Претставници на германската компанија „Дермалог“, од која беа набавени уредите за отпечатоци од прсти, деновиве се во Северна Македонија и со Државната изборна комисија (ДИК) разговараат како овој систем ќе се користи на изборите што треба да се одржат на 8 мај.
Апаратите веќе се користеа на локалните избори во 2021 година, но она што сега се наметнува како предизвик е како ќе се применуваат на претстојните избори со оглед дека тие ќе бидат двојни – претседателски и парламентарни, а притоа да нема сомнежи за манипулации.
Колку пати граѓаните ќе треба да се идентификуваат со отпечаток од прст, дали ќе се води двојна евиденција преку апаратите, што во ситуација кога еден гласач ќе сака да гласа само за парламентарни, а не и за претседателски и обратно… се само дел од дилемите кои се отвораат во пресрет на изборите.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, за Радио Слободна Европа (РСЕ), вели дека имаат решение и со претставниците на „Дермалог“ деновиве се разговара за деталите, па кога ќе се дефинираат од Комисијата ќе излезат со детали.
На пример, меѓу ситуациите за кои се дебатира е како да се реши кога некој првично ќе дојде да гласа само на едни избори, а потоа повторно ќе се појави на гласачкото место за да го искористи правото на глас и за другите избори.
Како ќе се евидентира кој граѓанин на кои избори гласал е важно и со оглед на тоа што за избор на претседател е потребена излезност од над 40 проценти.
Консензус за да нема приговори од партиите
Ова нема да бидат првите двојни избори во земјава. Во изминатите 15 години ги имаше и во 2009 – претседателски и локални, и во 2014 – претседателски и парламентарни. Поранешниот претседател на ДИК, Александар Новакоски, вели дека ова изборно тело досега секогаш било доведено во ситуација со донесување упатство да решава во однос на правото на гласачите да може да се определат слободно дали ќе гласаат на едните или и на двата избора.
„Многу е едноставно ако гласачот сака да гласа за двата избори, тогаш не би имало никаков проблем, би се имале и физички списоците. Но, ако се определи да гласа за еден вид избори тогаш ќе мора со упатство да се решава. Добро би било технички да се догради системот, има време, за да нема никакви несогласувања. Тоа не е едноставно. Кај нас и кога се е идеално има забелешки, приговори и секакви поднесоци од граѓаните“, вели Новакоски.
Токму поради општата недоверба што постои во општеството, нагласува тој, која било одлука треба да биде со консензус за да нема потоа приговори до ДИК од тој аспект.
На двојните избори во 2009 година, кога тој беше на чело на ДИК, потсетува, била донесена одлука да има два избирачки списока и доколку некој сакал да гласа само на едните избори, се потпишувал само во тој список.
Оливер Деркоски, кој исто така е поранешен претседател на ДИК, пак, смета дека нема простор за манипулации преку фингерпинт апаратите бидејќи тие се користат само за идентификација, исто како и личната карта. Ако некој не сака да гласа на едни од изборите, нема да земе гласачко ливче и нема да се потпише во избирачкиот список.
„Нема потреба од ништо, апаратот се користи за идентификација на гласачот, нема врска со другото. Значи, одите вие на гласачко место, оставате отпечаток – тој е еден, немате десет отпечатоци. Се идентификувате дека вие сте тој, ви ги гледаат личните документи, се потврдува и после се потпишувате на избирачки список на кој што сакате да гласате. Таму ќе има еден избирачки списоци еден за претседателски, еден за парламентарни“, смета Деркоски.
Од политичките партии, пак, посочуваат на тоа дека државата досега имала искуство со двојни избори, а за ситуација околу користењето на фингерпринтот очекуваат потег од ДИК. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на преновогодишниот брифинг изрази резерви токму околу овој проблем и рече дека очекува решение од Изборната комисија.
„ДИК е надлежна за тоа како ќе се одвива техничкиот изборен процес. Откако ДИК ќе ја соопшти процедурата, СДСМ ќе излезе со став по однос на истата“, велат социјалдемократите.
Биометриска идентификација најчесто во Африка, Азија и Латинска Америка
Терминалите за отпечатоци на прсти ја чинеа државата над 11 милиони евра. Беа набавени околу 4 000 апарати кои пристигнаа непосредно пред локалните избори во 2021 година. За нив се постигна консензус меѓу партиите, откако на тоа инсистираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ која се закануваше со бојкот на изборите доколку не се набават и користат вакви апарати со цел да се спречат манипулации.
Во пресрет на изборите за идентификација на изборите, во електронската база на ДИК беа преземени отпечатоците од МВР кои граѓаните ги оставаат кога вадат лични документи. На изборниот ден во 2021, на дел од избирачките места се јавуваа проблеми со конекцијата, со ракувањето на уредите, со препознавањето на отпечатоците итн., но од ДИК на дневните прес-конференции тогаш тврдеа дека станува збор за мал број случаи кои се решаваат тековно.
На својата официјална веб-страницата, компанијата „Дермалог“ во делот за биометриска идентификација на гласачи ги промовира своите системи како кредибилни за да се запази принципот „ден граѓанин-еден глас“ и се промовира како доверлив партнер во индустријата за електронско гласање.
Кога се случуваше набавката, пак, во медиумите беше објавено дека една од ретките земји каде се користеле уредите од компанијата била Авганистан, а набљудувачите од Фондацијата „Транспарентни избори во Авганистан“ испратиле допис до македонски органи дека нивното искуство со Дермалог не било толку добро. Меѓутоа, таквото писмо беше отфрлено како нерелевантно и надлежните се повикуваа на позитивните референци од официјалните авганистански органи.
Отпечатоците од прсти, кои се користат кај нас, се само еден од начините за биометриска идентификација на гласачите. Покрај нив, тука се и цртите на лицето, мрежницата и ирисот на окото.
Според анализа на Институтот за демократија и изборна поддршка (ИДЕА) од 2019 година најчесто користени се отпечатоците од прсти и цртите на лицето, а од анализирани 130 земји само околу 25 отсто користат биометриска идентификација на гласачи. Северна Македонија е единствена од опкружувањето во регионот која користи ваков начин на идентификација.
Тоа претежно се користи во земји од Африка, Западна Азија и Латинска Америка. Некои земји, наведува ИДЕА, користат фотографии од лице како Индија, Пакистан и Авганистан, други пак, отпечатоци – Мароко Колумбија и Перу. Во некои се користат двете алатки, а меѓу нив се Мексико, Нигерија и Мозамбик.
Извор: Радио Слободна Европа