Ќе донесат ли парламентарните избори и предвремени за градоначалници?

April 10, 2024
3 mins read

Тројца градоначалници од три различни политички опции ќе настапат на претстојните парламентарни избори како носители на листи за пратеници. Ако станат пратеници, тие ќе мора да изберат дали од градоначалничкиот кабинет ќе се преселат во Собранието или, пак, фотелјата во пратеничките клупи ќе ја препуштат на следниот од нивните листи.

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска во „единицата“ ја предводи листата на Нова Алтернатива, партија чија претседателка стана неодамна. Градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, исто така, е носител во првата изборна единица кај ДУИ и коалицијата обединета во „Европскиот фронт“. Тетовскиот градоначалник и лидер на Беса, Билал Касами, пак, е прв во „шестката“ на листата на албанската опозициска коалиција „Вреди“.

Со оглед на нивните „добитни“ позиции на листите ако освојат пратенички мандат и не се откажат од него, според актуелните законски регулативи, граѓаните на Скопје, Тетово и Сарај извесно е дека ќе треба да гласаат на предвремени избори за градоначалник.

За која функција ќе се определат ги прашавме тројцата. Единствена која одговори до објавувањето на текстот е скопската градоначалничка Данела Арсовска, но без прецизен одговор кој ќе биде нејзиниот избор.

„Својата работа како градоначалник на Скопје ја извршувам посветено и чесно од првиот ден, така и ќе продолжам. Ви благодарам што ми доделивте пратенички мандат предвреме, тоа потврдува дека нашите заложби како Нова Алтернатива се препознаваат од граѓаните кои на овие избори ќе одлучат кому ќе ја дадат својата доверба и дека нашата задача за обезбедување просперитет за Македонија и борбата против корупцијата мора да продолжат“, рече Арсовска за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа и во него, според пописот од 2021 година, живеат 526 502 граѓани.

Тетово, пак, по Скопје, Куманово и Битола е четврти по големина според вкупното резидентно население кое на пописот изнесуваше 84 770. Неговиот градоначалник Билал Касами досега два пати беше во слична позиција.

Во 2017 како актуелен пратеник тој си поднесе оставка за да влезе во трката за градоначалник, но беше поразен од Теута Арифи од ДУИ. По парламентарните избори во 2020, кога беше во коалиција со СДСМ како носител во „шестката“ се врати во парламентот, а за околу една година повторно реши да ја предизвика Арифи. Тогаш успеа да победи, а прекин на неговиот пратенички мандат беше констатиран по изборот на градоначалничката функција.

И на градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, доколку стане пратеник нема да му биде прво искуство во Собранието. Тој беше пратеник од 2006 до 2009, а и министер за правда во периодот 2011-2014 г.

Во општината со која раководи Беџети, според пописот, живеат над 38 000 граѓани.

Што предвидува законот?

Дека има неспоивост на функцијата пратеник и градоначалник јасно е напишано во членот 8 од Изборниот законик. Ако Арсовска, Касами и Беџети бидат избрани и сакаат да се пратеници, Државната изборна комисија ќе мора да организира предвремени избори за градоначалници за нивните три позиции.

Според членот 16 од Изборниот законик, изборите за членови на советите и градоначалници се одржуваат секоја четврта година во втората половина од октомври. Во истиот член е наведено дека предвремени избори „нема да се спроведат ако до редовните избори има помалку од шест месеци“.

Меѓутоа, тоа не е случај во оваа ситуација бидејќи редовните локални избори треба да се одржат во октомври 2025 година.

Северна Македонија веќе има искуство со организирање предвремени избори за градоначалници. Во декември 2020 се бираа градоначалници на Штип и Пласница, кога тогашниот штипски градоначалник Благој Бочварски стана министер за транспорт и врски, а Исмаил Јахоски од Пласница стана пратеник од ДУИ.

