Градскиот стадион во Тетово е пуштен во употреба во далечната 1981 година. Во неговата изградба учествувал и таткото на тетовчанецот Ѓорѓи Стрезовски, тогаш вработен во фабриката „Тетекс“. Вработените во оваа фирма со личен самопридонес придонеле за Тетово да добие градски стадион. Работните саботи не биле плаќани, туку парите завршувале за изградба на спортскиот објект.
Но, 44 години по изградбата, стадионот е оставен на забот на времето, вели Стрезовски.
“Инфраструктурата не е добра. Наоколу е ѓубре, диви бизниси, не е ни да пројдеш покрај стадионот. Лично јас многу ретко сум бил на стадионот. Моето дете има 8 години, сака да оди да гледа. Скопје ни е далеку, со смени, со обврски, со работа. Да има стадион овдека поблиску би било поинаку. Мое мислење е дека стадионот треба да се направи. Со години стои недопрен, почнува да се руши. Битно е да има нешто ново. Може и нашата репрезентација да игра некогаш“, вели Стрезовски за РСЕ.
На градскиот стадион во Тетово игра фудбалскиот клуб Шкендија, која е четирикратен првак на Првата македонска фудбалска лига и двоен освојувач на Купот на Македонија.
Фатих Хусеини има долгогодишна поврзаност со стадионот. И емотивна и професионална. Тој е тренер на младинската школа на академијата на Шкендија.
„Скоро 44 години ништо не се интервенирало, тој стадион е многу битен бидејќи Тетово има многу таленти за фудбал, а ние немаме никакви услови. Не сум задоволен со моментот што ќе се гради три години, тоа е долг временски период. Шкендија била и првак на Македонија, а нема каде да ги игра меѓународните натпревари. Играме или во Скопје или Струмица“, вели Хусеини.
Спортските успеси на градот Тетово генерално се од фудбалски аспект, вели локалниот долгодишен новинар Зоран Димовски. Но, последните случувања на релација Влада и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами ги оценува како политички пи-ар.
„Општина Тетово е во 8 милиони долг и 8 милиони евра долг имаат комуналните претпријатија, односно вкупно 16 милиони евра. Сметам дека во таква инвестиција општината не треба да влегува. Да, треба да има стадион, но, тие пари треба да се пренаменат за други работи. На пример, за реконструкција на градска водоводна мрежа, за изградба на некој парк, што многу помалку пари би се одделиле за тоа.“, смета Димовски.
Фудбалскиот градски стадион во Тетово е втор по големина во Македонија со капацитет од околу 20.000 публика. Стадионот има четири трибини, едната во моментов е во фаза на уривање поради реконструкцијата.
„Институционален ВАР“ за Касами
Вар технологијата одамна се применува во фудбалот. Главните судии на натпреварите ја користат за проверка на регуларноста на сомнителните прекршоци, голови, пенали и офсајди.
Во моментов, на градскиот стадион во Тетово не се игра фудбал, бидејќи е во фаза на реконструкција. Обновувањето на стадионот е причина за Владата да најави „институционален ВАР“ во кој се вклучени неколку државни институции – да ја проверат законитоста на целокупната постапка, а се додека нема правна разврска, донесе одлука да прекине изградбата и реновирањето на стадионот.
„Владата одлучи да се обрати со препорака до Уставниот суд, да ја земе предвид итноста на овој случај и да се произнесе во врска со поднесената иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на постапувањето во него. Владата заклучи и да се разгледаат правни основи, согласно Кривичниот законик, за покренување соодветна пријава до надлежните органи за овој случај“, гласи одлуката од владината седница одржана на 21 мај.
На владината одлука реагираше градоначалникот на Тетово Биљал Касами. Тој планира да ги игнорира препораките од Владата и и порача дека стадион сепак ќе се гради.
„На сите граѓани и институции им гарантирам дека сите процедури се засновани на закон, стадионот е даден на трајно користење на општина Тетово. Не ја менуваме дестинацијата, не го рушиме стадионот, туку таму градиме нов стадион со што ќе се зголеми вредноста на државниот имот со кој стопанисува општина Тетово. За жал, имаме основани сомнежи дека оваа власт во заминување под притисок на Артан Груби сакала да го даде објектот на стадионот Тетово на коцкарница, за да стане казино“, рече Касами.
Градоначалникот на Тетово вели дека „Тетово транспорт“ е должна само да го изгради стадионот и дека не е даден на користење.
