Кандидатките се жигосуваат зашто се жени

March 4, 2024
4 mins read

Политиката е машка професија и во изборните трки има место само за „мачо натпреварувачи“.

Колку ваквата констатација да е неразумна, речиси и да важи за сите изборни циклуси во Северна Македонија ако се суди според дел од коментарите што завршуваат на адреса на жените кандидатки за високи функции.

Навредите и говор на омраза базирани на возраста, изгледот, верската припадност.., кои се реткост кога се во прашање мажите кандидати, на своја кожа ги чувствуваат трите жени кои решија да влезат во претседателската трка за изборите што треба да се одржат на 24 април (прв круг) и 8 мај (втор круг).

Гордана Силјановска-Давкова, Билјана Ванковска и Мерсиха Смаиловиќ со уште десет мажи се на списокот претенденти за шеф(ица) на државата кои периодов тргнаа кон обезбедување поддршка со потписи од граѓаните за да се најдат на гласачкото ливче.

Најчесто на социјалните мрежи, но и на терен меѓу граѓаните, се местата каде тие се соочуваат со навредите. Меѓутоа, како што велат и сами, тоа не ги изненадува. Родово базиран говор на омраза не е неочекуван ниту за дел од набљудувачите и истражувачите на проблематиката со оглед дека станува збор за политички ринг во општество во кое важат патријархални норми.

Навреди со сексуална конотација, па дури и закани со насилство врз кандидатките се меѓу примерите кои ги забележува истражувачката за родови прашања Бојана Јовановска.

„Јас не се сеќавам кога за некој од мажите кандидати имало коментари од типот дека треба да имаат деца или да чуваат внуци наместо да се бават со политика или пак дека треба да бидат превоспитани или силувани затоа што јавно го кажале својот став“, коментира Јовановска.

Навредите не ги изненадија кандидатките

Професорката Билјана Ванковска, која е кандидатка на Левица, вели дека е „учена на ваков третман од многу поодамна“ и затоа коментарите не ја допираат лично.

„Во општество во кое владеат ‘алфа-мажјаци’ и така ја третираат и политиката, како свој плен или поле на кое мораат да си ја мерат силата, не изненадува што жените се предмет на потсмев и напад. Дури и партии кои кандидираат жени, користат говор на мизогинија кон жените од спротивните партии“, вели Ваковска.

За неа, додава таа, најскандалозно е кога навредите доаѓаат од жени кои употребуваат деградирачки речник и ги опишуваат според изглед, начин на облекување, возраст, метални способности и слично.

И граѓанската активистка Мерсиха Смаиловиќ, зад чија кандидатура застана Бошњачкиот демократски сојуз, е свесна дека говорот на омраза е неизбежна реторика во политичките кампањи и, како што вели, „не се бира начин на комуницирање за да се дехуманизира или навреди спротивната страна“. Најмногу негативни коментари за неа прочитала на платформата Икс (поранешен Твитер). Смета дека социјалните мрежи „се еден од најголемите агрегатори на ваквов говор зашто овој говор во Македонија не се санкционира“.

Гордана Силјановска-Давкова, која и официјално е кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, до објавување на текстот не одговори на нашите прашања.

Со какви коментари се соочуваат кандидатките?

Смаиловиќ е припадничка на бошњачката заедица во Северна Македонија, а токму начинот на кој се облекува, покрај тоа што е жена, биле „инспирација“ за повеќе навредливи коментари.

„Најчестите коментари во оваа конотација за мене, се однесуваат на мојот надворешен изглед и на мојата верска припадност. Истата се поврзува со некакви радикални струи или дека со ваква облека не припаѓам во општеството на нашата држава. Тука се и коментарите дека на жената не и е место во политиката, па се користат секакви шовинистички фрази“, вели Смаиловиќ.

Таа се уште ги собира потребните 10 000 потписи, за што рокот завршува на 8 март. Ванковска, пак, успеа да ги собере, а токму при барањето поддршка на терен се соочила со коментар за нејзиниот изглед.

„На еден штанд посведочив како на еден стар граѓанин му понудија флаер со мојата фотографија, а тој грубо одговори: ‘Не давам потпис за оваа, грда е!’ Што да кажете на такви коментари? Лошо е што нас, жените, нè гледаат низ разни нишани и нè сведуваат (само) на жени, притоа проектирајќи најнегативен стереотип“, сведочи Ванковска.