Во 2019 со претседателските се организираа предвремени избори за градоначалници во три општини. Во Охрид и Дебар поради смрт на дотогашните градоначалници – Јован Стојаноски и Ружди Љата, и во Ново Село поради оставката на Боро Стојчев кој беше осуден на затворска казна за обид за шверц на цигари.

Тетовци, пак, пред нецели две години гласаа на предвремени локални избори за нови советници бидејќи претходниот состав на советот не успеа да ја усвои завршната општинска сметка во законски предвидениот рок. Тогаш, надвор од редовниот термин се бираа и градоначалници на Маврово и Ростуше и на Центар Жупа бидејќи два пати претходно не успеа да се обезбеди цензус од една третина излезност на гласачите.

И претседателските кандидати не се откажаа предвреме од функцијата

За претстојните избори, Арсовска, Касами и Беџети не се единствените кои влегоа во трка за нова функција. И меѓу актуелните претседателски кандидати од седуммина, петмина се на друга функција. Од нив тројца се градоначалници: Максим Димитриевски – Куманово, Стевчо Јакимовски – Карпош и Арбен Таравари – Вреди.

Пред почетокот на кампањата, РСЕ ги праша дали ќе се откажат од функциите во пресрет на изборите, но сите тројца беа на став дека ќе успеат да направат разграничувања меѓу градоначалничките и активностите во рамки на кампањата.

Бујар Османи, кој е актуелен министер за надворешни работи и претседателски кандидат на ДУИ, тогаш не одговори на нашите прашања.

Претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска Давкова, пак, потенцираше дека не постојат уставни и законски одредби за да се откаже од пратеничката функција и рече дека „во ниту еден момент и на ниту еден начин нема да го употреби пратеничкиот статус за кампањата“. Собранието, како што е пракса и од порано, иако не е распуштено не одржува редовни седници во предизборен период за да нема злоупотреба на парламентарната говорница.

Меѓу кандидатите е и актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски. На претседателското ливче ќе се најде и професорката Билјана Ванковска која е единствената од седуммината која не е на државна функција.

Првиот круг за претседателските избори ќе се одржи на 24 април. Вториот ќе биде во ист ден со парламентарните избори, на 8 мај.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Ни доаѓа Лазарова сабота, па Цветници- овие работи никако не смеете да ги направите пред Велигден!

Следно

Австрија во епицентарот на шпионски скандал

Latest from Blog

Турските сили неутрализираа 11 терористи на ПКК во северен Ирак

ИСТАНБУЛ (АА) – Турските безбедносни сили неутрализираа вкупно 11 терористи на ПКК во северен Ирак, во близина на турската граница, соопшти денес турското Министерство за национална одбрана, пренесува Анадолу. Терористите се таргетирани

Адвокатите на жртвите во Сирија бараат од МКС апсење на Асад и неговите соучесници

ДАМАСК (АА) – Адвокатите кои ги застапуваат жртвите во Сирија побараа од Меѓународниот кривичен суд (МКС) „итно“ да издаде налози за апсење на Башар ал-Асад и 17 високи функционери за воени злосторства

Трипуновски: Министерството заедно со земјоделските здруженија ги креира Програмите за 2025 година

Денес на моја иницијатива со повеќе од 30 здруженија се одржува работна средба со единствен реден ред, а тоа е разгледување на предлог Програмите за субвенционирање за 2025 година, поточно Програмата за

Зголемена брзина најчеста причина – 9 жртви од 842 сообраќајки во Тетово минатата година

Во текот на минатата година во Тетово се случиле 842 сообраќајни незгоди. Последиците се 9 загинати, 67 тешко повредени, 373 со полесни телесни повреди, додека во 394 незгоди направена е само материјална

ЗНАМ: Рарешувањето на Илире Даути е завршена работа

-За нас исходот е многу јасен. Собранието на Република Македонија утврди одговорност кај госпоѓа Даути, таа несомнено го прекршила Деловникот, а санкцијата за прекршувањето на Деловникот е разрешување за оној што го
Go toTop