АНКАРА (АА) – Јеменските Хуси денес соопштија дека истрелале ракета кон аеродромот „Бен Гурион“ во Централен Израел, со што ја прекинале работата на аеродромот, пренесува Анадолу.
Во соопштението на војската на Хусите се вели дека Ракетните сили го таргетирале аеродромот „Бен Гурион“ со балистичка хиперсонична ракета и предизвикале прекин на операциите на аеродромот на речиси еден час.
Претходно израелската армија тврдеше дека пресретнала ракета истрелана од Јемен преку своите системи за противвоздушна одбрана.
Израелските медиуми, меѓу кои и порталот за вести „Тајмс оф Израел“, објавија дека сирени за воздушен напад биле активирани во неколку области низ Централен Израел, каде што луѓето на мобилните телефони добиле пораки за рано предупредување за ракетен напад.
Беше јавено дека летовите и функционирањето на аеродромот „Бен Гурион“, главниот аеродром во Израел, биле запрени во времето на ракетното лансирање и продолжиле подоцна.
Порталот објави дека јеменската ракета била пресретната од израелскиот систем за противвоздушна одбрана со долг дострел „Стрела“ откако американскиот систем за воздушна одбрана THAAD ја промашил.
Според соопштението на војската, немало извештаи за повредени или предизвикана штета од ракетниот напад.
Според израелските медиуми, Хусите лансирале 28 балистички ракети и десетици беспилотни летала кон Израел од 18 март, кога Израел ја продолжи својата геноцидна војна во Газа.
Извор: Anadolu Agency (AA)