И таа како место каде добива бројни навреди ги посочува социјалните мрежи кои, вели, личат како „гладијаторска арена“. Монтирана фотографија во која таа носи маица на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) за да се покаже дека била дел од Шарената револуција, се потсетува професорката, биле причина за изблик на пцовки, навреди и вулгарности кон неа.

Говорот на омраза како инструмент за замолчување на жените

Со оглед на она што можеше да се види досега, родово базираниот говор на омраза кон кандидатките, нема да бидат исклучок и во официјалниот дел од кампањата, смета нашата соговорничка Јовановска.

„На жените во политиката сè уште се гледа како на девијација од очекувањата за родовото однесување, што може да наиде на отпор и негативни реакции. Дополнително, релативно ниската застапеност на жените во политиката во споредба со мажите, придонесува жените сè уште да не се перцепираат како да им е таму местото“, вели Јовановска.

Од тие причини, смета таа, говорот на омраза се користи како инструмент за „дисциплинирање“ и замолчување на жените односно одржување на статус кво во напорите за родова еднаквост во политиката.

Предизборнието плодна почва за сеење говор на омраза

Предизборниот, заедно со периодот кога се одржува Парадата на гордноста (секој јуни), според набљудувачите од Хелсиншкиот комитет за човекови права, се периоди кога најмногу зачестува говорот на омраза.

Правната советничка во Хелсиншки, Наташа Петковска, посочува дека кога се прашање жените, осудата кон нив секогаш е на лична основа со коментари за нивниот изглед наместо политиката и програмата.

„Тоа се случува најчесто во форма на говор на омраза и вознемирувачки говор со коментари со сексуална конотација и родови стереотипи и предрасуди. Особено се на удар жените кои не се плашат да учествуваат во јавниот живот и да го искористат своето демократско право да учествуваат на избори како кандидати без разлика на нивната возраст, етничка или религиска припадност“, вели Наташа Петковска од Хелсиншкиот комитет.

Ваквите наративи се обесхрабрувачки, за што Петковска вели дека говори и родовата нееднаквост на речиси сите нивоа на владеење. На пример, на последните локални избори во 80 општини и Градот Скопје, беа избрани само две жени градоначалнички. Во актуелната техничка влада во која има 20 члена (премиер, вицепремиери и министри) има само четири жени.

Хелсиншкиот комитет е дел од Платформата за родова еднаквост, во која се обединети триесетина организации, а од каде минатата недела преку заеднички апел побараа „партиите и нивните приврзаници да покажат демократски капацитет и да се воздржат од навреди и ширење на говор на омраза“.

Тие ја имаат и веб-страницата www.govornaomraza.mk каде ги регистрираат случаите на говор на омраза. На минатите претседателски избори во 2019, како што посочуваат од Хелсиншкиот комитет, не бил забележан говор на омраза во обраќањата на кандидатите, но имало негативни пораки и лични навреди во кампањата на дебатите од вториот круг, како и провокативна реторика во говорите на партиските претставници.

Најмногу говор на омраза на претходните претседателски избори бил регистриран на социјалните мрежи.

Според извештајот на овие невладини организации, од 1 април 2019 до 5 мај 2019 кога се одржа вториот круг од претседателските избори, на веб-страницата се регистрирани 69 случаи на говор на омраза. Најмногу – 31 отсто биле поради етничка припадност, потоа поради политичка припадност и пол и род – 21 отсто, а 16 отсто од случаите биле поради сексуална ориентација и родов идентитет.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Ќе се носат законски измени за платите во државните универзитети

Следно

Врховниот суд на САД пресуди: Трамп може да учествува на изборите во Колорадо

Latest from Blog

Македонските ракометарки го освоија првиот бод на ЕП 2024

Македонската женска ракометна репрезентација вечерва одигра нерешено, 25:25 со Турција во 2. коло на Европското првенство 2024. Избраничките на селекторот Кристијан Грчевски лошо го отворија натпреварот и по 20-ина минути имаа негатива

Прекин на струја во Битола: Снегот предизвика дефекти, екипите на терен

ЕВН известува дека на подрачјето на општина Битола има прекини во снабдувањето со електрична енергија на повеќе локации. Сите достапни екипи се на терен и веќе работат на санирање на дефектите. Издадени
Go toTop