Младите и менталното здравје – што се случува во пракса“, а настанот беше дополнет со драматизација, рецитал, музичка изведба, споделување лични искуства и изложба.
Коњановски порача дека ваквите иницијативи се важен чекор кон подигнување на свеста и создавање системска поддршка за младите во локалната заедница.