„Не сме ја промениле сопственоста на стадионот, општина Тетово е се уште корисник. Претпријатието е обврзано да го обнови стадионот, по сите процедури распишан е огласот и тендерот. Истото поминало и на Бирото за јавни набавки.“, рече Касами.
Како се започна?
Владата го издаде мислењето за реконструкцијата и изградбата на стадионот во Тетово по претходно барање на Уставниот суд. До оваа институција, пак иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на спорната одлука на Советот на општина Тетово ја поднесе тетовчанецот Даријан Сотировски, кој воедно е и директор на Комисијата за верски заедници.
Според Сотировски, Советот на Општина Тетово донел незаконска одлука која се коси со Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост. Со неа, Советот го додели градскиот стадион во Тетово на трајно користење на Јавното претпријатие „Тетово транспорт“, иако надлежност да дава корисничко право на државен имот има само Владата.
„Друг проблем е што во моментов не постои Одобрение за градење, ниту Решение за рушење, ниту соодветни елаборати. Издадено е само Решение за подготвителни работи на инвеститорот ,,Тетово транспорт” кој нема законски засновано корисничко право, а кое подразбира само оградување на објектот и поставување помошни објекти. Рушењето на објектот кое го започна и лично првиот човек на општината е досега невиден чин на уништување на државен имот“, вели Даријан Сотировски за РСЕ.
Радио Слободна Европа се обрати и до Уставниот суд, со оглед на тоа дека Владата се обрати со препорака до оваа институција, „да ја земе предвид итноста на овој случај и да се произнесе“. Од Уставниот суд велат дека се работи на поднесената иницијатива.
„Предметот е во фаза на претходна постапка и се постапува по него согласно деловничките процедури. Испратено е барање до општина Тетово како доносител на актот, се собираат сите потребни податоци. Според Деловник секогаш судот кога собира информации за предмет бара мислење од тој орган што ја донел одлуката“, изјавија од Уставен за РСЕ.
Документација за случајот собира и Државното правобранителство, кое постапува по претставка поднесена од Сотировски.
Од институцијата за РСЕ велат дека за иницијативата очекуваат постапување од подрачното правобранителство во Тетово, кое веќе ги побарало имотните листови од Агенцијата за катастар за местото каде се наоѓа стадионот како и објавената одлука во Службен весник со која управувањето со стадионот преминува од општина Тетово во рацете на ЈП Тетово транспорт.
„Доставени се известувања до Владата и известување/барање за преземање на дејствија до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам за запознавање и произнесување и преземање на дејствија согласно со нивните законски дејствија во врска со предметната претставка, но, од наведените институции се уште не е доставен одговор односно произнесување“, одговорија од Државното правобранителство за РСЕ на 22 мај.
Иако побаравме одговори и од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, сепак добивме молк на прашањето што имаат преземено за случајот.
Пред два месеца, РСЕ пишуваше за инвестицијата во градскиот стадион во Тетово.
На 18 март, општина Тетово преку ЈП „Транспорт Тетово“ склучи договор со компанијата „Е – Проперти“ за изградба и реконструкција на градскиот стадион, спортски центар и фудбалско игралиште. Вредноста на договорот е 11,5 милиони евра, а го доби фирма во сопственост на „Еколог интернешнл“, компанија која (ин)директно се поврзуваше со фабриката за производството на електрични автомобили.
Проверката во базата за податоци „Бизнис мрежа“ покажува дека е основана во август 2020 година со основачки влог од 26,333,939 евра. Компанијата е во сопственост на „Еколог интернатионал ФЗЕ“. Во моментот кога компанијата е формирана како сопственик фигурирал Љазим Дестани, чие семејство ја поседува интернационалната компанија „Еколог“.
Според договорот објавен на Бирото за јавни набавки, рокот за кој треба да бидат завршени градежните работи е за три години. Како што објаснуваат од општина Тетово, по тој рок ќе и бидат исплатени парите на компанијата.
И општина Тетово како инвеститор и јавното претпријатие „Тетово Транспорт“ кое ќе го реализира тендерот за реконструкција на градскиот стадион и други спортски објекти се во долгови.
Според официјалните податоци на Министерството за финансии за последниот квартал од 2023 година, Тетово е најзадолжена општина во Северна Македонија со доспеани, а неплатени обврски во вредност од 513.544.758 денари или 8,350,321 евра.
До март 2024 година, долгот на ЈП „Тетово -Трапнспорт“ изнесува 1.430.925 денари или 23,267 евра.
Извор: Радио Слободна Европа