Според нови истражувања, парите се најголемата пречка за младите во Велика Британија при основањето семејство. Повеќе од половината испитаници (59 отсто) ги навеле финансиските грижи како причина број еден поради којашто доцнат или размислуваат и никогаш да немаат деца.
Истражувањето нарачано од германската компанија „Април“ (Apryl), покажа дека најголемата пречка за родителството се зголемените трошоци за живот (29 отсто). Потоа следуваат трошоците за згрижување деца (13 отсто), па тоа дека испитаникот сè уште не го запознал/-а вистинскиот партнер (12 отсто) и неможноста да купат сопствен дом (11 отсто). Просечната стапка на прираст во ЕУ за 2020 година беше 1,50 живородени деца по жена. Ова е далеку под нивото од околу 2,1, кое е потребно за да се обезбеди стабилно население без миграција.
Европските земји воведуваат различни стратегии за поттикнување на жените да имаат повеќе деца. Меѓу најчестите е тн. „бебешки бонус“, односно парична награда за секое родено дете.
Обединетото Кралство обезбедува детски додаток во износ од 24,97 евра неделно за прво дете и 16,48 евра за секое наредно дете. Граѓаните, исто така, можат да побараат парична поддршка за породилно отсуство – „Сигурен почеток“, што е еднократна помош од 571 евро за трошоците за породување. Се нудат и даночни олеснувања и кредит, што овозможува надоместување до 85 отсто од трошоците за згрижување дете.
Што се однесува до членките на Европската Унија, Финска е позната како една од најдарежливите земји. Малата општина Лестијарви, на пр., стана светски позната зашто од 2012 до 2022 година даваше по 10.000 евра за секое новородено дете. Тоа беше краен обид за зголемување на прирастот, но на програмата лани ѝ беше ставен крај, бидејќи многу од семејства ги земаа парите, но потоа се иселуваа од земјата.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан смета дека клиниките за неплодност се „од национално стратешко значење“. Младите брачни парови во Унгарија може да побараат кредит од околу 30.000 евра од банка и да престанат да плаќаат камата на истиот, доколку добијат дете во рок од пет години. Целосно ќе им биде отпишан кредитот доколку имаат најмалку три деца. Жените кои имаат четири деца се трајно ослободени од данок на доход.
Во Грција се доделува бонус од 2.000 евра за секоја мајка што ќе се породи и ќе престојува постојано во земјата. Родителите во Италија може да бараат додаток до 192 евра по дете месечно, во зависност од приходот на домаќинството.
Во Шпанија, предлог-законот за буџетот за 2023 година, меѓу другите мерки, ќе вклучи и месечен надоместок од 100 евра за мајки со деца под три години.
Франција е позната и по раскошните трошоци за семејната политика. Околу 4 отсто од БДП се однесува на бенефиции за платено родителско отсуство, семеен додаток и субвенционирана грижа за деца. Занимливо, Франција е и европски „шампион по плодност“, со 1,83 раѓања по жена, пишува „Евроњуз“ (Euronews).
Хрватскиот завод за здравствено осигурување (ХЗЗО) плаќа еднократна финансиска поддршка во износ од 309,01 евро, а право на такво здравствено осигурување имаат лица кои исполнуваат одредени услови. Детскиот додаток, пак, изнесува од 26,49 до 72,09 евра месечно, а тоа право може да се оствари доколку просечниот приход по член на домаќинството во претходната календарска година не надминува 309,01 евро месечно. (МИА)
ИЗВОР: kurir.mk