Требаше да се случи трагедија за општините да ги засилат контролите за безбедноста во зградите. Пожарот во Кочани, кој однесе човечки животи, го разбуди алармот за состојбата со противпожарната заштита во колективните станбени објекти.
Општина Карпош прва најави акција на Инспекторатот, која вклучува проверка на: постоењето и исправноста на хидрантските мрежи, достапноста на хидрантски црева и противпожарни апарати, како и нивната функционалност. Дополнително, ќе се утврдува дали станарите знаат да ракуваат со противпожарната опрема.
Според локалните власти, оваа акција има за цел да се ажурираат податоците за безбедноста во зградите. Општината Карпош им даде рок од седум дена на Заедниците на сопственици да достават информации за состојбата со противпожарната заштита. Исто така, секој станар или претседател на Заедница кој ќе забележи блокирани противпожарни скали, треба да го пријави тоа за итно расчистување.
Инспекторите од Општина Кисела Вода, во координација со Дирекцијата за заштита и спасување, исто така спроведуваат засилени контроли. Тие истакнуваат дека кај новоизградените згради противпожарниот систем е дел од проектната документација, но кај постарите објекти состојбата е далеку од задоволителна. Од досегашните контроли, утврдено е дека во 80% од зградите хидрантската мрежа е функционална.
Граѓаните, пак, се гневни. Според нив, надлежните реагираат дури откако ќе се случи трагедија, наместо редовно да ја следат состојбата. Некои од нив самостојно вложуваат во опрема, стравувајќи од можна повторна несреќа.
Противпожарниот сојуз на Град Скопје изминативе години извршил инспекции во над 3.000 станбени влезови, утврдувајќи дека во 95% од нив постојат одредени неправилности. На куќните совети им се даваат препораки, но интересот за подобрување на безбедноста останува слаб.
Дали оваа акција ќе донесе вистинска промена или ќе остане само привремена мерка на хартија, останува да видиме.
-Во текот на една година секој од овие десет сојузи има обврска да посети 30 станбени влезови. Посебни екипи контактираат со куќните совети да добијат дозвола за контролирање на влезот, пристапот за противпожарно возило, дали има надворешна хидрантска мрежа, како и внатрешни хидранти со потребната опрема. Се контролираат и скалите дали се слободни, но и коридорите за евакуација дали се проодни на најгорниот кат. Констатиравме дека кај 95 проценти од станбените влезови има некоја неправилност која може скапо да ги чини станарите при, ако не дај Боже има пожар. На куќните совети им укажуваме да ги отстранат недостатоците, им делиме и флаери со едукативни пораки, но гледам дека не се заинтересирани. Ќе се свестат ако нешто се случи – вели Петар Плотников, претседател на Противпожарниот сојуз на Град Скопје .
ИЗВОР: racin.mk